Текстови

Благослови од крштавањето со Светиот Дух – Ден 3

Што се случува кога му се молиме на Бога за крштавање со Светиот Дух? Еве неколку примери на промени кои се случуваат кога сме исполнети со Светиот Дух: (1) Јакне желбата да ја проучуваме Божјата реч; (2) молитвениот живот станува поисполнет; (3) длабоко е каењето поради гревовите; (4) промени во начинот на живеење и работење. Крштавањето со Духот е неопходно бидејќи дури тогаш верникот може побезбедно да оди во заедницата со Христа. Според Библијата, човекот нe го познава Христа во потполна библиска смисла без крштавањето со Светиот Дух.

Ова е сликовидно прикажано во кратката приказна за десетте девојки (Матеј 25,1-13), во која Христос им вели на девојките кои останале без масло, односно без Светиот Дух: „Но тој им одговори и рече: ‘Вистина ви велам – не ве познавам!’“ (12 стих). Христос овде како и на други места во Писмото, зборува дека некои луѓе не ги познава. На пример, Исус рекол: „Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата. Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’ И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’“ (Матеј 7, 21-23).

Самото познавање на учењата на Библијата, или дејствувањето во активна служба за Исуса, не е замена за блиското запознавање со Него преку крштавањето со Светиот Дух. Крштавањето со вода е слично со свадбена свеченост, додека крштавањето со Духот симболично е прикажано со бракот кога невестата го „запознава” младоженецот. Сaтaната жестоко ќе се противи на оваа работа, бидејќи е свесен дека исполнувањето со Духот ќе ја скрши неговата сила во животот на верникот. Разбирањето и искуството на исполнување со Светиот Дух, според важноста, доаѓа веднаш зад разбирањето и прифаќањето на Исуса Христа за наш Спасител. Нема поважна работа за верникот од барањето да биде исполнет со Духот за да може победоносно да живее во Христа.

Уште една важна мисла истакнува дека исполнетоста со Духот мора секојдневно да се обновува. Тоа не претставува искуство кое се случува „еднаш засекогаш”. Павле вели дека „внатрешниот човек се обновува од ден на ден” (2. Коринќаните 4,16). Нам ни е потребно постојано и секојдневно обновување на исполнувањето со Светиот Дух во нашиот живот. Павловиот налог: „туку полнете се со Духот” (Ефесјаните 5,18) е траен глагол со грчко значење; потребно е секојдневно и постојано исполнување со Светиот Дух.

Христос е нашиот пример во сё. За Христовото искуство на крштавање со Духот, Елена Вајт пишува: „Секој ден одново се крштавал со Светиот Дух. Во утринските часови на секој нов ден Господ го будел од сон, вршел помазание на неговата душа и на неговите усни за да може да им дели на другите” (Христовите параболи, стр. 102). Ако на Христа му било потребно секојдневно примање на Светиот Дух, тогаш христијаните сигурно треба да се молат за тоа секојдневно искуство во Духот. Нашето растење до полнината во Христа благодарение на Светиот Дух претставува целосен процес: „А ние сите, со откриено лице, ја одразуваме Господовата слава и се преобразуваме во ист лик, од слава во слава, како што го прави тоа Господовиот Дух” (2 Коринќаните 3,18).

Духовниот раст е процес во кој секојдневно мора одново да влегуваме. Елена Вајт вака го опишува развојот на карактерот на оној што го прима Светиот Дух: „Кога Божјиот Дух ќе го освои срцето, Тој го преобразува и животот. Грешните мисли се отфрлаат, лошите дела се напуштаат; љубовта, понизноста и мирот го заземаат местото на гневот, караниците и зависта. Радоста го зазема местото на жалоста, додека лицето отсјајува со небесна светлина” (Копнежот на вековите стр. 147).
Колку е прекрасен благословот што Господ му го обезбедил на секого од нас преку крштавањето со Светиот Дух!