Текстови

Борбата на христијанинот – Ден 26

Денешното молитвено проучување го насловив „Борбата на христијанинот”, затоа што неверникот нема борби какви што има христијанинот. Необратениот човек го нема Божјиот Дух и, наместо Тој, со него владее телесниот ум. Според Павле, „бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бога; на законот Божји не му се покорува, ниту, пак, може’’ (Римјаните 8,7). Нехристијанинот не се покорува на правилата и на законите што Бог ги ставил во неговото срце.

Тој е послушен од лични, себични причини, поради притисок од општеството, итн. Или, пак, можеби е одгледан и воспитан во дом во кој се негувале добрите начела, преку кои се развила свеста која го наведува да живее живот достоен за почит. Од друга страна, пак, христијанинот се покорува на Бога бидејќи Божјиот Дух ја ставил желбата во неговото срце: „Но благодарејќи Му на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сё срце му станавте послушни на оној вид учење, на кое му се предадовте” (Римјаните 6,17).

Новородената личност ќе има силна желба да ја исполни Божјата волја во својот живот. Павле тоа го нарекува радување и „наслада во Законот Божји” (Римјаните 7,22). Со ветувањето на Новиот завет, Светиот Дух почнува да го пишува Божјиот Закон во срцето и умот на човекот: „Но укорувајќи ги, вели: ’Ете настапуваат деновите, вели Господ, и со домот Израилев и со домот Јудин ќе заклучам нов завет, но завет не таков, каков што заклучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за рака да ги изведам од земјата Египедска, зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги изоставив, вели Господ. Но овој е заветот, што ќе му го дадам на домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе ги вложам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ’” (Евреите 8,8-10).

„Вие се јавувате како Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесните плочки на срцето“ (2. Коринќ. 3,3). Но, новиот верник во себе открива и уште една желба – желбата за грев. Бидејќи сега го има во себе Божјиот Дух, свесен е за своите желби, иако претходно многу од тие желби воопшто не го загрижувале. И така, христијанинот открива дека во него постојат две природи: Една која го сака гревот, и друга која сака да се потчини на Бога. Павле во Римјаните 7, 14-25 јасно ја опишува таа силна борба што ја доживува секој христијанин:

„Затоа знаеме дека Законот е духовен, а јас, пак, сум од тело, продадено со гревот. А што правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она, што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар. И така, јас веќе не го правам тоа, туку гревот, што живее во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили. Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам. А штом го вршам она, што не го сакам, не го вршам веќе јас, но гревот, кој живее во мене. И така, во себеси наоѓам таков закон дека, кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи. Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт? Му благодарам на својот Бог преку Христа, нашиот Господ. И така, јас сам со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото – на гревовниот закон“.

Секој христијанин може да се препознае во борбата што ја опишува Павле. Христијанинот често пати ја доживува таа борба од ден во ден, од месец во месец, од година во година, и никогаш не успева да го победи гревот. Секој христијанин е потполно свесен дека постои „закон на гревот” кој престојува во него и води борба против желбата дадена од Бога да се биде послушен на Божјиот закон. Како што Павле тврди, тој се радувал на Божјиот закон; Тој силно посакувал да го послуша Бога, но, се воспоставило дека не е во состојба да го направи тоа. Неговата грешна природа постојано настојувала да го зароби со законот на гревот. Признавајќи дека му е невозможно да се покори на Бога под силата на гревот во својот живот, Павле извикал: „Јас несреќен човек!”

Тој потоа изјавува дека спасението од законот на гревот може да се случи само преку Исуса Христа, нашиот Господ (24 и 25 стих). Во текстот од Римјаните 8,1-4, Павле дава решение за овој проблем во животот на верникот: „И така, сега нема осудување за оние, кои се во Христа Исуса, и одат не по телото, а по Духот. Зашто законот на Духот на животот во Христа Исуса ме ослободи од законот на гревот и смртта. Зашто тоа, што му беше невозможно на Законот, зашто беше слаб заради телото, Бог го изврши: испраќајќи Го – заради гревот – Својот Син во обличје слично на грешното тело и, поради грев, го осуди гревот во телото, па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, кои не одиме по телото, туку по Духот“.

Решение за дилемата на христијанинот се постигнува кога ќе му дозволи на Исуса Христа да го ослободи од законот на гревот и смртта, преку законот на Духот на животот. Или, поинаку да кажеме, мораме да Му дозволиме на Исус да нё крсти со Светиот Дух и да живее живот во нас. Тоа е она што Павле го нарекува „чекорење во Духот”. Тој детално зборува за ова во своето послание до Галатјаните: „А велам: одете во Духот и нема да ги исполнувате страстите на телото, зашто телото копнее против Духот, а Духот против телото; зашто тие се противат еден на друг, за да не го правите она, што сакате“ (Галатјаните 5,16.17). Павле вели дека праведните барања на законот ќе се исполнат во нас, кога Христос ќе живее во нас благодарение на крштавањето со Светиот Дух: „Па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, – кои не одиме по телото, туку по Духот“ (Римјаните 8,4).