Текстови

Божјите заповеди и престојувањето во Христа – Ден 30

Послушноста на Божјите заповеди и престојувањето во Христа одат рака под рака. Не можете да го имате едното без другото. Исус рекол „Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов“ (Јован 15,10). Исус, Светиот Дух и Божјиот закон се неделливи. Кога престојуваме во Христа и Тој во нас, Десетте заповеди стануваат составен дел од нашиот живот затоа што Светиот Дух ги испишува во нашето срце:

„Зашто е очигледно дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба; напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку врз плочи – на човечките срца“ (2. Коринќаните 3,3). Всушност, токму Исус пред своето отелотворување му ги дал на Мојсеј Десетте заповеди. Бог, кој ги дал Заповедите, му се открил на Мојсеја како ЈАС СУМ: „’ЈАС СУМ, КОЈ СУМ’, му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: ’Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас’” (2. Мојсеева 3,14). Исус тврдел за себе дека е ЈАС СУМ од Стариот завет: „Исус им рече: ’Вистина, вистина ви велам: Јас Сум, пред да се родил Авраам’“ (Јован 8,58).

Во Павловите посланија наоѓаме многу упатства за тоа какви ставови и однесувања Господ сака да покажуваме во нашиот живот. Павле дал многу јасно упатство за однесувањето: „Во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, и да се обновувате во духот на својот ум, и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината.

Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други! Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, и не давајте му место на ѓаволот! Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба! Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, – каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите. И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето! Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба. Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа“ (Ефесјаните 4,22-32).

Зошто во Библијата се издвојува толку простор за известување за тоа какво однесување очекува Бог од нас? Причината поради која треба да знаеме какви ставови и какво однесување Тој сака да имаме, се наоѓа во потребата да бидеме свесни за можностите во кои доживуваме искушение погрешно да се однесуваме. Кога не би ја знаеле Божјата волја во тие подрачја, не би одлучиле да му дозволиме на Христа да го изрази тој вид на својот карактер во нас. На пример, ако верникот не знае дека погрешно е да се предадеш на гневот и да кажеш нешто лошо кога некој ќе го повреди, тој нема да ги оттргне своите мисли од гневот и критичкиот дух кој започнува да го обзема. Тој нема да се реши да му дозволи на Христа да ја покаже својата способност да „не се лути” и „да има некритички дух” во дадена ситуација. Тој не почнал да го развива Христовиот карактер во таа област од својот живот.

Кога Христос живее во нас, Тој копнее својот живот да го покаже во нас и преку нас. Тоа значи дека Тој ќе тежнее да ги исполни Десетте заповеди во нашиот живот токму како што го правел тоа додека чекорел на оваа Земја: „Мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето” (Псалм 40,8). Исто така, Десетте заповеди нераздвојно се поврзани со љубовта. Исус тоа јасно го нагласил во своето поучување: „И ете, еден Му пристапи и рече: ’Учителе добар, какво добро да направам, за да имам вечен живот?’ А Тој му рече: ’Зошто Ме прашуваш за добро? Еден е Добар! А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите!’ Му рече: ’Кои?’ А Исус рече: ’Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си и љуби го својот ближен како себеси!’“ (Матеј 19,16-19). „И еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го: „Учителе, која е големата заповед во Законот?” А Тој му рече: ’Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!’ Тоа е најголемата и прва заповед; а втората е како и оваа: ’Љуби го твојот ближен како себеси!’ На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците” (Матеј 22,35-40).

Апостол Павле учел дека љубовта и Десетте Божји заповеди се однесуваат на истото искуство во човечкиот живот: „Не должете му никому ништо, освен да се љубите еден друг, зашто кој го љуби другиот, го исполнува Законот. Зашто заповедите: ’Не прави прељуба! Не убивај! Не кради! Не посакувај!’ – и ако има уште некоја друга заповед – содржани се во овие зборови: ’Љуби го својот ближен како себеси!’ Љубовта не му прави зло на ближниот. И така: љубовта е исполнување на Законот“ (Римјаните 13,8-10). Првите четири заповеди откриваат како да го сакаме Бога, а останатите шест како треба да ги сакаме сите луѓе. Оттука, Христовото престојување во нас, Десетте заповеди, љубовта и блиското познавање на Исус се тесно поврзани.

Не можете да имате ниту еден елемент без останатите. Јован во своето Прво послание пишувал за таа тесна врска: „И по тоа знаеме дека сме Го познале, ако ги пазиме Неговите заповеди. Кој вели: ’Го познав’, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него. А кој го пази Неговото слово, во него, навистина, љубовта кон Бога стигнала до совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него. Кој вели дека останува во Него, тој треба да оди, како што одеше Тој“ (1. Јованово 2,3-6).

Јован јасно го поврзува познавањето на Исус, Десетте заповеди, љубовта и престојувањето во Него. Тој вели дека, доколку престојуваме во Христа ќе „одиме” или ќе живееме како што живеел Тој. Зошто? Затоа што Исус ќе живее со својот живот во нас, а нашиот живот ќе биде послушност на Божјите заповеди, т.е. на Декалогот.