Текстови

Божјо семејство – Ден 37

Гревот го поделил Божјото семејство. Планот на откупување бил воспоставен за тоа семејство да се обнови. Павле се обраќа до оние кои одговориле на Божјиот повик во својот живот на следниов начин: „Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојденици, туку сте сограѓани на светите и домашни на Бога” (Ефесјаните 2,19). Грчкиот збор преведен како „домашен/домаќинство” гласи оikeios.

Кога ќе поверуваме во Исуса Христа, ние стануваме членови на Божјото домаќинство. Стануваме членови на Божјото семејство. По традициjа склони сме за Црквата да размислуваме во поширока смисла, од аспект на заедница или oд аспект на Црквата како собор. Не сме склони за Црквата да размислуваме како за помало семејство. Меѓутоа, Црквата во првите денови, од библиска и историска перспектива, била составена од мали домашни заедници. Тие мали групи дејствувале како семејство.

Кога Павле ги опишува сопствените чувства кон Божјото семејство во Солун, тој зборува за односот кој треба да се доживее во Божјото семејство: „Така, полни со љубов кон вас сакавме да ви го предадеме не само Божјото Евангелие туку и своите души, зашто ни станавте мили” (1. Солуњаните 2,8). Овој вид на нежни односи не може да се исполни во пошироката црковна средина. Ако нашите црковни активности се состојат пред сè во доаѓање во црква во сабота наутро, во поздравување со пријателите, а потоа враќање дома, ние нема да можеме да го стигнеме тоа ниво на семејно заедништво.

На пример, што би било кога некој би ви раскажувал за семејство кое е разделено во текот на седмицата, а потоа се собира еднаш седмично на час-два, кратко се поздравува, потоа седи во редовите и слуша нечие предавање. Потоа одат по своите патишта за, по седум дена, повторно да бидат „заедно”. Тогаш повторно се поздравуваат еден со друг, седат во редовите и слушаат уште едно предавање. Што би помислиле за единството на една таква заедница? Мислам дека би се запрашале дали овие луѓе навистина се семејство. Повеќето би заклучиле дека нивниот стил на семејно заедништво треба во многу да се подобри. Звучи чудно и тажно, но повеќето христијани тежнеат како црковно семејство да го употребуваат токму тој семеен образец.

Во едно здраво семејство членовите се блиски и добро се познаваат. Тие ги познаваат стравовите, надежите, соништата, фрустрациите и борбите едни против други. Во нежно и грижливо семејство членовите се тука да се охрабрат еден со друг со зборови и дела. Божјото семејство треба да функционира на ист начин. Меѓутоа, Божјото семејство има една значајна предност во однос на просечното семејство во светот. Божјото семејство го има искуството на присутноста на плодовите и даровите на Духот во својата средина.

Сам Бог им служи на членовите на семејството. Тој тоа го прави преку секој член од семејството, додека тие постојано се крштаваат со Светиот Дух. Блиското заедништво со Бога, кој го донесува тоа секојдневно крштавање, му овозможува на Христа да живее во секој верник и да служи преку нив, но ваквата семејна динамика може да се оствари во средина во која постојат мали групи на верници.