Делото на Евангелието завршено со Светиот Дух – Ден 17

Исус проповедал: „И ќе се проповеда ова евангелие за Царството по целиот свет за сведоштво на народите. И тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24,14). Непосредно пред Исусовото доаѓање, ќе биде покренат таков незапирлив евангелизам кој ќе предизвика моќно сведочење за Радосната вест упатена до жителите на ова Земја. Пророкот Јоил прорекол две излевања на светиот Дух – ран и позен или доцен дожд.

„И вие, синови Сионски, радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог, зошто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш“ (Јоил 2,23). На денот Педесетница Петар во својата проповед назначил дека раниот дожд во вид на излевање на Светиот Дух отпочнал од тој ден: „Туку тоа е кажаното од пророкот Јоил: Во последните денови – вели Господ ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, а вашите младенци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа. Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од својот Дух и ќе пророкуваат“ (Дела 2,16-18).

Тој ран дожд на Духот се нарекува и крштавање со Светиот Дух: „И додека беше заедно со нив им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим туку да го чекаат ветувањето од Таткото, ‘што го имавте од мене’. Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух, не по многу дни… Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија и сè до крајот на земјата“ (Дела 1,4-8).

Книгата Дела на апостолите го опишува незапирливиот евангелизам кој се случил во тоа време. Илјадници биле задобиени за Христа. Секој христијанин кој ја прочитал книгата Дела на апостолите најверојатно посакал еден ден повторно да се случи ова моќно дејствување на Светиот Дух. Пред неколку години, проучувајќи и посакувајќи го крштавањето со Светиот Дух, почнав сè подлабоко да разбирам колкаво силно делување на Божјиот Дух ќе настапи. Бог започна да покажува како „помазаните верници, исполнети со Духот“ силно ќе ги употреби за да бидат илјадници придобиени за Христа. Разбрав дека професионалните евангелисти, радиото или телевизиските програми не ќе го завршат Божјото дело во последното време, иако и тоа има свое место.

Напротив, Божјото дело ќе се заврши кога Неговиот народ ќе бара и ќе го искуси крштавањето со Светиот Дух и кога ќе му дозволи на Христа преку нив да допре до другите луѓе. Божјето дело нема да се доврши со некои нови програми или со посебни методи; Бог своето дело ќе го доврши преку луѓе исполнети со Светиот Дух кои потполно му се предадени на Христа и кои му дозволуваат Тој да живее во нив и преку нив да им служи на другите. Затоа Исус им рекол на учениците дека, пред да настојуваат да го однесат евангелието низ целиот свет, треба да го причекаат крштавањето со Светиот Дух (Дела на апостолите 1,4-8). Иако биле со Исуса и три и пол години им служеле на луѓето, сè уште не биле подготвени да му говорат на светот за Исуса. Морале да чекаат на силата на Духот.

Кога посветените христијани ќе го доживеат Христа на таков начин, ќе настапи повторно незапирливо ширење на евангелието и повторно големо излевање на Светиот Дух, познато како доцен дожд кој ќе падне на Земјата. Овој дел од молитвеното проучување посветен е за обид да му се помогне на читателот да разбере како ќе се оствари тоа повторно незапирливо ширење на евангелието и како секој верник би учествувал во тоа. Во суштина, сите кои се подготвени да се сретнат со Исуса при Неговото повторно доаѓање ќе учествуваат во тоа.