Духот во нас ја буди желбата за молитва – Ден 9

Кога ќе бидеме крстени со Светиот Дух во нас почнува да расте длабока внатрешна желба да бидеме поврзани преку молитва со нашиот Небесен Татко. „А врз Давидовиот дом и врз Ерусалим ќе излеам милостив и молитвен дух. И ќе гледаат на Оној Кого го прободија; ќе тажат над Него како над единец; ќе го оплакуваат горко како првенец” (Захарија 12,10). Ние може да и се потчиниме на оваа желба која потекнува од Бога, или пак да ја занемариме и да продолжиме да бидеме христијани кои повеќе работат отколку што се молат.

Сепак, доколку сакаме да ги доживееме Божјите длабочини и полнината во Христа, треба да и се покориме на желбата за молитва. Ако сакаме да видиме како Неговата ослободителна сила се огледува во нашиот живот и ги победува работите со кои сатаната сака да нè совлада и ако сакаме да видиме како Божјата сила дејствува преку нас, нудејќи им го на другите благословот на Неговото избавување, ќе мора многу повеќе време да поминуваме во молитва со Бога.

Христијаните со години знаат за силата на молитвата. Многу пати сме вложувале напори да посветиме време за молитва, но најчесто тие периоди за молитва биле мотивирани од некоја криза, така што не траеле долго. Нашиот проблем е во тоа што сме станале самоуверени, бидејќи сме ги задоволиле сопствените потреби и потребите на црквата. Сме се навикнале да се потпираме на сопствените напори во остварувањето на Божјето дело. Многу планираме а вклучени сме и во многу програми во црквата. Научени сме да се потпираме на „телото” кога работиме за Бога. Во својата милост Бог ги благословува нашите слаби напори. Сепак, кога во согласност со Неговата желба ќе бидеме крстени со Светиот Дух и ќе влеземе во заедница со него во молитва, може да добиеме благослов кој во голема мера ќе ги надмине нашите очекувања. Само тогаш нашите планови ќе бидат Божји планови и нашите активности Божји активности.

Исус имал таква длабока, осмислена и цврста заедница со својот Татко. Всушност, тој однос бил толку близок, што Исус можел да каже: „Јас и Татко Ми едно сме” (Јован 10,30). Сè што правел Исус било водено од Неговиот Татко. Неговите зборови, Неговите постапки, сè било правено со водството и силата од Таткото. Исус тоа го нагласува кога рекол: „Не веруваш ли дека Јас Сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; Таткото, Кој е во Мене, Тој ги прави делата” (Јован 14,10). Како Исус го постигнал тоа потполно единство со Својот Татко? Преку крштавањето со Светиот Дух и молитвата. За време на воденото крштавање Исус се молел: „Кога се крсти сиот народ се крсти и Исус и кога се молеше небото се отвори, и Светиот Дух слезе на Него, во телесен облик, како гулаб, и се чу глас од небото: ‘Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата милина’” (Лука 3,21.22).

Во одговорот на Христовата молитва, Светиот Дух слегол на Него и тој бил крстен со Светиот Дух. Веднаш по овој настан, Духот го одвел во пустината каде што поминал 40 дена во пост и молитва. „А Исус исполнет со Светиот Дух, се врати од Јордан, и Духот го водеше во пустината четириесет дена, каде беше искушуван од ѓаволот. А во тие дни не јадеше ништо, а кога поминаа тие, Тој огладне” (Лука 4,1.2). Благодарение на посебната заедница со Својот Татко, Христос подготвен тргнувал да ја остварува работата што требал да ја исполни на Земјата. Бил засилен да извојува победа над сатаната и да го порази: „И Исус се врати, во силата на Духот, во Галилеја и гласот за Него се разнесе по целата околина” (14 стих). Четириесетте дена на молитва во која сте решиле да учествувате, замислени се да го сторат истото тоа и за вас. Во текот на тие 40 дена ќе ја почувствувате силата неопходна за да го победите сатаната и ќе станете канал преку кој Христос ќе може да им служи на другите.