Текстови

Духовното крштевање и Второто Христово Доаѓање – Ден 8

Радосната вест за денес гласи дека Исус доаѓа наскоро! Не го велам ова само поради терористичките напади, светските судири, појавите на епидемија или поради природните катастрофи; сето тоа укажува на скорото Христово доаѓање. Сепак, постои нешто друго што уште повеќе нè уверува дека Христовото доаѓање е толку близу. А тоа е што Тој нè поттикнува да ја разбереме и да ја задоволиме потребата од крштавање со Светиот Дух.

Последните стихови од Откровение 6. глава го опишуваат Исусовото доаѓање и го поставуваат прашањето: Кој ќе може да опстане? Тоа значи, кој ќе биде во ситуација да го преживее тој настан? Одговорот го наоѓаме во Откровение 7,1-3: „Потоа видов четири ангела како стојат на четирите агли од земјата, држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува ветар ни на земјата, ни по морето, ниту на некое дрво. И видов друг ангел како се подигаше од исток кој имаше печат на живиот Бог. И тој извика со висок глас кон четирите ангели, на кои им беше дадено да и пакостат на земјата и морето, велејќи: ‘Не пакостете и на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!’” Само оние што го имаат Божјиот печат ќе бидат во состојба да го преживеат второто Христово доаѓање. Всушност, Бог задржува многу разорувачки сили на оваа Земја, додека Божјиот народ не биде запечатен. Уште едно мошне важно прашање: Како се запечатуваме?

Библијата кажува дека ние се запечатуваме со Светиот Дух: „И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето” (Ефесјаните 4,30). Етe што претставува крштавање со Светиот Дух. Тоа е како со секојдневното крштавање со Светиот Дух да го примаме печатот и се приготвуваме за второто Христово доаѓање. Бог не чека на уште поголеми терористички напади, епидемии на болести или природни катастрофи. Елена Вајт ни кажува што чека Христос: „Христос со длабок копнеж очекува да се покаже во својата Црква. Кога неговиот карактер совршено ќе се обнови кај неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги земе како свои” (Христовите параболи, стр. 43.44).

Ова може да се случи во нашиот живот благодарение само на крштавањето со Светиот Дух. Само со таквото крштавање можеме да бидеме подготвени во времето кога ангелите ќе ги пуштат ветриштата на разурнување. Елена Вајт пишува: „Ништо освен крштавањето со Светиот Дух не може Црквата да ја доведе во исправна положба, ниту да го приготви Божјиот народ за судирот кој брзо се приближува” (2 Маnuscript Releases, стр. 30). Како христијани адвентисти се соочуваме со една опасност. Имено, сметаме дека сме безбедни и дека ќе бидеме подготвени за Христовото доаѓање затоа што ја познаваме вистината за саботата, за состојбата на мртвите, за жигот на ѕверот, и за начинот на Христовото доаѓање. Тоа е кобна грешка. Тие учења се важни; сепак, знаењето, само по себе, нема да нè спаси. Имајте на ум дека Исуса го распнале токму оние што давале десеток, ја почитувале саботата, се придржувале кон здравствената реформа. Нема да нè оспособи за спасение она што го знаеме, туку Оној што го знаеме (Јован 17,3). Мора да имаме блиска заедница со Исуса Христа доколку сакаме да бидеме подготвени за неговото доаѓање.

Бог денес повикува еден народ кој ќе го прифати крштавањето со Светиот Дух за да стане сличен на Христа, да го прими позниот дожд на Светиот Дух, и да биде подготвен за Христовото доаѓање: „Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме каков што е” (1. Јованово 3,2). Меѓутоа, Црквата денес има еден проблем. Бог ни кажува дека се наоѓаме во лаодикејска состојба и, ако не се промениме, нема да бидеме подготвени за Христовото доаѓање. Исто така, Бог ни нуди решение: Исус поцелосно нека влезе во нашиот живот! „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“ (Откровение 3,20)

На кој начин му дозволуваме на Исуса да влезе во нашиот живот и како да оствариме блиска заедница со Него? Елена Вајт ни кажува: „Мора да имаме жива врска со Бога. Мора да се облечеме во сила од висините, на тој начин што ќе бидеме крстени со Светиот Дух, за да постигнеме повисоко ниво; зашто на некој друг начин нема помош за нас” (Review and Herald, 5. април 1892).