Текстови

Два вида на дејствување на Светиот Дух – Ден 1

Поимот крштавање со Светиот Дух подразбира постоење на два вида на дејствување на Духот. Едниот нè наведува да го прифатиме Христа и да бидеме крстени во вода. Тоа дело на Духот важи за сите. Второто дејствување на Духот се огледува во исполнувањето на христијанинот со Христовото присуство, за да можат тој или таа да живеат вистински христијански живот и да творат Божји дела. Тоа е крштавање со Свети Дух, и тоа дејствување на Духот не е насочено кон неверник, туку на оној што верува во Исуса Христа, зашто Тој рекол дека светот не може да го прими на овој начин: „Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде” (Јован 14,16.17).

Исус укажува дека на денот Педесетница крштавањето со Светиот Дух станало достaпно за сите верници, зашто кажува дека Тој „во вас ќе биде”. И денес ни е достапно тоа чудесно искуство на исполнетост со Духот. Исус е наш Пример во сè. Тој бил „роден” од Духот, воден од Духот од детството до мажевното доба, и крстен со вода. Набрзо по ова крштавање, бил крстен со Светиот Дух, за кого се молел за време на своето крштавање во Јордан: „А кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус, и додека се молеше, се отвори небото, и Светиот Дух слезе на Него во телесен облик, како гулаб, и се слушна глас од небото, кој велеше: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја” (Лука 3,21.22).

Откако се исполнил со Духот, Исус бил подготвен, како никогаш порано, во силата на Духот да тргне во борба со сатаната: „Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината. Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот. Во текот на тие денови не јадеше ништо, а кога изминаа тие, најпосле огладне. Тогаш Му рече ѓаволот: ‘Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.’ А Исус му одговори и рече: ‘Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот, туку и со секој збор Божји’. Потоа ѓаволот Го одведе на една висока планина и му ги покажа за миг сите царства во светот. И Му рече ѓаволот: ‘Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. Ако Ти ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое’. Но Исус му одговори и рече: ‘Бегај од Мене, сатано, зашто напишано е: ‘На Господа, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘ И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на стреата од храмот, па Му рече: ‘Ако си Син Божји, фрли се одовде долу! Зашто е напишано: На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те зачуваат; и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш ногата Своја на камен‘. И Исус му одговори и рече: ‘Кажано е: Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘ Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за некое време” (Лука 4,1-13).

Бил зајакнат да проповеда и да учи за Божјето царство, да ја извршува службата на исцелување и да истерува ѓаволи:

„И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај… Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано: ‘Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скршено срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова!’” (Лука 4,14-19).
Исус рекол дека оние што веруваат во него ќе прават дури и поголеми чуда од него: „Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; зашто Јас си одам кај Својот Отец” (Јован 14,12).

Кога ќе бидат крстени со Светиот Дух, верниците стануваат ополномоштени за ги прават истите дела како и Христос, бидејќи ги исполнил со истиот Дух со кој и самот Христос бил исполнет: „Кој верува во Мене, како што е речено во Писмото, од неговата утроба, ќе потечат реки од жива вода. А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Него; зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен” (Јован 7,38.39). Бог е со верникот и пред искуствотo на исполнување со Духот, затоа што го повикал и го поттикнал да го прифати Христа и да се крсти со вода. Меѓутоа, верникот нема да ја има полнината на силата на Духот во себе сè додека не биде крстен со Светиот Дух. Затоа Исус им рекол на своите ученици да го причекаат излевањето на Духот на денот Педесетница, пред да започнат да го проповедаат Евангелието:

„Еднаш кога ги собра, Тој им заповеда: ’Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене: Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кои беа собрани, Го прашаа велејќи: ‘Во ова време ли Ти ќе го востановиш, Господи, царството Израилево?’ И Тој им одговори: ‘Не е ваше да ги знаете времињата или часот што Отецот ги поставил во Своја власт; но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата’” (Дела 1,4-8). Крштавањето со Светиот Дух денес е достапно за секој верник. Бог ветил дека ќе ни го даде својот Дух во сета полнина ако го бараме со вера: „Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што Му бараат?“ (Лука 11,13). „Така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата” (Галатите 3,14). Во врска со крштавањето со Светиот Дух, Елена Вајт пишува: „Сакам да бидеме крстени со Светиот Дух, а тоа мора да се случи за да можеме да го исполниме совршенството на животот и на карактерот. Би сакала секој верник на Црквата да го отвори своето срце за Исуса и да каже: ‘Дојди, небесен Гостине, и престојувај во мене’” (2. Manuscript Release 26).

Некој можеби ќе се запраша: „Дали ми се потребни одредени квалификации за да бидам крстен со Светиот Дух?” Постојат две барања. Првото е да го примите Христа за свој Спасител. Второто е одлука во потполност да му го предадете својот живот. Ако сте го прифатиле Христа и сакате да го следите во сите видови на своето живеење, вие сте се квалификувале. Доколку сакате и имате длабока желба да доживеете крштавање со Светиот Дух, ве повикувам да се молите со следната молитва:

„Татко, Ти благодарам што ме поттикна да го прифатам Христа за свој Спасител, и Те молам да ми ги простиш сите мои гревови. Сакам својот живот во целост да му го предадам на Исуса. Ти благодарам за ветувањето дека ќе ме исполниш со својот Свет Дух и се повикувам на ветувањето за крштавањето со Светиот Дух во мојот живот токму сега. Татко, исполни ме со својот Дух и направи во мене да се покажат сите плодови на Духот. Исто така, те молам до таа мера да ме исполниш со Исусовото присуство за неговиот карактер целосно да се покаже во мене. Се повикувам на твоето ветување дека ќе ме зајакнеш со својот Дух да ти служам, додека ме водиш во службата за Исуса. Ова Те молам во името на Исуса Христа, амин.”