Христос дава победа – Ден 28

Сè додека христијанинот не сфати и не искуси што значи Христос да му даде победа, тој нема да има искуство доследно за живот во послушност каков што посакува. Во денешното молитвено проучување ќе образложам како да му дозволите на Христос да го живее својот победоносен живот во вас. Кога ќе ја сфатите и ќе ја доживеете таа вистина, вашиот христијански живот никогаш повеќе нема да биде ист.

Наместо живот со повремена послушност и прекршени ветувања во однос на Бога, вие со текот на времето, преку Христа ќе искусите живот на победа над секое искушение и грев коишто сатаната ги поставува на вашиот пат. Дали таквиот живот на верна послушност е навистина возможен? Можеме ли да постигнеме вистинска победа над секое искушение и над секој грев во нашиот живот? Тоа е, всушност, живот на кој Бог нè повикува:

„Тоа го знаеме: нашиот стар човек е распнат заедно со него, за да биде уништено телото на гревот, па да не му робуваме веќе на гревот” (Римјаните 6,6). „Така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бога во Исуса Христа нашиот Господ! И така, нека не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате неговите страсни желби! И не давајте му ги вашите членови на гревот за оружје на неправдата, туку предавајте Му се сами себеси на Бога, како оживени од мртвите, а вашите членови на Бога за оружје на правдата! Имено, гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта” (од 11 до 14 стих). Елена Вајт се сложува: „Човекот кој нема доволно вера во Христа, дека Toj може да го сочува да не греши, нема таква вера која му дава право да влезе во Божјото царство’’ (Маnuscript 161, 1897, стр. 9).

Значи, како гласи одговорот на прашањето како можеме секогаш да имаме победоносен христијански живот? Одговорот е да му дозволиме на Исус да го живее својот победоносен живот во нас, а тоа е вистината која се отркива низ целата Библија: „Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам” (Псалм 16,8). „Чие значење е цврсто, кој го чува мирот зашто се надева во Тебе. Надевајте се во Господа довека, зашто Господ е Вечна Стена” (Исаија 26,3.4). „Останете во Мене како Јас во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не остане на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене” (Јован 15,4.5).

Христовиот ум бил исполнет со чисти, свети и високи мисли. Ако од Христа сме побарале да живее во нас преку крштавање со Светиот Дух, ако веруваме дека Тој тоа го прави и ако веруваме дека Тој ќе ја покаже својата љубов – своите чисти, свети, вдаховени мисли во нашиот ум – Тој тоа и ќе го стори. Тоа е состојба на верата, ако веруваме, Тој навистина ќе се покаже во нашиот живот. Павле го препознава тој факт, кога пишува: „Со Христа сум распнат на крстот; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене” (Галатите 2,20). „Да ви даде, според богатството на Својата слава – да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек” (Ефесјаните 3,16.17).

Доколку сакате да доживеете Христос да живее во вас, мора да сфатите дека Исус буквално живее во вас. Тој рекол дека тоа го прави, и може да му верувате. Тоа се случува кога секојдневно ќе бидете крстени со Светиот Дух: „И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас. Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас” (Јован 14,16-18). И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој – во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот кого ни го дал” (1. Јованово 3,24).

Преку Христа, кој живее во нас, ние го имаме неговиот ум: „Зашто: ’Кој го познава Господовиот ум, за да го поучи?’ А ние го имаме Христовиот ум” (1. Коринќаните 2,16). Ние ја имаме неговата љубов, неговата радост, неговиот мир, трпение, добрина, милост, вера, кроткост, воздржување – сите плодови на Духот. „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата; нема закон против вакви нешта” (Галатите 5,22.23).

Преку Христа Кој живее во нас, благодарение на Светиот Дух, ние го сакаме она што Тој го сака, не го сакаме она што Тој не го сака, ги имаме неговите чисти мисли, неговата прошка – листата би можела да продолжи во бескрај. Секоја Христова добра особина се наоѓа во нас и преку Христос кој престојува во нас. Како треба христијанинот да ја примени таа вистина? Едноставно речено, треба да ги преземе следните чекори, кога ќе станете свесни за искушението кое ве наведува на грев:

1. Одлучете веднаш да ги пренасочите своите мисли од искушението: „Впрочем, браќа, сè што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас – ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба – мислете на тоа!“ (Филипјаните 4,8).

2. Верувајте дека е скршена моќтта на вашата грешна природа која ве наведува на искушение;

3. Верувајте дека е Исус во вас, и побарајте од него да ви ја даде неговата сила за да се спротивставите на искушението. Бидете истрајни во своето барање.

4. Верувајте дека Тој ќе ви се покаже на таков начин, останете во тоа уверување и немојте да се борите против искушенијата. Кога се бориме со искушението, ние всушност се концентрираме на искушението и се обидуваме да му одолееме со своја сопствена сила, наместо да гледаме на Исуса за да издвојуваме победа: „Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нè сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол” (Евреите 12,1.2).

5. Благодарете Му за избавувањето кое ви го дал.