Текстови

Христос во вас – ден 4

Кога верникот ќе се крсти со Светиот Дух, тој потполно го воведува Христа во својот живот. Исус тоа го прорекол кога на своите ученици им го ветил Утешителот кој ќе го прати Таткото за да живее меѓу нив: „И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас” (Јован 14, 16.17). Тој утешител е Светиот Дух. Исус потоа им рекол: „Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас“ (18 стих).

Според ова Исус преку Светиот Дух доаѓа „да живее” со својот народ и „да биде” во него. Токму благодарение на исполнувањето со Духот, Исус најпотполно живее помеѓу своите ученици: „И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој – во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го дал“ (1. Јованово 3,24). Јован нагласува дека христијаните кои ќе живеат во времето на Исусовото доаѓање ќе бидат „како” Исус. „Возљубени, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме; но знаеме: кога ќе се открие ќе Му бидеме слични, зашто ќе Го гледаме Онаков Каков што е” (2 стих).

Колку треба да станеме слични на Исуса? Грчкиот збор преведен со „како”, значи „токму како Него”. На кој начин може да се случи тоа? Со секојдневно крштевање со Светиот Дух, Исус со својот живот ќе живее во нас. Павле вака го опишува тоа искуство кога вели: „Зашто јас умрев преку Законот за Законот, за да живеам за Бога. Со Христа сум распнат на крстот; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене” (Галатите 2,19.20).

Благодарение на исполнетоста со Светиот Дух, Христос ќе дојде да живее во секого од нас. Поради Христовото присуство верникот исполнет со Дух ќе го поседува Христовиот ум: „Зашто: ’Кој го познава Господовиот ум, за да го поучи?’ А ние го имаме Христовиот ум” (1. Коринќаните 2,16). „Имајте ја во себе истата мисла, која беше и во Исуса Христа“ (Филипјаните 2,5). Верниците ќе го сакаат она што го сака Христос а ќе го мразат она што Христос го мрази, ќе ја сакаат љубовта кон праведноста и посветувањето, а ќе го мразат гревот. Тие ќе ја имаат истата желба да го послушаат Отецот како што ја има и Христос:
„Тогаш реков: ’Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене; мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето’” (Псалм 40,7.8). Големата љубов што ја има Христос кон луѓето ќе ја имаат и тие: „Зашто Човечкиот Син дојде да го бара и да го спаси изгубеното“ (Лука 19,10).

Павле ни вели дека мудроста и светоста се во Христа: „За да не може ниедно тело да се пофали пред Бога. Од Него сте и вие во Христа Исуса, Кој ни стана мудрост од Бога, праведност, и осветување, и искупување, за да биде како што е напишано: ‘Кој се фали, во Господа да се фали’” (1. Коринќаните 1,29-31). Секоја Христова доблест и добра особина се наоѓа во верникот исполнет со Светиот Дух, бидејќи Христос тогаш живее во него. Верниците секојдневно ќе стануваат сè послични на Него „и ќе се преобразуваат во ист лик, од слава во слава, како што го прави тоа Господовиот Дух” (2. Коринќаните 3,18). Живеејќи во верникот преку исполнeтоста со Духот, Христос прави Неговиот карактер потполно да се развие во него. Светиот Дух со себе ќе го носи „плодот на Духот”: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата; нема закон против вакви нешта” (Галатите 5,22.23).
Тие прекрасни плодови во карактерот на верникот ќе се манифестираат сè пообилно додека Духот сè поцелосно ќе го исполнува неговиот живот и ќе направи животот на верникот да биде сё посличен на Христовиот (1. Јованово 3,2). Исто така, крштавањето со Светиот Дух ќе доведе до целосно исполнување на Христовото ветување дека верниците ќе прават такви дела какви што правел Тој, дури и поголеми: „Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас, ќе ги прави и тој. Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам при Мојот Татко“ (Јован 14,12).

Тоа се случува кога верникот ќе доживее крштавање со Светиот Дух и ќе продолжи да живее во Духот. Верникот за светот станува она што бил и Христос. Ние стануваме Христова уста, раце и стапала, чинејќи ги делата што ги правел Христос – проповедање, поучување, исцелување и оневозможување на ѓаволот. Тоа претставува „потполно јавување на Божјите синови” и се однесува на сè што е создадено. „Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови” (Римјаните 8,19). Кога ќе се случи тоа во сета полнина, земјата ќе биде просветлена со Божјиот карактер и тогаш ќе дојде крајот:
„Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава“ (Откровение 18,1). Христовото присуство во верникот, остварено преку крштавањето со Светиот Дух, претставува единствена надеж на христијанинот дека Христовата слава ќе се открие преку него: „На кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата” (Колошаните 1,27).