Во текот на вековите истрајноста во молитвата се смета за суштински фактор за унапредување на Божјето царство на земјата. Сепак, оние меѓу нас коишто живеат во западната култура склони се да посакаат побрз одговор на своите проблеми. Често пати овој став на „брза привремена поправка” проникнува и во нашиот молитвен живот. Често за нешто ќе се молиме повремено, но не и истрајно.
Вистината во сето тоа е дека истрајната молитва не е едно од решенијата; таа е неопходност, токму како што е тоа и здружената молитва, доколку сакаме да го победиме својот непријател лично и заеднички како црква. Оние што ќе бидат подготвени да се сретнат со Исуса ќе знаат од лично искуство што значи да се истрае во молитва. Молитвата ќе игра главна улога во подготовката за тој голем настан. Исус лично бил запознат со неопходноста од истрајна молитва. Често пати поминувал цели ноќи во молитва. Во Евангелието според Лука 18. глава Тој раскажал настан кој јасно ја илустрира нужноста од истрајна молитва во животот на секој христијанин. Два клучни израза ја подвлекуваат неговата главна мисла. Лука вака ја започнува кратката Исусова приказна: „Им кажа и една парабола како треба секогаш да се молат и да не паѓаат со духот” (Лука 18,1).
Намерата на оваа кратка приказна се исполнува во пораката за истрајноста во молитвата. Лука знаел дека Исус учи постојано да се молиме на Бога, и да не дозволуваме да се обесхрабриме и да не „паѓаме со духот” сè додека не го добиеме одговорот. Грчкиот облик на глаголот „се моли” претставува постојано дејство. Исус во оваа парабола учи дека треба постојано да се молиме и никогаш да не престанеме или да се откажеме. Друга реченица која ја зголемува важноста од истрајна молитва е: „Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?” (7. стих).
Исус овде јасно учи дека често пати Божјите одговори на нашите молитви ќе дојдат само како резултат на нашето истрајно барање што му го упатуваме „ден и ноќ”. Молитвата составена и искажана набрзина нема да донесе резултати како доследната, истрајна молитва. Елена Вајт во свое време ја препознала духовната слабост на Божјиот народ. Го запрашала Божјиот ангел зошто е тоа така. Забележете го одговорот: „Го прашав ангелот зошто кај Израелскиот народ нема поголема вера и духовна сила. Тој рече: ‚Вие пребрзо ја испуштате Господовата рака. Кога ги упатувате своите молби до Престолот на милоста, треба, со цврста вера, да бидете истрајни во тоа. Ветувањата се сигурни. Верувајте дека ќе го примите она што го барате и така ќе биде.’
Тогаш ми беше укажано на Илија. Тој беше смртен човек како нас, и сесрдно се молеше на Бога. Неговата вера ја издржа проверката. Седум пати се молеше на Господа да падне дожд, и најпосле се појави облак” (Еarly Writings, стр. 73) Многу од нас сè уште „пребрзо ја испуштаат Господовата рака”. Мора да научиме повеќе време да минуваме со Господа во молитва.