Текстови

Крштевање со Духот и малите групи – Ден 35

Крштавањето со Светиот Дух и малите групи одат рака под рака. Неопходно е и едното и другото за христијанинот да порасне до Христовата полнина. Крштавањето со Светиот Дух е од суштинско значење за јадрото на членовите на групата да може да дејствува во согласност со Божјата намера. Тоа го гледаме јасно покажано во искуството на Христос и учениците. Дванаесетте ученици во текот на три и пол години биле и лично и како група во многу блиска заедница со Христа и еден со друг.

Сепак, откриваме како меѓу себе се препираат на патот кон местото на кое ќе се одржи пасхалната вечера, пред мноштвото да го фати Христа и да го распне: „А настана и препирка меѓу нив за тоа кој е од нив поголем“ (Лука 22,24). Тие во текот на тие години, сè уште не постигнале вредност на љубезно и посветено заедништво со Бога или еден со друг. Тоа што едноставно биле дел од групата, чиј што водач бил Христос, не било доволно за да се извршат неопходните промени за да пораснат до Христовата полнина. Подоцна, читаме дека драматично се промениле. Од каде таквата промена? Тие на денот Педесетница биле крстени со Светиот Дух и тоа ги поттикнало на промена. Од тој ден тие, и сите останати коишто биле присутни, влегле во вистинско заедништво, кое според Божјата волја би требало да го доживее секој верник: „И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите. И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и примаа храна со радост и просто срце, фалејќи Го Бога беа омилени кај сиот народ. А секој ден, Господ ги додаваше оние, кои се спасуваа“ (Дела 2,42.46.47).

Негување на заедништвото какво што го имала Црквата во првите денови не може да се оствари за време на традиционалното богослужение во сабота наутро, затоа што од Духот исполнети верниците се очекува динамичност во заемните односи. Единствен начин да се случи таквото искуство на заедништво е организирање на мали христијански групи. Традиционалното саботно богослужение е мошне важно. Меѓутоа, тоа само по себе не е доволно. Значењето од дружење на верниците исполнети со Духот во мали групи, прикажан е во две илустрации. Павле ја илустрира неопходноста од постојана жива врска помеѓу верникот во своето прво послание до Коринќаните 12 глава.

Дејствувањето на црквата и нејзините верници тој го споредува со човечкото тело. Укажува на фактот колку е неопходно секој дел од телото да служи на целиот организам. Верниците исполнети со Духот се посебно потребни едни на други. Тие треба да служат еден на друг онака како што човечкото срце, десната рака, очите итн., им служат на останатите делови од неговото тело. Од оваа споредба јасно се гледа колку е неопходно секој дел од телото да остане во тесна, жива врска со останатите делови на организмот. Токму малите групи, собрани во домовите, ги оспособуваат со Дух исполнетите верници да одржуваат тесна, жива врска со Христовото тело, а тоа им овозможува на деловите на телото да си служат едни на други. „Секому му се дава откровение на Духот за општа полза.

На еден му се дава преку Духот слово на мудрост, на друг слово на знаење, преку истиот Дух; на друг вера преку истиот Дух; а на друг пак дарови за лекување преку истиот Дух; на друг да прави чуда, на друг да пророкува, на друг да ги разликува духовите, на друг разни јазици, а на друг да ги толкува јазиците. А сè тоа го прави еден и ист Дух, Кој разделува секому, како што сака. Зашто, како што е телото едно, а има многу членови, и сите членови на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос“ (1. Коринќаните 12,7-12) „И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители, за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело, додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст: за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што – со човечката измама и лукавство – доведува до итро измислени заблуди. Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сè – кон Него, Кој е Глава, Христос. Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов“ (Ефесјаните 4,11-16)

Уште една илустрација за значењето на малите групи собрани во домовите може да се види околу кое било логорско огниште. Сетете се за момент како некогаш сте седеле крај логорско огниште и сте набљудувале како дрвото се претвора во жар. За да се одржи огнот, важно било парчињата дрвја што горат да ги држите едно до друго и повремено да ставите ново парче дрво. Кога едно вжарено парче би се одвоило од останатите, наскоро би престанало да гори и би се изгаснало. Ова јасно го илустрира значењето на библиското христијанско заедништво. За да може верникот крстен со Духот да го сочува „оганот” за да не згасне во неговиот живот, потребно е не само постојано да бара од Бога исполнетост со Духот (Ефесјаните 5,18), туку мора и постојано да одржува заедништво со останатите, со Духот исполнети верници.