Текстови

Крштевање со Духот и подготовка за Христовото Доаѓање – Ден 20

Пророкот Малахија претскажал дека Бог ќе го испрати Илија, повикувајќи се на „Веста на Илија”, непосредно пред доаѓањето на Исуса Христа: „Ете, Јас ќе го пратам кај вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господов – голем и страшен“ (Малахија 4,5).

Ова пророштво има две примени. Едната се однесува на првото Христово доаѓање; втората, на неговото второ доаѓање. Лука, писателот на Евангелието, ни кажува дека Јован Крстител ја исполнил првата примена на ова пророштво на Малахија: „И тој ќе оди пред Него во духот и силата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата, и непокорните кон мудроста на праведните, па да Му подготви на Господ народ подготвен“ (Лука 1,17).

Јован Крстител ја започнал својата служба во „духот и силата” на Илија. На што се однесува тоа? Тоа значи дека тој, исполнет со Духот, проповедал со Духот проникната вест за да го подготви народот на своето време за доаѓањето на Месија, кој требал наскоро да се појави: „Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ниту жесток пијалак, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си“ (Лука 1,15).

Јовановото проповедање ја следело силата на Светиот Дух. Мноштвото доаѓало да го слушне и многумина се крстиле: „Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пустина и говореше: ‘Покајте се, зашто се приближи царството небесно.’ Зашто ова е Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‘Подгответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!‘ А Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него и се крштаваа од него во Јордан, исповедајќи ги своите гревови“ (Матеј 3,1-6).

Исус добро го познавал Малахииното пророштво, и затоа можел да го примени на мисијата и на веста на Јован Крстител: „Зашто сите Пророци и Законот пророкувале до Јован. И, ако сакате да прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ (Матеј 11,13-15). Пророштвото на Малахија има и друга примена, зашто се однесува на народот кој ќе упати сериозна вест на опомена токму пред Исусовото доаѓање, а таа се нарекува Тројна ангелска вест: „И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: ‘Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!’

И друг ангел се појави по него, велејќи: ‘Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!’ И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: ‘Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!’ Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14,6-12).

Таа вест на Илија, која се однесува на последното време има за цел да ги приготви луѓето за второто Христово доаѓање. Како што Јован Крстител бил исполнет со Духот за да ја упати веста на Илија за своето време, така и Божјиот народ на последното време мора да биде исполнет со Духот за да му ја објави Илиината вест на светот во ова последно време. Оваа вест на предупредување за последното време ќе ја објавува народ исполнет со Светиот Дух, и тоа во „духот и силата” на Илија, како Јовановата вест.

Зошто таа последна вест сè уште не била објавена со таква сила? Се проповеда повеќе од 150 години. Милиони долари се потрошени и денес се трошат за нејзиното објавување. Во што е проблемот? Лично мислам дека одговорот се крие во тоа што не сме го разбрале доволно ниту сме го искусиле крштавањето со Светиот Дух. Нема да кажам дека Бог не ги благословил нашите напори да го предупредиме светот за второто Христово доаѓање и за проблемите што доаѓаат во овие последни денови. Јас само велам дека сè уште не сме ги искористиле неизмерните благослови и силата што нè очекуваат кога Божјиот народ ќе стане народ исполнет со Духот. Кога тоа ќе се случи, веста на Илија за последното време ќе се објавува во „духот и силата“ на Илија.