Крштевање со Духот и сведочењето – Ден 18

Христијаните адвентисти, како и многу други христијани, со години ја претскажувале годината на второто Христово доаѓање. Адвентистите веруваат дека Христос досега можел да дојде доколку би се оствариле некои настани. Параболата со десетте девојки нè учи дека доаѓањето на младоженецот е одложено. Што се наоѓа во суштината на одложувањето на Христовото повторно доаѓање?

Јас верувам дека за тоа постојат две причини. Прво, Божјиот народ не е подготвен. Второ, делото на проповедање на евангелието низ светот, кое предупредува дека Христо повторно ќе дојде и она што следи со тој настан, сè уште не се остварило. Тројната ангелска вест од Откровението 14. глава сè уште не допрела до светот, како што тоа требало да се оствари пред Христовото доаѓање. „И видов друг ангел како лета посреде небото, имајќи вечно Евангелие, за да им го проповеда на жителите на земјата: и на секоја народност и на секое племе и јазик и народ, и зборуваше со силен глас:

’Бојте се од Бога и подајте му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд, и поклонете му се на Оној, кој го создал небото и земјата, и морето и водните извори’. И друг, втор ангел дојде по него, велејќи: ’Падна, падна големиот Вавилон, кој ги напои сите народи со страсното вино на неговото блудство’. И друг, трет ангел дојде по него, велејќи со силен глас: ’Ако некој му се поклони на Ѕверот, и на неговиот лик, и прими ознака на своето чело или на својата рака, и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев, што е налеано чисто во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур, пред светите ангели и пред Јагнето. И димот од нивното измачување ќе се издига во вечни векови, и не ќе имат починка, ни дење ни ноќе оние кои му се поклонуваат на Ѕверот и на неговиот лик, и кој ја прима ознаката на неговото име. Тука е трпението на светите, кој ги пазат Божјите заповеди и верата во Исуса’. И чув глас од небото што ми велеше: ’Блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа. Да, вели Духот, нека починат од своите трудови, зашто нивните дела одат по нив’. И видов, и ете, бел облак, а на облакот седеше Еден сличен на Човечки Син, со златна круна на главата и со остар срп во раката“ (Откровение 14, 6-14).

Непосредно пред Христовото повторно доаѓање, на оваа Земја ќе се случат големи и страшни настани. Во минатото, Божјиот народ не бил подготвен за вакви настани, како што во Ноевото време не дошло до потоп сè додека опомената не била упатена до сите земни жители, и додека ковчегот не бил приготвен да заплови: „Како во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Човечкиот син“ (Матеј 24,37). Веста на опомена ќе биде упатена и „ковчегот“ или Црквата ќе биде подготвен/подготвена. Тогаш ќе дојде крајот.

Како Христос преку Ное ја упатил најсериозната опомена на светот во Ноево време? За тоа ни говори Петар во своето Прво послание. Светиот Дух кој го „оживеал“ Христа, или го подигнал од гробот, е оној ист Дух со кој Христос „проповедал“ преку Ное на мажите и жените (наречени духовни) кои биле заробеници или притвореници на сатаната: „Зашто и Христос еднаш умре за гревовите, Праведник за неправедните, за да не приведе при Бога; навистина, Тој, кој беше убиен во тело, оживеа со Духот; во Него, Тој отиде тогаш, и објави на духовите во Подземјето; кои беа непокорни некогаш, кога Божјото трпение ги чекаше во Ноевото време, додека се градеше ковчегот, во кој само малку од нив, односно осум души, се спасија преку верата’ (1. Петрово 3,18-20). Текстот во 4. Мојсеева 27,15.16 ни покажува дека Библијата го користи збор „духови“ кога мисли на живи луѓе, мажи или жени:
„А Мојсеј Му проговори на Господа вака: ’Господи, Бог на духовите на секое тело, нека постави човек над ова општество’“. Библијата, исто така, покажува дека терминот затвор/темница или затвореници може да се однесува на мажи или жени кои се наоѓаат под сатанска власт во гревот и измамата:

„Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата, за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак“ (Исаија 42,6.7). Така, од Писмата гледаме дека токму Христос, Светиот Дух, говорејќи преку Ное ги приготвувал жителите на Земјата за потопот. Така ќе биде и во последните денови непосредно пред Христос повторно да дојде (Матеј 24,37). Христос ќе говори преку Светиот Дух, односно преку христијаните кои се исполнети со Светиот Дух, за да го приготви светот за Христовото повторно доаѓање. Со години сум христијанин адвентист и низ целиот тој период повеќе сум бил во служба на пастор. Верувам, како и во повеќето христијански Цркви, така и во мојата, дека многу време и средства се потрошени на разни планови, програ- ми и методи за да му се објави Христос на светот. Не сум против плановите, програмите и методите, но се плашам дека често сме се потпирале на тие работи за да го довршиме Божјето дело. Плановите, програмите и методите нема да го довршат Божјото дело. Божјиот Свет Дух ќе го доврши Божјото дело – Божјиот Дух, кој говори и служи преку мажите и жените исполнети со Духот.