Текстови

Крштевање со Светиот Дух и послушноста – Ден 5

Постојат две причини за крштавање со Светиот Дух. Првата се состои во потребата потполно да го отсликуваме Исуса во сопствениот живот: „Зашто е очигледно дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба; напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку врз плочи – на човечките срца” (2. Коринќаните 3,3).
Божја намера е Христос да се гледа во нас, ние да бидеме живо послание кое ќе го открива Христовиот карактер. Втората причина за исполнување со Духот е да добеме сила за сведочење:

„Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата” (Дела на апостолите 1,8). Во денешното молитвено проучување ќе се сосредоточиме на првата цел, отсликувањето на Христовиот карактер. Светиот Дух учествувал во времето кога Бог му ги дал на Мојсеја Десетте заповеди. Всушност, токму Духот ги испишувал заповедите на камените плочи. Ова станува јасно кога ќе ги споредиме Христовите изјави во кои Тој ги изедначува „прстот Божји” и „Духот Божји”. „Но, ако Јас ги изгонувам демоните преку Духот Божји, тогаш царството Божјо дошло врз вас“ (Матеј 12,28). „Но ако Јас ги изгонувам нечистите духови со Божјиот прст, значи дека Божјото Царство дошло при вас“ (Лука 11,20).
Истиот Свети Дух кој ги запишал Десетте заповеди на камените плочи, денес го запишува Божјиот закон во срцата на децата кои се исполнети со Светиот Дух: „Зашто е очигледно дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба; напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку врз плочи – на човечките срца” (2. Коринќаните 3,3).
Оние кои тврдат дека се христијани можат да покажуваат два вида на послушност. Првиот го нарекуваме надворешна послушност. Таа се покажува кога верникот ќе се покорува на Божјиот закон само поради тоа што Бог така рекол. Овој облик на послушност всушност претставува легализам, бидејќи не произлегува од внатрешноста на срцето.
Вториот вид послушност е внатрешната послушност, која е последица на длабока, внатрешна желба на верникот да му биде послушен на Бога. Надворешната послушност без послушноста во срцето е неприфатлива за Бога: „Не Ти се мили жртви, кога би принесувал паленица, Ти не би ја примил. Смирениот дух е жртва на Бога, нема да го презреш, Боже, понизното и покајничко, срце” (Псалм 51,16.17). „Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене” (Матеј 15,8).

Пред многу години наидов на една илустрација со која на јасен начин се изразува разликата меѓу надворешната и внатрешната послушност. Да речеме дека умрел мојот татко, а јас не сум сигурен дали треба да покажам жалост поради неговата смрт или не, и поради тоа одам во посета кај еден мој пријател за да побарам совет. Сме разговарале за тоа дали треба да покажам жалост или не. Мојот пријател на крајот рекол: „Тој беше твој татко, а ти му беше син. Мислам дека треба да го пожалиш”. Држејќи се до неговиот совет почнав да жалам поради татковата смрт. Мислам дека е доста очигледно дека моето жалење во овој случај не потекнува длабоко од моето срце. Тоа е само надворешно покажување на жалост, бидејќи моја обврска како син е да ја оплакувам смртта на мојот татко. Вистинското жалење би произлегло спонтано, од длабината на моето срце. Не би можел да покажам жалење кое не би било искрено. Истото се однесува и на послушноста кон Бога. Кога човекот е во правилен однос со Бога, благодарение на исполнетоста со Духот, послушноста произлегува спонтано и природно од срцето, без притоа да размислуваме за тоа. Ќе наидат искушенија да покажеме непослушност, кои во голема мера ќе бидат ослабени од нашата силна желба да послушаме, желба која Бог ја всадил во нашите срца.
Со крштавањето или исполнувањето со Светиот Дух, Божјиот закон се врежува во нашите срца и ние стануваме искрено послушни. Ова не се случува во потполност само со нашето крштавање. Павле вели дека постојано мора да се „исполнуваме со Духот”, кој е неопходен со цел Божјиот закон да остане запишан во нашето срце: „И не се пијанете со вино, во кое е разузданоста, туку полнете се со Духот!” (Ефесјаните 5,18). Елена Вајт вака ја опишува „внатрешната послушност”, која извира од секојдневното крштавање со Светиот Дух: „Секоја вистинска послушност доаѓа од внатрешноста на срцето. Тоа значи да се работи со Христа со цело срце. Ако сакаме, Тој ќе се изедначи со нашите мисли и цели, нашите срца и умови ќе ги доведе во хармонија со својата волја, и ние, слушајќи го него, всушност постапуваме според нашите природни поттици. Волјата, очистена и посветена, ќе најде свое највозвишено задоволство во неговата служ- ба. Кога ќе го запознаеме Бога, онака како што имаме предимство да го познаваме, ќе живееме живот на постојана послушност. Со почитување на Христовиот карактер и со заедница со Бога, гревот ќе
ни стане одвратен” (Копнежот на вековите, стр. 636).