Текстови

Крштевање со Светиот Дух и позниот дожд – Ден 7

Од животна важност е секој ден да го искусиме крштавањето со Светиот Дух во вид на ран дожд за духовно да растеме до таа мера да можеме да го примиме благословот на позниот дожд на Духот, кој нè подготвува за конечната криза и за Христовото доаѓање. Меѓутоа, мнозина не го сфаќаат ова и мислат дека мора да го чекаат излевањето на позниот дожд ако сакаат конечно да ги победат гревовите и духовната незрелост. Таквото гледиште ќе доведе до пропаст на оној што го застапува.

Елена Вајт предупредува: „Видов дека многумина ја занемаруваат толку неопходната подготовка и очекуваат времето на „освежување” и „позниот дожд” да ги оспособат да опстанат во Денот Господов и да живеат во негово присуство. О, колкумина видов без заштита во времето на неволјите! Тие ја занемариле неопходната подготовка, затоа не можат да го примат освежувањето кое сите мора да го имаат за да бидат оспособени да живеат во присуство на Светиот Бог”.

Ние мора да го победиме секое искушение и секој грев во својот живот, ако сакаме да уживаме во благословите на излевањето на Духот за време на позниот дожд. Подлегнуваме пред сатанската измама ако веруваме дека не мора сериозно да се позанимаваме со проблемот на гревот во својот живот: „Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши” (Дела на апостолите 3,19). „Знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот;… Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади!

Не препуштајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта” (Римјаните 6,6.11-14). Елена Вајт тоа го потврдува со следните зборови: „Видов дека никој не може да учествува во „освежувањето” /позниот дожд/, доколку не извојува победа над секое искушение, горделивост, себичност, љубов кон светот и секој лош збор и постапка” (Исто, стр. 113).

Ова може да ви звучи невозможно, сепак, клучот на победата над искушението се наоѓа во процесот на сознавање како да му дозволиме на Исуса со својот победнички живот да живее во нас и преку нас Оваа прекрасна библиска вистина ќе биде подоцна прикажана во оваа серија на проучувања за лично богослужение. Раниот или првиот дожд на Духот, кој претставува крштавање со Духот, започнало на денот Педесетница. Петар укажал на тоа кога во тој ден се обратил до мноштвото: „Но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ‘И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија
и старците ваши ќе сонуваат соништа’” (Дела на апостолите 2,16-18). Духовното крштавање или раниот дожд на Духот нè доведува до духовна зрелост која е потребна за да можеме да го примиме позниот дожд:

„Позниот дожд, кој доведува до зрелост на овоземната жетва, ја претставува духовната благодат која ја подготвува Црквата за доаѓањето на Синот човечки. Но ако не паднал раниот дожд, нема да има живот. Зеленото стебленце нема да никне. Само ако раниот дожд ја завршил својата работа, позниот дожд може зрното да го доведе до совршено созревање” (The Faith I Live by, стр. 333). Благодарение на крштавањето со Духот во раниот дожд, неопходно ни е потребен потполн духовен развој за да можеме да бидеме во состојба да го препознаеме излевањето на позниот дожд на Духот. Елена Вајт укажува на тоа со следните зборови:

„Доколку секојдневно не напредуваме во давањето пример на христијанските доблести на дело, нема да го препознаеме дејството на Светиот Дух за време на позниот дожд. Тој може да се излева на срцата насекаде околу нас, а ние да не го препознаеме и да не го примиме” (Testemonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 507). Ако не сте го примиле крштавањето со Светиот Дух, не одложувајте го ни ден. Примањето на Духот треба да биде најважното добро во
нашиот живот, зашто тој Дар ги носи со себе сите останати дарови. Исполнетоста со Духот ќе овозможи Христос да живее во нас и да ја промени нашата замреност во возбуда, нашата слабост во сила, а нашето сведочење ќе биде проследено со сила каква што не била видена од денот Педесетница: „Преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бога. Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене” (Галатите 2,19.20). „Но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата” (Дела на апостолите 1,8).