Текстови

Молитва за Божјите ветувања проникната со Духот – Ден 16

Бог во Библијата ни дал многу ветувања дека ќе ја задоволи секоја наша потреба. И во Стариот и во Новиот завет имаме истакнати примери на Божји луѓе кои се повикувале на ветувањата од Божјата Реч, особено кога се соочувале со потешкотии во животот. Еден од моите први средби со библиските учења за молитвата беше книгата на авторот Глен Кук, Азбука на библиските молитви/The АBC-s of the Bible Praser/. Уште како млад христијанин знаев за начелото за повикување на Божјите ветувања и тоа се покажа како голем благослов во текот на целиот мој живот и служба. Формулата на молитвата е едноставна:

Барајте „Молете и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј 7,7).

Верувајте „Затоа ви велам, сё што барате во молитва верувајте дека ќе примите и ќе ви биде“ (Марко 11,24).

Повикувајте се на ветувањата со благодарност уште пред да го добиете одговорот: „Тогаш го поместија каменот, а Исус ги подигна очите нагоре и рече: ‘Татко ти благодарам што Ме послуша. Јас знаев дека секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот кој стои тука, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил’. Откако го рече тоа викна со силен глас: ’Лазаре, излези надвор!“ (Јован 11,41-43) Во овие стихови Исус му благодари на Отецот за тоа што ја слушнал и ја исполнил молитвата уште пред да добие доказ дека е услишена.

Божјите ветувања се сигурни. Можеме да бидеме сигурни и потполно да имаме доверба дека Бог ќе го стори она што го рекол: „Бог не е човек па да лаже, не е човечки син за да се кае, зар Тој кога ќе рече и да не направи? Зар ветува па не исполнува?“ (4. Мојсеева 23,19). Тој може да го стори тоа што ќе го вети. „О Господи, Господи. Ти ги создаде небото и земјата со голема сила, со подигната рака! Тебе ништо не Ти е невозможно“ (Еремија 32,17). Токму како што дабот е содржан во жирот, така и исполнувањето на Божјото ветување се наоѓа во самото ветување чие остварување го бараме со вера.

За ветувањата во Божјата Реч, Елена Вајт пишува: „Во секоја заповед и во секое ветување на Божјата Реч лежи вистински живот од Бога, сила со која може да се изврши заповедта и да се исполни ветувањето“ (Христовите параболи, стр. 18). Божјата сила и самиот живот се содржат во ветувањата на Библијата. Ништо не може да го спречи исполнувањето на Неговите ветувања ако во истрајна молитва ги побараме од Него со вера. Во 2. Летописи 20. глава наоѓаме величествен примерок на молитва во која Јосафат, царот на Јуда се моли за Божје ветување, кога се соочил со блиска опасност од страна на напаѓачкиот непријателски сојуз. Тој се подготвувал за таквата криза зајакнувајќи ја својата војска за одбрана. Имал повеќе од милион добро обучени војници приготвени за борба. Меѓутоа, кога царот дознал за опасноста, неговата прва мисла била да не се наслонува на сопствената подготовка за војна, туку најпрво да му се обрати на Господа.

Кога се соочуваме со животни проблеми, нашата мисла би требало да биде иста таква, најнапред да му се обратиме на Бога. Сепак, тоа не значи дека не треба ништо да направиме за да се подготвиме за секоја прилика која би настанала. Опасноста лежи во тоа што ние сме склони веднаш да прибегнеме кон човечките средства за решавање на проблемот и човечки средства за помош и избавување. Нашиот ум често самиот почнува да смислува решенија за проблемот, наместо да се насочи кон Бога.

Јосафатовата постапка е добар пример кој треба да го следиме. Јосафатовата молитва е забележена во 2. Летописи 20, 6-13: „И рече: Господе, Боже на нашите татковци, Ти си Бог на небото и владееш над сите кривобожечки царства. Во твојата рака се таква сила и јачина така што никој не може да се додржи пред Тебе. Ти, о Боже наш ги истера жителите на ова земја пред својот Израелски народ и му ја даде засекогаш на потомството на својот пријател Авраам и се населија во неа и му изградија Светилиште на Твоето Име, велејќи: ’кога ќе навали врз нас некакво зло, одмазнички меч или помор, или глад, та кога ќе застанеме пред овој Дом и пред Тебе, зашто Твоето Име е во овој Дом, и кога ќе извикаме кон Тебе во својата неволја, послушај нè и спаси нè. Еве сега Амоновите и Моавовите синови и оние од Сирската Гора, преку кои не му дозволи на Израел да помине кога доаѓаше од Египетската земја, туку ги заобиколи и не ги сотре, – и така, сега тие ни враќаат со зло доаѓајќи да нè истребат од наследството кое Ти ни го даде. О, Боже, зар нема да им судиш? Зашто во нас нема сила спрема тоа големо мноштво кое доаѓа на нас, ниту ние знаеме што да правиме, туку очите ни се насочени кон Тебе’“.

Оваа молитва открива пет молитвени чекори за исполнување на Божјите ветувања.

  • Прво, царот почнува со пофалување на Божјите особини, посебно на оние поврзани со проблемот со кој бил соочен (стих 6). Во очекување на нападот од страна на непријателот, за Јосафат било охрабрување да се потсети дека Бог е тој кој владее со сите царства на народите, дека „моќта и силата“ се во Негови раце, и дека никој не може да му остане рамнодушен.
  • Второ, царот се повикал на сеќавањето од претходните победи, а слична победа и сега му била потребна на Јуда (стих 7). Сеќавањето на она што Бог го обезбедил во минатото и поврзувањето на тоа со денешната потреба, не потсетува на Божјата верност и ја јакне нашата вера.
  • Трето, тој во молитва ги навел Божјите ветувања дадени на Неговиот народ во минатото – ветување кое се однесувало на проблемот со кој морал да се соочи (стихови 8 и 9).
  • По овие три чекори во молитва, Јосафат кажал во што е проблемот (стихови 10-12).
  • На крај, тој го фали Бог и пред да види каков било доказ за победа (стихови 18 и 19).
  • Забележете ја формулата во молитвата за исполнување на Божјите ветувања – а немојте да се концентрирате на самиот проблем: фалете го Бога, минатите победи и исполнувањата на минатите ветувања.