Во Новиот завет јасно е откриена вистината за неопходноста од крштавање со Светиот Дух. Ја забележуваме во Исусовото искуство. Лука го опишува Христовото крштавање со вода во третата глава од своето Евангелие. Тој кажува дека Христос за време на крштавањето се молел и дека тогаш Светиот Дух се спуштил на него:
„А кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус, и додека се молеше, се отвори небото, и Светиот Дух слезе на Него во телесен облик, како гулаб, и се слушна глас од небото, кој велеше: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја”.
Од тој миг Исус, според зборовите на Лука, бил „исполнет” со Светиот Дух и служел во „силата на „Духот”: „Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината“ (Лука 4,1). „И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај“ (14. стих). Пред исполнувањето со Духот, односно, пред крштавањето, не е опишана ниту една Христова служба; кажано ни е дека Тој не ги привлекувал следбениците. Но, веднаш по крштавањето или исполнувањето со Светиот Дух, речено е дека „се разнесе глас за Него по целиот тој крај“. По Христовото исполнување со Светиот Дух, читаме во сите Евангелија дека илјадници одговориле на Неговата вест и служба.
Сите Христови учења биле проникнати со силата на Светиот Дух, а тоа било резултат на неговата исполнетост со Светиот Дух во одговорот на неговата молитва во мигот на крштавање со вода: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скршено срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова!“ (стихови 18 и 19). „Па сè до денот кога се вознесе, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите што беше ги избрал“ (Дела 1,2). „Како Го помаза Бог со Дух Свети и со сила Исус од Назарет, и како Тој одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот, зашто Бог беше со Него“ (Дела 10,38).
Исус бил свесен за важноста и за неопходноста од служба проникната со Духот. Затоа и им рекол на своите ученици да почекаат да се исполни ветувањето за крштавање со Светиот Дух, пред да тргнат да го објавуваат Евенгелието. „Еднаш кога ги собра, Тој им заповеда: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене: Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух“ (Дела 1,4.5). Исус и понатаму им кажува дека ќе добијат сила да сведочат кога ќе бидат крстени со Светиот Дух: „Но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата“ (8. стих).
Учениците постапувале онака како што Исус барал од нив. Чекале и заедно се молеле на нив да се исполни ветувањето за крштавање со Светиот Дух. „Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење заедно со некои жени и со Марија, мајката на Исус, и со браќата Негови“ (14.стих). Во одговорот на нивните десет дена молитва, Светиот Дух дошол на денот Педесетница и „сите се исполнија со Дух Свети“. „Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место.
Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“ (Дела на апостолите 2,1-4). Она што потоа се случило ја открива главната цел на крштавањето со Светиот Дух. Бог ги употребил тие верници исполнети со Духот да зборуваат за „Божјето величие”.
„И сите вџашени и восхитени, говореа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци? Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик? Парти, Мидијци, Еламити и жителите од Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и Азија, Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?“ (стихови 7-11). Бог ги отстранил јазичните пречки за Радосната вест за воскрeснатиот Спасител да им ја упати на Евреите коишто биле присутни во тој ден. Три илјади одговориле на проповедта на Петар проникната со Духот. „И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души“ (41. стих).
Црквата во првите денови продолжила да служи со силата на Светиот Дух. Бог чудесно делувал преку тие верници исполнети со Духот, во задобивањето на многу души за Христа: „Го фалеа Бога и стекнуваа благонаклонетост кај сите луѓе. А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво“ (47. стих). Првите христијани ја препознале вредноста и итноста од крштавање со Светиот Дух за да можат да живеат побожен живот и делотворно да
сведочат за својот Господ. Крштавањето со Светиот Дух било толку значајно што Петар и Јован, кога многу Самарјани го прифатиле Исуса за свој Спасител, биле испратени кај нив. Набрзо по своето доаѓање, ставиле раце врз новокрстените верници и се молеле за нив да бидат крстени со Светиот Дух: „Но кога му поверуваа на Филип, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исус Христос, почнаа да се крштаваат мажи и жени. Тогаш поверува и самиот Симон, и откако се крсти, постојано го придружуваше Филип; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше. Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован.
Тие, штом слегоа, се помолија за нив за да го примат Духот Свети. Зашто сè уште не беше слегол ниту на еден од нив, а само беа крстени во името на Господа Исуса. Тогаш апостолите положија над нив раце и тие го примија Светиот Дух“ (Дела на апостол. 8,12-17). Истата содржина ја гледаме и во Божјиот повик упатен до Савле на патот за Дамаск. Христос лично му се открил на Савле во визија: „А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде кај првосвештеникот и побара од него писма за синагогите во Дамаск, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим. Но, додека по патот наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото, и, откако падна на земја, слушна глас што му зборуваше: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ А тој одговори: ‘Кој си Ти, Господине?’
А Господ му рече: ‘Јас сум Исус, Кого Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.’ Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: ‘Господи, што сакаш да направам?’ А Господ му рече: ‘Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!’ А луѓето, што одеа по него, стоеја занемени од вчудовиденост, зашто слушаа глас, а никого не гледаа“ (Дела на апостолите 9,1-7). Потоа Христос го упатил Савле да влезе во Дамаск и да ги почека понатамошните налози, а потоа Бог го испратил Ананија кај Савле, да стави раце врз него, да се моли за неговото крштавање со Светиот Дух и за да го исцели неговиот вид: „А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи рацете свои над него, рече: ‘Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.’ И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога стана, се крсти“ (стихови 17 и 18).
Како резултат на исполнетоста со Духот, „А Савле стануваше сè посилен“ (22. стих). Зборот сила не се однесува исклучиво на физичка сила. Контекстот укажува дека Савле напредувал во духовната сила и во објавувањето на Евангелието. Таа духовна сила за сведочење била последица на крштавањето со Светиот Дух, кога Ананија се помолил за него.