Текстови

Нешто што недостасува – Ден 33

Крштавањето со Светиот Дух претставува неопходно искуство доколку христијанинот сака да стане навистина сличен на Исуса во животот и во службата. Преку крштавањето со Светиот Дух, Исус најпотполно живее во верникот. Како резултат на таа блиска врска со Исус, верникот ќе почне да ги доживува своите најголеми победи над гревот и ќе ја развие најсмислената можна заедница со својот Спасител.

Исто така, од суштинско значење е христијанинот да ја разбере и да ја искуси врската помеѓу крштавањето со Светиот Дух и вистинското христијанско заедништво. Дури и ако можеби сме крстени со Светиот Дух, ако не негуваме заедништво со заемно потпирање на другите со Духот исполнети верници, ние нема духовно да растеме како што тоа го сака Бог. Да се исполниш со Духот а некако да останеш изолиран и независен во однос на другите со Дух исполнети христијани, нема само да го попречува нашиот духовен раст туку може да доведе и до губиток на полнотата на присуството на Духот во нашиот живот.

Црквите засновани на Библијата, вклучувајчи ги и христијаните адвентисти, склони се да бидат многу интелектуални во својата религија. Ние знаеме многу библиски вистини кои имаат животна важност. Нашите евангелизациони напори се насочуваат кон вистините кои нè издвојуваат од другите Цркви. Оттука, мнозина коишто ќе решат да станат верници на црквата го прават тоа поради таквата вистина. Еден факт кој често ме онеспокојуваше е општата слабост на адвентистите во областа на христијанското заедништво. Ние сме доста независна група на верници. Човекот пред сè мора да има помалку од тој дух на независност за да стане христијанин адвентист, зашто нашиот избор да го празнуваме седмиот ден, саботата, нè одвојува од повеќето останати христијани.

Често го читам описот на верниците по Педесетница: „И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите“ (Дела 2,42). Знаев дека, кога станува збор за доктрините, како Црква сме „исправни”. Меѓутоа, кога е во прашање заедништвото, ние сме на дистанца. Забележав дека повеќето адвентисти мачно работат за да го обезбедат своето семејство и прават сè што е во нивна моќ за да присуствуваат на утринските саботни богослуженија . Повеќето црковни служби се некако службени, со малку или воопшто време за заемна комуникација на верниците. Оттука просечното заедништво се состои во топлото поздравување пред и по службата во црква. Повеќето потоа одат во своите домови за повторно да дојдат следната сабота. Многу наши цркви имаат молитвен состанок среде седмицата, кој обично подразбира излагање на пасторот и време за молитва.

Меѓутоа, повеќето наши верници се чувствуваат презафатени или премногу уморни за да можат да присуствуваат на тоа богослужение во средина на седмицата. Често мислам дека кај нас, христијаните адвентисти, заедништвото би требало да има позначајна улога од онаа што веќе ја има. Следните седум молитвени проучувања ќе покажат зошто христијаните исполнети со Духот мора да влезат во потесна заедница едни со други кои се исполнети со Духот, доколку сакаат да пораснат до Христовата полнота и да бидат подготвени за неговото враќање.