Текстови

Новозаветната црква и заедништвото – Ден 34

Лично верувам дека Господ го поттикнува својот народ потемелно да ја истражи историјата на новозаветната Црква. Христијаните адвентисти веќе многу години се сметаат себеси за Божји остаток. Настојувавме вистински да се држиме до учењето на Божјата реч, како што го правела тоа новозаветната Црква. Верувам дека Господ сега нè повикува не само да останеме „исти во науката апостолска” туку и да бидеме постојани „во заедницата на кршењето леб и молитвите” (Дела на апостолите 2,42).

Бог ги повикува своите деца да бидат Негов народ на остатокот, токму како и новозаветната Црква, не само по доктрината туку и по заедништвото. Заедништвото е важен вид на припадност на остатокот на Божјиот народ. Имајќи го тоа на ум, да погледнеме повнимателно каква била Божјата Црква во првите денови. Книгата Дела на апостолите зборува дека првите христијани се собирале во храмот и по домовите: „И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и примаа храна со радост и просто срце,” (Дела 2,46)

Бидејќи христијаните не биле добредојдени во еврејските синагоги, нивните домови станале фокусна точка на нивното богослужение и заедништво. Домовите на верниците биле места во кои се собирале поради славење на Бога, заедништво и проучување. Многу стихови во Новиот завет ги спомнуваат куќите во кои христијаните се сретнувале: „И кога влегоа во куќата, се искачија во горната одаја, каде живееја: Петар и Јован, Јаков и Анрдеј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот, и Јакововиот брат Јуда“ (Дела на апостолите 1,13). „И некоја богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тиатир, слушаше; и Господ и го отвори срцето да внимава на Павловите зборови. А кога беше крстена таа, и нејзиниот дом, нè замоли, велејќи: ’Ако ме признавате за верна на Господа, влезете во мојот дом и останете.’ И нè принуди“ (Дела 16,14.15).

„Но Јудејците поттикнати од завист, зедоа неколку лоши улични мажи, собраа народ и предизвикаа неред во градот и ја нападнаа Јасоновата куќа, и бараа да ги изведат пред народот. А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасона и некои од браќата пред градските началници, викајќи: ’Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука! И Јасон ги прими! И сите тие работат против ќесаревите заповеди, тврдејќи дека има друг цар – Исус!’ Така ги побунија народот и градските началници, кога го чуја тоа; и откако добија сигурност од Јасона и од другите, ги пуштија“ (Дела 17,5-9). „Како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите…“ (Дела 20,20). „Поздравете ги…, и црквата во нивниот дом! Поздравете го мојот возљубен Епенет, кој е првиот плод за Христа од Азија!“ (Римјаните 16,3-5). „Го крстив уште Стефановиот дом; натаму не знам дали сум крстил некој друг“ (1. Коринќаните 1,16). „Ве поздравуваат азиските цркви. Ве поздравуваат многу во Господа Акила и Прискила со својата домашна црква“ (1. Коринќаните 16,19). „Поздравете ги браќата во Лаодикија; и Нимфан и неговата домашна црква“ (Колошаните 4,15).
Апостолите ја разбрале важноста на заедништвото во малата домашна црква. Три и пол години тие на тој начин се молеле со Исуса на Бога и го негувале заедништвото. Затоа сфаќаме колку на апостолите им било природно да го продолжат тој вид на заедништво во мали групи, додека стотици и илјади луѓе го прифаќале Христа. Овој вид на црковно заедништво во домовите ќе го олесни собирањето на голем број на луѓе кои секојдневно и приоѓале на црквата: „…Фалејќи Го Бога беа омилени кај сиот народ. А секој ден, Господ ги додаваше оние, кои се спасуваа“ (Дела 2,47).

Малите групи многу придонесувале за растот на Црквата. Се проценува дека во третиот век во Римската империја живееле шест милиони христијани. Тие мали групи на верници биле погодни за ширење на Евангелието. Новите верници брзо биле собрани и темелно научени. Исто така, било очигледно дека тие мали домашни цркви не служеле само за негување на верниците туку по својата природа биле и мисионерски. Тие групи собрани во домовите овозможиле на Црквата да расте во време на силното прогонство. Исто така, како што се зголемувал бројот на верниците, учесниците биле присилени да се поделат и да формираат нова група во друг дом.

Блиското и цврсто заедништво кое произлегувало од тие помали групи создавало многу тесни врски помеѓу членовите на групата. Заемното храбрење било честа појава. И токму во таквото окружување, верниците добивале сила едни од други. Човечкиот род е така создаден да стои поцврсто кога е обединет отколку кога е сам. На денешните христијани им е потребна сила која произлегува од блиското заедништво кое го искусила Црквата во првите денови. Бог на почетокот рекол: „Не е добро за човекот да е сам” (1 Мојсеева 2,18). Не е добро осамениот христијанин да се обидува да се спротивставува сам на сатанските сили и светот.