Текстови

Ожалостување на Светиот Дух – Ден 6

Постојат дела кои, ако ги правиме, можат да го ожалостат Божјиот Дух: „И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето” (Ефесјаните 4,30). Ако не го бараме секојдневно и не соработуваме прифаќајќи го Неговото водство, Неговата сила ќе исчезне од нашиот живот, а нашето христијанско искуство ќе заслабне. Бог не нè присилува. Кога ќе бидеме крстени со Духот, Тој во голема мера ќе влијае во нашиот живот. Посилно ќе го чувствуваме Неговиот повик. Тој секојдневно ќе ни дарува желба да му бидеме послушни.

Тој ќе нè повикува повеќе да ја проучуваме Неговата реч и повеќе да се молиме. Духот ќе нè поттикне да ја сакаме праведноста, а да го мразиме гревот. Меѓутоа, ние ќе бидеме секогаш слободни да ги занемариме Неговите поттикнувања. Кога така постапуваме, ние започнуваме процес на „ожалостување” и „гасење” на Духот. Павле дава практични совети на многу места во Писмото како да го избегнеме тоа. Тие практични совети во христијанскиот живот на верникот ни се дадени како помош да ја задржиме полнината на Духот во нашиот живот. Во следните библиски стихови наоѓаме два примера за секој совет: „И да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината. Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други! Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, и не давајте му место на ѓаволот! Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба! Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, – каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите. И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето! Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба. Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа” (Ефесјаните 4,24-32).

„Ве молиме уште, браќа, поучувајте ги неуредните, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите, бидете трпеливи со сите. Гледајте, никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш одете по она што е добро меѓу себе и кон сите! Радувајте се секогаш! Молете постојано! Благодарете за сè, зашто тоа е Божја волја за вас во Христа Исуса! Не гаснете го Духот” (1. Солуњаните 5,14-19). Павле знаел дека Божјиот Дух кој живее во верникот ќе го поттикне да ги прави делата наведени во овие стихови. Ако одбиеме да се покориме на Неговите поттикнувања, ќе бидеме во опасност да го ожалостиме или да го изгаснеме влијанието на Светиот Дух. Ако согледаме дека сме го ожалостиле Светиот Дух, да не се обесхрабруваме. Да го замолиме Бога да ни прости и Тој ќе го стори тоа: „Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен: да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секоја неправда“ (1. Јованово 1,9).

Потоа со вера молете се Бог повторно да ве исполни со Светиот Дух и Тој ќе го стори тоа: „И така, ако вие, кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им даде Свети Дух на оние, кои го молат?” (Лука 11,13). Давид ја познавал Божјата милост. Направил грев на прељуба и убиство. Ги занемарил опомените на Божјиот Дух во својот живот кога ги сторил овие страшни гревови. Сепак кога Духот го убедил за сторените гревови, тој се обратил на Бога во молитва. Посебно забележете ги следниве зборови: „Заврти го лицето од моите гревови, избриши го сето мое беззаконие! Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене! Не ме отфрлај од Твоето лице и не одземај го Твојот Свет Дух од мене! Врати ми ја радоста на Своето спасение и поткрепи ме со слободен дух!” (Псалм 51,9-12).

Кога ќе заклучиме дека сме отстапиле од Бога, на смееме да дозволиме да помине ниеден момент без да ги исповедаме своите гревови, прифаќајќи го притоа Божјето проштавање. Како и Давид, треба да побараме исполнување на ветувањето за обновување на Духот во нашиот живот. Тогаш нашиот внатрешен човек уште еднаш ќе биде зајакнат да го победи сатаната:
„Да ви даде, според богатството на Својата слава – да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта: за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина, и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота” (Ефесјаните 3,16-19). Ние му служиме на Прекрасниот Бог. Кога ќе го изневериме да се сетиме на овие стихови:

„Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многу милостив. Не е јаросен за вечни времиња, ниту Неговиот гнев пламнува довека. Не постапува со нас според нашите гревови, ниту ни плаќа според нашите беззаконија. Зашто колку е небото високо над земјата, толку е голема Неговата милост кон оние што се бојат од Него. Колку е исток далеку од запад, толку ги оддалечува од нас нашите беззаконија. Како што таткото ги милува синовите, така Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. Зашто знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав” (Псалм 103,8-14).