Патот кон откритието – Ден 25

Библиското учење за престојување во Христа е едно од најзначајните вистини кои христијанинот треба да ги разбере. Сè се потпира на доживување на реалноста за престојување во Христа и за престојување на Христос во верникот. Меѓутоа, секој христијанин кој ја открива таа славна вистина за Христос во себе и во останатите, ја следи патеката на неговите сопатници. Тие го прифатиле Христа за свој Спасител, но се оптоварени и збунети со својот христијански ритам, кој се гледа во повремената послушност и бесплодна служба.

Тие копнееле доследно и верно да чекорат со својот Господ, но во тоа никогаш не успевале. Се бореле со гревовите на кои наидувале, но чувствувале како гревовите да ги победувале. Се молеле и ја проучувале Библијата, но сè изгледало како тоа да не им помага. По многу години борба со упорните гревови се довеле до состојба на очај и умор. Нивното чувство на неуспех било поразително. Им изгледало невозможно да постигнат живот на победа над гревот. И тогаш, еден ден ја откриле вистината за животот со Христа – Христос Кој живее во нас. Кога тоа го откриле, биле восхитени од тоа колку едноставна била таа воодушевувачка вистина, а сепак толку години им се лизгала од погледот.

По тоа откритие, нивниот живот повеќе никогаш не бил ист. Нивната радост во Господа била длабока и трајна. Животот сега им станал победнички, дури и над упорните гревови. Повеќе не се чувствувале оптоварени ниту вознемирени во својата служба, и нивната работа станала плодоносна. Вистината за престојувањето во Христа и Неговото престојување во нас, и како ние треба да го искусиме победничкиот христијански живот е толку едноставна – но сепак недофатна – што повеќето христијани никогаш во потполност не ја откриле.

Денес Бог нè повикува на тоа чудесно искуство во Христа. Зошто? Исус наскоро ќе дојде! Сите коишто се приготвени за средбата со Него ќе бидат како Него: „Возљубени, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме; но знаеме: кога ќе се открие ќе Му бидеме слични, зашто ќе го гледаме онаков каков што е” (1. Јованово 3,2). Доколку сакаат да бидат слични на Исус кога ќе дојде, нивното секојдневно искуство треба да стане една од потполните победи во Христа: „Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки. Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста. Тој, Кој беше навредуван, не враќаше со навреда; кога страдаше – не се закануваше, туку се предаде себеси на Оној, Кој суди праведно“ (1. Петрово 2,21-23).

Според тоа, оваа прекрасна библиска вистина има големо значење за христијаните коишто живеат во нашето време. Исус наскоро ќе дојде, и Бог нё повикува на многу повозвишено искуство со Него, што повеќето од нас никогаш и го немале. Овој дел од молитвеното проучување има за цел сите кои го читаат ги наведе да го сфатат и да го искусат животот со Бога што Тој ни го нуди; Христос во нас, надеж на славата за неговиот народ: „На кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата” (Колошаните 1,27). Кога верникот ќе ја сфати и ќе ја открие оваа вистина, ќе ја објавува од длабочината на своето срце: „Сето тоа Христос го направи“.

Избавувањето кое Христос го обезбедил го фрла во прав секое човечко фалење. Човекот не може себеси да си ја припишува славата за победата над искушението и гревот. Сета слава му припаѓа на Бога и ќе биде објавувана во вечноста: „Ниедно тело да не се пофали пред Бога. Од Него сте и вие во Исуса Христа, Кој за нас стана премудрост од Бога, и правда, и осветување, и откуп, па да биде, како што е напишано: ‘Кој се фали, во Господа нека се фали’” (1. Коринќаните 1,29-31).