Текстови

Плод на Светиот Дух и заедништвото – Ден 38

Два значајни елемента на активните мали христијански групи се плодовите и даровите на Духот кои се покажуваат во животот на учесниците. Постои само еден начин двата елемента да бидат присутни: учесниците мора да бидат исполнети со Светиот Дух. Во денешното молитвено проучување ќе ја разгледаме улогата која плодовите на Духот ја имаат во таквата заедница.

Доколку плодовите на Духот не се присутни ниту созреваат во животот на учесниците, тие нема да имаат потполна корист од групата за негување на заедништвото. А нема да имаат ниту карактер кој е неопходен да им послужи на останатите членови на групата. Плодовите на Духот се наброени во посланието на Павле до Галатите: „А плодовите на Духот се: љубов, радост, мир, трпение, добрина, милост, вера, кроткост, воздржливост, за нив нема закон“ (Галатите 5,22.23).

Прв плод е љубовта. Грчкиот збор употребен овде е agape, највозвишениот вид на љубов. Тоа е оној вид на љубов со која Бог нè љуби нас, правејќи го најдоброто за своите сакани. Исус ја опишува таа љубов во евангелието според Матеј 5,44: „А јас пак ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте и оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“. Павле ја опишува агапе љубовта во 1. Коринќаните 13,4-7: „Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, се извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува”.

Тој плод на љубовта им овозможува на учесниците на малите групи да покажат разбирање и сочувство спрема останатите во групата. Нејзиниот или неговиот пример ќе укажува на смирување на острите зборови или ставови кои ги изразуваат другите. Исто така, тој или таа нема да искажуваат критички став, кога некој од учесниците сака да ги сподели со групата неволјите од своите лични борби. Наместо тоа, плодот на љубовта ќе направи тој или таа да почувствуваат сочувство и сожалување. Тој или таа ќе настојуваат да упатат зборови на исцелување и охрабрување на оној кој е навреден.

Секој плод што понатаму стои на Павловиот список игра слична важна улога во одржувањето на атмосфера на љубезност, која е неопходна за да може малата христијанска група да функционира во согласност со Божјата намера. Тие квалитети, кои го опфаќаат плодот на Духот, не е можно да се постигнат без исполнетост со Духот. Христијаните исполнети со Светиот Дух се неопходни во таквата група за да ја остварат нејзината цел за обезбедување атмосфера во која сите учесници можат да растат до Христова полнота:

„И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство, та да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата, туку со вистинска љубов во сè да растеме во Оној, Кој е глава, Христос, од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, според силите негови, нараснува за да се изградува во љубов“ (Ефесјаните 4,11-16 ).

Плодовите на Духот, кои единствено се гледаат во животот на верниците преку крштавањето со Светиот Дух, мора да бидат присутни во животот на членовите на малите групи. Тие плодови ў го даруваат на групата Христовиот карактер. И, всушност, преку луѓето Бог нас нè сака. Па така, преку христијаните исполнети со Дух Бог ќе ја открие својата љубов на сите кои ќе пристапат кон таа заедница, без разлика дали се христијани или не.