Принципот на истрајна молитва се применува во секоја област од христијанскиот живот, вклучувајќи ги и нашите напори другите да ги доведеме кај Христа. Врз основа на нашето размислување би требало да биде јасно дека нашите молитви се неопходни за спасение на оние од кругот на нашето семејство и пријателите. Павле го охрабрува христијанинот да се моли со посредничка молитва за сите луѓе:
„Молам, пред сè, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и достоинство. Тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бог” (1. Тимотеј 2,1-3). Треба да организираме состаноци со Бога преку посредничката молитва. Нашите молитви за изгубените ќе доведат до состанок на помирување помеѓу нив и Бога, и одвојување меѓу нив и сатаната. Посредничката молитва е главен елемент во… „службата на помирување”… и секој христијанин е повикан да учествува во неа: „А сè е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Исус Христос и ни го даде служењето на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување” (2. Коринќаните 5,18.19).
Во својата молитва до Таткото, запишана во евангелието според Јован 17. глава, Христос се моли со посредничка молитва да дојде до „единство” или „соединување” меѓу Таткото и верниците: „Но не се молам само за нив, туку и за оние што преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил” (Јован 17,20.21).
Христос се моли за потполно помирување меѓу Таткото и сите верници. Тој не се молел со таа посредничка молитва за нас само пред две илјади години, туку и денес продолжува да посредува за нас во молитва. „Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив” (Евреите 7,25). Во сите Павлови посланија читаме за неговото постојано посредување кај Бога во полза на оние на кои им пишува: „Бог, Кому Му служам со својот дух, преку Евангелието на Неговиот Син, сведок ми е дека постојано си спомнувам за вас” (Римјаните 1,9). „Ете, затоа и јас, кога слушнав за вашата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии, постојано Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои” (Ефесјаните 1,15.16). „Затоа и ние, од оној ден кога го чувме тоа, непрестано се молиме и сакаме да се исполните со познание на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање“ (Колошаните 1,9).
Павле добро ги познавал и негувал длабока љубов кон нив. Тој ја разбирал неопходноста постојано да упатува посреднички молитви за сите свети. Тој ги храбри и сите христијани да го прават тоа едни за други: „Со секаква молитва и молба во секоја пригода молете се во духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрајност и молитва за сите светии” (Ефесјаните 6,18). Бог ја открил нужноста за посредничка молитва кога Самоил му ги упатил на царот Саул следните зборови: „Исто така и јас нема да си дозволам грев пред Господ да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат” (1. Самоилова 12,23).
Всушност, овде дознаваме дека правиме грев ако одбиваме да се молиме еден за друг. Елена Вајт нè поттикнува да се молиме еден за друг со овие зборови: „Иако Бог не престојува во храмовите направени од човечка рака, сепак, собирите на својот народ Тој ги почестува со своето присуство. Ветил дека секогаш ќе се сретнува со нив во Духот кога ќе се собираат да го бараат, да ги признаат своите гревови и да се молат едни за други. Но оние што доаѓаат заедно да му се поклонат, би требало од своето срце да го отстранат секое зло. Ако можат да му служат во Духот и вистината и во убавината на светоста, нивните собири нема да бидат од никаква полза” (Review and Herald, 30. ноември 1905).
Ако христијаните секојдневно се исполнуваат со Духот, Бог ќе ги води во нивниот живот на посредничка молитва. Тој ќе им стави во мислите за кого да се молат, често, за што да се молат во животот на секој поединец. Оттаму, јасно
можеме да видиме зошто сатаната ќе прави сè што е во негова моќ за да нè наведе да веруваме дека не е суштински важно посебно да се молиме едни за други. Тој сака да поверуваме дека не е навистина неопходно да се молиме за оние што заминале од Христа. Тој сака да поверуваме дека Бог ќе работи на спасување на изгубените, дури и ако не се молиме посебно за најблиските во нашето семејство или за пријателите.
Се надеваме дека нема да поверуваме во неговите лаги за беззначајноста на молитвата за другите и за себе. Затоа тој ќе го напаѓа вашиот молитвен живот можеби најмногу од кој било друг вид на вашиот духовен живот.