Престојување во Исус и службата – Ден 31

Службата за Господа повремено може да стане тешко бреме, полно со немир и стрес, сè додека христијанинот конечно не сфати и не искуси што значи да престојува во Христа и Христос да престојува во Него. Меѓутоа, кога еднаш ќе се доживее тајната на соединувањето со Христа, сè се менува. Службата за Учителот тогаш станува радост, а срцето и товарите стануваат ублажени.

Елен Вајт пишувала за големиот мир што го имал Христос додека служел на земјата. Опишувајќи ја Неговата реакција за време на бурата која им се заканила на неговите ученици и Нему, таа запишала: „Кога го разбудиле да се сретне со луњата, Исус бил совршено мирен. Немало никаков страв ниту во зборовите ниту во погледот, зашто немало страв во неговото срце. Меѓутоа, Тој не почивал во поседувајќи семожна сила. Не почивал во мир како ‘Господар на земјата и морињата и небото’. Таа сила ја одложил зашто кажува: ‘Јас не можам да направам ништо сам од себе’ (Јован 5,30). Тој се потпирал врз моќта на Отецот. Исус почивал во вера – вера во Божјата љубов и грижа – а силата на зборовите што ја замолкнала бурата била Божја сила” (Копнежот на вековите, стр, 312).

Таа потоа продожува упатувајќи ни повик да се потпреме на нашиот Господ на истиот начин: „Како што Исус почивал со вера во грижата на Отецот, така и ние треба да починеме во грижата на нашиот Спасител. Кога учениците би имале доверба во него, би го сочувале мирот. Нивниот страв за време на опасноста го открил нивното неверство. Во своите напори да се спасат, го заборавиле Исуса, и дури кога се разочарале во себе и кога се свртиле кон него, Тој можел да им помогне.

Колку често искуството на учениците е и наше искуство! Кога наидуваат луњи на искушенија и кога жестоко молскаат молњи, а преку нас преминуваат бранови, ние со луњата се бориме сами, заборавајќи дека постои Оној што може да ни помогне. Се потпираме на своја сила сё додека не загубиме надеж и скоро не загинеме. Тогаш ќе се сетиме на Исуса и ако го повикаме него да нё спаси, нашиот извик нема да биде напразен. Иако со жалост го кара нашето неверство, и самоувереност, Тој никогаш не пропушта да ни ја пружи помошта што ни е потребна. Било на копно или на море, ако го имаме Спасителот во срцето, ние немаме потреба да се плашиме. Живата вера во Откупителот ќе го смири морето на животот и ќе нё избави од опасностите на начин што Тој го смета за најдобар“ (Исто стр. 312.313).

Ако вистински сме го искусиле престојувањето во Христа и Неговото престојување во нас, Неговото присуство за нас е реалност. Тогаш нашето почивање во него ќе биде вистинско, а не само теорија, и ќе биде постојано. Ќе исчезне секој страв, грижа или стрес во службата или во животот. Товарите на службата ќе бидат симнати од нашиот грб и заменети со нашето почивање во Исусовото присуство. Како што вели Елена Вајт, мораме да се разочараме во потпирањето на самите себе и да се свртиме кон Исуса.

Кога престојуваме во Христа, ќе имаме со Него заедница каква што Тој имал со Таткото, а која што Го оспособила да почива во сигурноста дека Таткото ќе зборува и ќе служи преку Него. „Не веруваш ли дека Јас Сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; Таткото, Кој е во Мене, Тој ги прави делата“ (Јован 14,10).