Примерот за молитва што ни го даваат Исус и учениците – Ден 10

Често го гледаме Исуса како се моли за време на својата овоземна служба. Откако го поучувал големото мноштво и ги исцелувал нивните болести, за Него се вели: „А Тој се повлекуваше во пустината и се молеше” (Лука 5,16). Лука известува дека пред повикувањето на дванаесетмината одел да се моли:

„Во тие дни се искачи на гората, за да се моли; и ја помина ноќта, молејќи Му се на Бога. А кога се раздени, ги повика Своите ученици и од нив избра Дванаесетмина, кои ги нарече апостоли“ (Лука 6,12.13). На гората на преобразувањето Исус се молел (Лука 9,29). Светиот Дух го поттикнувал да поминува многу време во молитва и во заедница со својот небесен Татко. Тој одговарал на длабоката внатрешна потреба за молитва што ја чувствувал. Знаел дека единствено во таквите часови на молитва ќе биде едно со својот Татко и ќе биде засилен да го исполни делото за коешто дошол.

Исус се здобил со победа над сатаната благодарение на времето поминато во молитва кон својот Татко. Кога читаме за Христовото спротивставување на сатаната, во човековиот живот и во природата во вид на опседнатост со демони, болести, смрт, бури итн., не може а да не забележиме дека во тие моменти Тој се моли од длабината на своето срце Таткото да му даде сила да ги ослободи луѓето. Тој веќе ја примил таа сила од Таткото во времето кога бил во блиска заедница со него во молитва. Соочен со сатаната и неговото дејство, Исус едноставно изговарал зборови со силата и авторитетот на својот Татко, така што сатанската моќ била скршена. Христовите зборови изгонувале демони, лечеле болести, кревале мртви и смирувале бури

Поуката е јасна. Христос го одржувал своето единство со Таткото и од него добивал сила за победа над непријателот токму во моментите на молитва. Потоа се враќал од тие молитвени часови на неделлива заедница со својот Татко. Бил свесен за присуството на Таткото во секој миг и секој ден. Христос го одржувал тоа вистинско единство со Таткото во текот на целиот свој живот. Кога ќе се соочел со сатаната, бил подготвен да се соочи со предизвикот и да ја задобие победата благодарение на својот молитвен живот.

Учениците не го губеле од вид Христовиот пример за молитвен живот. Молитвата била централен дел од нивната служба. Бидејќи растот на црквата барал сè повеќе време, учениците поставиле ѓакони да „служат околу трпезата”. Учениците ги кажале следните зборови околу своите важни обврски: „А ние и натаму ќе им се посветиме на молитвата и на службата на словото” (Дела на апостолите 6,4). Верниците на раната црква биле луѓе на молитвата. За нив стои забележано: „И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите” (Дела на апостолите 2,42).

Тие први верници се молеле во храмот, во своите домови и во природата. „А во саботата излеговме надвор од градската врата, кон реката, каде што имаа обичај да се молат” (Дела на апостолите 16,13). Сите апостоли биле луѓе на молитва. Павле вели дека деноноќно се молел за верниците: „Ноќе и дење се молиме најусрдно да го видиме вашето лице и да го дополниме тоа, што и недостига на вашата вера” (1. Солуњаните 3,10). Бидејќи биле луѓе на молитвата, апостолите биле луѓе полни со сила во Господа. Првите христијани исто така биле луѓе и жени на молитвата, така што Бог можел да прави силни дела преку нив. Благодарение на молитвите, Евангелието му било објавено на светот:

„Само ако останете во верата засновани и цврсти и непоколебливи во надежта на Евангелието, кое го чувте, кое е проповедано на целото создание под небото и на кое јас, Павле, му станав служител” (Колошаните 1,23). Бог го повикува секој христијанин да стане силен борец во молитва..