Текстови

Решение за лаодикејската состојба на црквата – Ден 22

Едно мошне важно прашање, кое се однесува на денешната Црква, гласи: Како да се сменам од „нетерапевтско” во „терапевтско” средство? Одговорот ни го дава Божјата вест до Лаодикејците. Исус вели дека Тој стои на вратата и сака да влезе во нашиот живот: „Еве, стојам на вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене” (Откровение 3,20).

Како да Му дозволиме да влезе? Со крштавање со Светиот Дух. „И Јас ќе го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека; Духот на Вистината, Кого светот не може да го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде со вас. Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас“ (Јован 14,16-18).

Во овие стихови Исус им кажува на учениците дека ќе дојде кај нив кога Светиот Дух ќе биде постојано присутен во нивниот живот. Тоа се случило на денот Педесетница. Токму преку крштавањето со Светиот Дух Исус може да живее во верникот: „И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој – во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го дал” (1.Јованово 3,24).

Што може крштавањето со Светиот Дух да направи за млакиот христијанин? Испoлнувањето со Светиот Дух на примателот ќе му донесе оживување, а оживувањето е единствен одговор за лаодикејскиот проблем. Единствено преку оживувањето Црквата ќе стане терапевтско средство за овој свет. Единствено преку оживување на Црквата може да достигне до духовната состојба од која Бог може силно да ја употреби како средство за избавување на луѓето од силата на темнината.

Елена Вајт добро го разбрала значењето и итноста на потребата од оживување: „Оживувањето на вистинската побожност помеѓу нас е најголемата и најитна потреба од сите останати потреби. Да настојуваме тоа да биде нашата прва задача на која треба да ја сработиме” (Selected Messages, книга 1, стр. 121). Таа, исто така, ја разбирала врската помеѓу крштавањето со Светиот Дух и оживувањето: „Крштавањето со Светиот Дух како на денот Педесетница, ќе доведе до оживување на вистинската религија и остварување на многу чудесни дела” (Selected Messages, книга 2, стр. 57).

Крштавањето со Светиот Дух на лаодикејскиот христијанин ќе му ја даде неопходната сила повторно духовно да оживее, а и сила за сведочење. Исус ја знаел важноста на она што ќе се случи кога Светиот Дух ќе се излее во силата на раниот дожд на денот Педесетница. Зборувајќи за тоа, рекол: „Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален!“ (Лука 12,49). За каков оган Исус зборува? За огнот на Светиот Дух. „Јован им одговори на сите: ’Јас ве крштавам во вода; но иде посилен од мене, Кому јас не сум достоен да го одврзам ременот на Неговите обувки; Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган” (Лука 3,16). Како може лаодикејскиот христијанин да биде крстен со Светиот Дух и како може да доживее оживување? На истиот начин на кој верниците отсекогаш можеле – повикувајќи се на Божјите ветувања:

„И додека беше заедно со нив, им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Таткото, ‘што го чувте од Мене’: ‘Јован крштаваше во вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух, не по многу дни!… Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата…’ Сите овие еднодушно и постојано беа во молитва, заедно со некои жени и со Марија, Исусовата мајка, и со Неговите браќа” (Дела на апостолите 1,4.5.8.14). Елена Вајт потврдува со следните зборови: „Оживувањето треба да се очекува само како одговор на молитва“ (Selected Messages, книга 1, стр. 121). Секој современ христијанин треба да се моли со Давидовата молитва: „Зар нема да нè оживееш пак, за да се радува Твојот народ во Тебе?” (Псалм 85,6).