За евангелието учиме и во историјата на создавањето. Во Прва Мојсеева читаме: „Така беа довршени небото и земјата со сето свое воинство. И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи“ (1. Мојсеева 2,1.2). Од овој текст дознаваме дека Бог работел, а потоа се одморил.
Состојбата на Адам била сосема спротивна. Тој најпрво уживал во Божјиот одмор бидејќи седмиот ден, сабота, бил негов прв полн ден во животот. Откако се одморил во седмиот ден, тој почнал да работи. Истиот редослед важи и кога е во прашање човековото откупување. Бог во Христа го довршил делото на откупување преку неговиот безгрешен живот, смрт и воскресение. Човекот почнува да ги доживува делата на Божјото откупување во својот живот одморајќи се во она што Бог веќе го направил за Него. Тој се одмора во сознанието дека Исус умрел за Неговите гревови и бесплатно, како дар, му дал вечен живот.
Тој се одмора свесен дека ја има Христовата праведност која го покрива. Тој исто така се одмора во сознанието дека на крстот е скршена моќта на неговата грешна природа и дека сега е слободен да му служи на Бога. Секојдневно се одмора затоа што знае дека Христос живее во него и дека својот божествен живот ќе го открива во него и преку него само ако одлучи да му дозволи да влезе. Кога верникот се одмора во овие вистини, тој е во состојба да „работи” или со вера да служи и да се покорува на Господа во животот и службата. Тој одмор му е неопходен за да може верно да му служи на Бога. Под одмор го подразбирам фактот дека тој со вера го прифаќа она што Бог го направил за неговото откупување, и во тоа се потпира на Христа.
Во Евреите 4. глава наоѓаме сличен опис на поимот одмор во историјата на Израелците кои пропуштиле да влезат во Божјиот мир за време на престојот во пустината: „Значи, на Божјиот народ му остана починката. Имено, кој влегол
во Неговата починка, тој се одморил од своите дела, како и Бог од Своите. И така, да се погрижиме да влеземе во Христовата починка, за да не падне некој по примерот на истата непослушност!“ (Евреите 4,9-11). Божјото слово е мошне јасно кога е во прашање концептот за одмор. Кога влегуваме во Божјиот одмор, ние се откажуваме од сопствените напори. Препораката до нас гласи дека е важно да тежнееме да влеземе во Божјиот мир. Во спротивно, нема да успееме да му бидеме послушни на Бога заради неверството.
Единствен начин да стекнеме победа над искушението и гревот е да најдеме одмор во цврстото уверение дека Исус престојува во нас и да му дозволиме со својот живот да живее во нас и преку нас. Ние мора да се одмориме во таа вистина верувајќи, а не да го попречуваме Божјото дело на откупување во нашиот живот, обидувајќи се да бидеме послушни со својата работа или со вложување на сопствени напори. Нашата улога е да веруваме и да одлучиме да му дозволиме на Христа со својот живот да живее во нас. Ние треба да се одмораме во Неговата довршена работа. Тоа одморање во Христа е вистинското значење на саботниот одмор за кој Бог нè повикува да го искусиме:
„Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден“ (2 Мојсеева 20,8-11). Нашата улога е да одлучиме и да веруваме. Ова бара целосно предавање на Христа и целокупното наше време .