Зошто е молитвата неопходна? – Ден11

Иако повеќето христијани веруваат дека молитвата е важна, мнозина не сфаќаат зошто е молитвата навистина неопходна. Многумина ја доведуваат во прашање Божјата сувереност и неговата можност да ја спроведе својата волја, или пак ја побиваат нашата потреба да се молиме Бог да стори нешто што Тој веќе сака и инаку планира да направи. Некои мислат дека молитвата е предвидена првенствено за наша полза, но дека Бог сепак ќе го направи она што Тој сака да го направи, без разлика дали ние се молиме или не.

Позната е и мислата дека молитвата е „предимство”, но секако не и нужност за Бог да ја спроведе својата волја на Земјата. Во сето ова вистина е дека Божјите деца треба да се молат, дека тоа е неопходно. Инаку, зошто Исус би ни рекол да се молиме да биде според Божјата волја? „Туку вие молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата” (Матеј 6,9.10).

Ако верниците не се молат, на оваа Земја нема да се остварат Божјите желби. Прва Мојсеева вака известува за создавањето на светот и за човечкиот род: „Потоа Бог рече: ‘Да создадеме човек според Нашиот образ (и) според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, (над ѕверовите) и над добитокот – над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!’ И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде’“ (1. Мојсеева 1,26.27). Еврејските зборови преведени како „според нашиот образ” укажуваат дека Бог ги создал човечките суштества слични на Него.

Кога го создал човекот, Бог направил уште нешто. Во претходно наведените стихови речено ни е дека Бог му дал „власт” на човекот над овој свет. Еврејскиот збор преведен како „власт” значи „управува” или „царува” над некој. Како Божји претставник, Адам требало да владее со овој свет. „И го зеде Господ Бог човекот (кого го создаде), го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува” (1. Мојсеева 2,15). Адамовата одговорност да ја „чува” Земјата се состоела од обврската да ја штити од сè што би можело да ў нанесе штета. Адам требало да биде Божји авторитативен претставник на Земјата. Требало да биде нејзин стражар или чувар.

Псалмистот понатаму ја опишува положбата којашто Бог му ја дал на човекот при создавањето: „Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал” (Псалм 8,5). Кога ќе ги погледнеме оригиналните еврејски зборови преведени како слава и чест, наоѓаме дека авторитетот што му бил даден на човекот е како царски авторитет. Оттаму при создавањето Земјата била ставена под Адамовата власт. Оно што се случувало на Земјата зависело од Адам.

Молитвата е неопходна, зашто од самиот почеток Бог сакал да делува преку луѓето во остварувањето на својата волја на Земјата, а не независно од нив. Бог работи преку молитвата на својот народ. Кога Бог сака нешто да оствари на Земјата, неопходно е човечките суштества да го молат Тој тоа да го направи. Многу примери за тоа наоѓаме и во Стариот и во Новиот завет. Ние треба да бараме да биде Божјата волја на Земјата (Матеј 6,10). Треба да се молиме на Бога: „Лебот наш насушен дај ни го денес” (11. стих).

Гледајќи ја големата потреба на мноштвото, Исус барал неговите ученици да му ја упатат на Отецот следната молитва: „А штом виде многу народ, се сожали над нив, зашто беа изморени и напуштени како овци без пастир” (Матеј 9,36-38). Бог сака да испрати работници во полето на овој свет за да ја соберат жетвата. Меѓутоа, неопходно е христијаните да се молат Тој да го стори тоа. Павле барал од верниците да се молат Евангелието да напредува: „Потоа, браќа, молете Му се на Бога за нас, та словото Господово да се распространува и да се слави на секое место, како и меѓу вас” (2. Солуњаните 3,1).

Сè што е кажано претходно е Божја волја; но, неопходно е човекот да се моли за сето тоа, зашто молитвата ја ослободува Божјата сила со која се врши неговата волја на Земјата. Не заборавајте, Бог планира да работи преку човечките суштества, а не независно од нив. Нашите молитви имаат суштинска важност за остварување на Божјата волја во нашиот живот и во животот на оние за кои се молите.