Текстови

ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН – 1 ГЛАВА

Исус ги има клучевите од смртта

На суриот, карпест остров Патмос, Јован бил постојано во мислите со Господ. Шеесет и пет години поминале од мигот кога Исус се вознел на небото на облаци, од мигот кога ангелите ветиле дека ќе се врати на облаци. Во беседата на Маслинската гора сам Исус ветил дека еден ден ќе се врати.

Еден по еден, пријателите на Јован си заминувале на починка, едни од болест, други од старост, а некои поради прогонство. Неговите родители, Зеведеј и Салома, лежеле в гроб. На брат му Јаков веќе одамна заради Христа му ја пресекле главата. Исусовата мајка, Марија, за која предано се грижел по Христовото распнување, очигледно веќе не била со него. Петар бил распнат за Христа. Павле, како и Јаков, ја загубил главата.Сите дванаесетмина, освен него, веќе почивале во мир, а и нему не му преостанало многу време. Колку жалосен бил што Исус веќе не се вратил! Дали некогаш ќе се врати? Дали некогаш ќе се случи воскресение? Што се Јован би дал уште еднаш пред својата смрт да се сретне со Исуса!

– Наеднаш Јовановото размислување било прекинато. Зад него се чул “силен глас, како труба“. “Запиши го во книга она што го гледаш и прати го до седумте цркви кои се во Азија“, чул налог (Откровение 1,10.11). Уплашен и со растреперено срце, Јован се свртел колку што можел побргу да види кој му зборува. На негово изненадување, почвата на вулканскиот остров како да блескотела. На местото на кое само пред неколку мига се издигнувале голи карпи, се појавиле седум златни светилници. А “сред седумте светилници“ стоел Некој “сличен на Синот човечки, облечен во облека долга до нозете и препашан со златен појас преку градите“ (Откровение 1,13). Неговата коса била снежно бела, а неговото лице и стапалата, деловите на телото кои не биле прекриени со облека, блескотеле со натприроден сјај.

Тоа било истото Суштество што го видел Даниел во својата старост (Даниел 10 глава). Јован, како и Даниел, паднал на земјата како мртов. Слично на Даниел, и Јован ги слушнал истите љубезни зборови: “Не бој се!“ Погледнувајќи нагоре, над сета таа слава видел дека Оној што зборува е неговиот мил Господ. Исус повторно му се претставил на својот верен, стар пријател. “Јас сум прв и последен и жив!“ рекол. “Бев мртов и еве, жив сум во сите векови и ги имам клучевите од гробот и од смртта!“ (Откровение 1,17.18). Исус е ЖИВ! Со исклучок на она кратко време меѓу смртта на крстот и воскресението, Исус секогаш бил жив и Тој секогаш – вечно ќе живее! И ги има “клучевите од смртта“! Навистина! Кога најмоќната држава на светот, Рим, го распнала и го ставила во гроб, кога поставила стотина стражари да го чуваат, Исус станал од гробот и покрај стражата поминал жив! Јас ги имам “клучевите од смртта“! Ако Исус, кога бил мртов, можел да воскресне од мртвите и да излезе од својот гроб, нема никакво сомневање дека Тој ќе може да ги отвори сите други гробови и да ги изведе во живот оние што спијат во нив! Јован на Патмос веројатно си спомнал како Исус, дури и пред своето воскресение, воскреснувал и луѓе кои биле мртви. Зборовите “Јас сум… жив!“ – го потсетиле на сличните зборови што Исус некогаш одамна ги изговорил пред гробот на Лазар. Лично Јован го запишал извештајот за Исуса и Лазар во 11 глава од своето Евангелие. Нашиот живот во Него е вечен не затоа што никогаш нема да заспиеме, туку затоа што Тој, наспроти тоа што ќе заспиеме и кога ќе заспиеме, ќе не воскресне во последниот ден, при своето доаѓање.

“Зашто сам Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и мртвите во Христа ќе воскреснат!“ (1 Солуњаните 4,16). Исус му рекол на Јована на островот Патмос: “Бев мртов и еве, жив сум во сите векови и ги имам клучевите од гробот и од смртта!“ (Откровение 1,18). Христовата смрт и неговото воскресение за нас се доказ, гаранција дека Христос навистина ја победил смртта. Туристите стојат восхитени пред гробовите во кои лежат Незнајниот јунак, Наполеон Бонапарта или Симон Боливар, но илјадници христијани секоја година доаѓаат да се поклонат пред празниот Христов гроб. “Не е тука, зашто воскресна!“ (Матеј 28,6). Апостол Павле разумно заклучува: “Ако Христос не воскресна, суетна е вашата вера – вие сеуште сте во вашите гревови. Тогаш и оние кои починаа во Христа, загинаа. И ако само во овој живот се надеваме на Христа, ќе бевме за жалење, повеќе од сите други луѓе!“ (1 Коринќаните 15,17-19). Апостол Павле целокупната своја вера ја темелел на еден единствен факт, на воскресението! Тој знаел дека Христос воскреснал. Луѓето кои добро ги познавал, навистина го виделе воскреснатиот Христос. Тој сам ги набројува: “Тој му се јави на Кифа, а потоа на дванаесеттемина. Потоа им се јави едновремено на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои починаа. Потоа му се јави на Јакова, и потоа на сите апостоли!“  “А најпосле ми се јави и мене!“ – додал Павле со глас во кој се чуствува непоколеблива доверба (1 Коринќаните 15,5-8). Неколку пати, во пригодите што ги споменува Павле, Јован бил присутен и го видел Исуса; а сега добил нова прекрасна предност уште еднаш да го види на островот Патмос во својата старост. Ги чул неговите зборови: “Не плаши се! Јас сум прв и последен, и жив; бев мртов, и еве, жив сум во сите векови, и ги имам клучевите од гробот и од смртта!“ Еден ден, мошне бргу, Христос ќе се послужи со тие клучеви да го отвори гробот на секој маж и жена, на секое момче и девојче кои заспале “во него“. Таа сигурност е дел на Откровението на Исуса Христа.