Текстови

Ефес, црква што ја отфрлила својата прва љубов

Дали сте имале дома ламба петролејка? Имате ли и сега? Ако имате, тогаш знаете колкаво внимание бара таа светилка. Речиси по секоја употреба морате да го потсечете или да го замените фитилчето, да долеете гориво и да го исчистите стаклото. Во старозаветното Светилиште за седумте светилки на седмокракиот светилник во првото одделение секој ден морал да се грижи лично првосвештеникот (поглаварот свештенички) (3. Мојсеева 24,1-4).

Чистењето на светилките, потсекувањето и заменувањето на фитилчињата и долевањето на маслиново масло, претставувале дел на непрекратната (“тамид“) одговорност на врховниот свештеник (првосвештеник). Текстот во Откровение 2,1 кажува дека Исус “оди сред… светилници“. Тој е наш сегашен првосвештеник кој служи во небесното Светилиште (Евреите 3,8; 8,1). Тој се грижи за нашите интереси “непрестајно“ (Евреите 7,25). Симболичката грижа за саѓосаните светилки, кои ја претставуваат неговата црква, е дел од неговата првосвештеничка должност, на неговиот “тамид“. Секако, Исус не потсекува вистински фитилчиња ниту пак долева вистинско маслиново масло. Како Тој се грижи за своите цркви кои “чурат“ и за своите често “недостасани“ христијани е опишано во седумте писма во втората и третата глава од Откровението. Тој им помага на своите “светилки“ појасно да светат (а) пофалувајќи ги нивните добри особини, (б) отворено кудејќи ги нивните мани и повикувајќи ги да ги променат своите срца, да се покаат и (в) нудејќи им прекрасни награди на сите што ќе ги прифатат неговите повици.

1. Ефес, црква што ја отфрлила својата прва љубов

Историска заднина – Ефес бил најважен град во римската провинција Азија. Не бил главен град, зашто таа чест ја носел Пергам. Но имал добро пристаниште, а неговата положба на стратешки важната сообраќајница, која го поврзувала исток со запад, му помагала да стане силен трговски центар. Божицата на плодноста, Артемида, украсена со многу дојки, позната и како Дијана, била врховно градско божество (Делата на апостолите 19,35). Нејзиниот величествен храм им бил познат на современиците како едно од седумте светски чуда. Акила и Прискила, посветена брачна двојка, ја втемелиле христијанската црква во овој бучен незнабожечки град. Надарениот говорник, Аполос, помогнал таа да се зацврсти, а тоа го правел и апостол Павле (Дела 18,18-26). Всушност, Павле поминал во Ефес три години. Во текот на две од тие три години, тој секој ден околу пладне одржувал библиски предавања во изнајмена сала, зашто во тоа време трговијата стивнувала, па салата била слободна (Дела 19,8-10; 20,31). Многу поклоници престанале да ги купуваат сребрените сувенири на божицата Артемида, па локалните занаетчии поттикнале антихристијански демонстрации (Дела 19, 23- 41). Малку подоцна, кога ги посетил старешините на ефеските христијани, апостол Павле ги предупредил дека наскоро од нивната средина ќе излезат еретици кои ќе шират лажна наука (Дела 20,29.30). Во своето писмо тој ги предупредува: “Никој да не ве мами со празни зборови!“ “Не станувајте соучесници “ со оние што се занимаваат со таква работа (Ефесјаните 5,6.7).

Пофалба – Ефеските христијани го прифатиле советот на Павле. По 30 години, во книгата Откровение, Исус ги пофалува што “ги испитаа оние кои тврдат дека се апостоли, а не се“, и затоа што “ги мразат николаитските дела кои “, додава Исус, “и јас ги мразам“. Исус ги пофалува верниците во Ефес и за нивните “дела“, “труд“ и “трпение“ (Откровение 2,2.6). Кои биле николаити? Иринеј, свештеник од вториот век, кој израснал во близина на Ефес, зборува за нив во едно свое писмо. Нилолаитите себеси се сметале за христијани, вели тој, но рамнодушно се однесувале кон “прељубата и јадењето на идолски жртви“. Се чини дека николаитите биле христијани кои сметале дека верата во Христа ги ослободува од обврската да бидат послушни барем на некои од Десетте заповеди. Јован пишува (1.Јованово 2,4) против слични верници кои тврдат дека го познаваат Христа, а едновремено ги кршат неговите заповеди. Јован сите тие ги нарекува лажливци. Да ги нарекуваш “лажливци“ христијаните кои сметаат дека се ослободени од обврската да ги држат Божјите заповеди значи да употребуваш остри зборови. Но и Исус употребил остри зборови кога рекол дека ги “мрази“ учењата на николаитите. Да се присетиме дека Исус во беседата на Гората рекол: “Не секој што ми вели: Господе, Господе! ќе влезе во небесното царство, туку оној кој ја врши волјата на мојот Отец кој е на небесата“ (Матеј 7,21 ). Овие зборови отрезнуваат, особено кога ќе земеме во обзир дека многу денешни христијани тврдат оти нас верата не ослободува од послушноста кон оваа или онаа заповед! Обично тие христијани лекомислено се однесуваат кон седмата заповед која забранува прељуба, или кон четвртата која зборува за почитување на седмиот ден како ден за одмор.

Укор – Се радуваме кога ќе чуеме дека христијаните од Ефес ги отфрлиле лажните науки на николаитите. Постапувајќи така, тие се придржувале кон Павловиот совет да не се дружат со лажни учители. Сепак, се чини дека не се покажале толку добро во однос на вториот совет на Павле. Имено, Павле им кажал ( Ефесјаните 5,2) да “живеат во љубов, како и Христос што ве засака вас“. Меѓутоа, Исус морал преку Јован да им упати остар прекор: “Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов!“ (Откровение 2,4). Христијаните од Ефес го загубиле жарот на својата прва љубов кон Исуса Христа. Ја загубиле и топлината на својата првобитна меѓусебна љубов. Таа загуба на љубовта Исус ја сметал за голем грев. “Спомни си од каде падна, покај се и врши ги делата што ги вршеше на почетокот!“ и веднаш додал: “ако пак не, ќе дојдам кај тебе и ако не се покаеш, ќе го отстранам твојот светилник од неговото место!“ Исус се однесувал тактично, но строго, спрема недоволно стасаните христијани од Ефес. Прво зборувал за нивните добри особини, а потоа отворено проговорил и за маните. Христијанската црква, ако сака да биде црква на христијани, вистинско видело на светот, има голема должност да шири љубов. “По оваа сите ќе познаат дека сте мои ученици- ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13,35). “Така нека свети вашата светлина пред луѓето за да ги видат вашите добри дела и да го прослават вашиот Отец кој е на небесата“(Матеј 5,16). Луѓето во неволја црквата ја прогласуваат за светлина и го слават Бога кога христијаните им укажуваат вистинска помош. Деловните луѓе за црквата зборуваат дека таа е видело кога христијаните ги плаќаат своите долгови на време, кога своите приговори, ако ги има, ги вложуваат на љубезен и пријателски начин. Нехристијаните ги вчудовидува Божјата сила кога месната црква, која била позната како кавгаџиска, наеднаш ќе престане да биде “чадлива“ црква и кога ќе стане заедница соединета со љубов.

Награди – Радоста што произлегува од обновувањето на првата љубов и од односите што се втемелени врз неа претставува само почеток на наградите ветени на црквата во Ефес. Исус кажува: “Кој победува“ – секој што ќе го совлада недостигот на љубовта, кој ќе се исполни со љубов – “ќе му дадам да јаде од дрвото на животот кое е сред Божјиот рај!“ Дрвото на животот првобитно растело во Едем (1 Мојсеева 2,8.9). Едемската градина сега е на небото (2 Коринќаните 12,2-4). Сите би сакале што побргу да добиеме пристап кон дрвото на животот! Исус ни ветува дека наскоро ќе добиеме пристап кон тоа дрво на небото.