Текстови

Филаделфија, црква со отворена врата

Историска панорама. – Југоисточно од Сард, и во негова близина, се наоѓала Филаделфија, сместена, како и Тијатир, на широка височинка меѓу две плодни долини. Едната од тие долини нудела природен премин, “отворена врата“ низ планините кон исток, придонесувајќи во голема мера за трговскиот успех на Филаделфија и за нејзиното културно влијание. Како и за другите градови за кои зборувавме, и Филаделфија повремено била разурнувана од земјотреси. По еден таков земјотрес, граѓаните долго време живееле во колиби по околните полиња, не осмелувајќи се да се вратат во домовите.

Филаделфија значи “братска љубов“. Ова привлечно име го добила од царот Атал II Пергамски, кој со тоа сакал да го овековечи споменот на својот постар брат Еуменес II. Денеска, под името Алашехир, “црвеникав град“, постои населба од околу 20 илјади жители.

Пофалба. – Исус ги пофалил филаделфиските христијани и решил да не ги спомне нивните мани. Слично на смирнанските христијани, и ним не им пратил никаков укор. Наместо тоа, Тој зборува за нивна “мала сила“, повеќе да ги оправда, отколку да ги укори. Пред да појде на крст, Христос рекол дека сите ние сме беспомошни. “Зашто без мене не можете да правите ништо!“ (Јован 15,5). Ценејќи го трудот на верниците во Филаделфија, Исус нагласил: “Ја запази мојата реч и не се откажа од моето име!“

Награда. – Исус филаделфиските христијани ги опсипал со ветувања. Им рекол дека “сатанската синагога“ ќе падне пред нивните нозе и тогаш ќе сфатат дека Исус ги сака. Со името “сатанска синагога“ Исус веројатно го нарекол отпадот на Евреите или, можеби, оние кои лажно се нарекувале христијани. Тој ветил дека победниците од Филаделфија ќе станат столбови во Божјиот храм и дека никогаш не ќе мораат да излезат од него. Спокојството и сигурноста на вечниот живот со Бога овде се изнесува како спротивност на немирот што ги обземал жителите на Филаделфија по земјотресот. Исус исто така ветил дека победниците ќе го добијат “името на мојот Бог, и името на градот на мојот Бог… И моето ново име!“ Ние веќе зборувавме за важноста на името како обележје на карактерот. Кога ветил дека ќе ни го даде името на својот Бог, Исус сакал да каже дека, доколку соработуваме со него, Тој ќе ни помогне да развиеме карактер сличен на неговиот. Ветувајќи ни го “името на градот на мојот Бог“, Тој ни ветил дека ќе станеме жители на новиот Ерусалим, престолнината на Божјето вселенско царство (Евреите 11,14-16; Филипјаните 3,20). Тоа не потсетува на ветувањето запишано во книгата на пророк Даниел 7,27: “А царството и власта и царското величество под сето небо ќе му се даде на народот на светците на Севишниот!“

Заштита во неволјите. – Колку е утешно што можеме да прочитаме дека Исус ветил оти ќе ги “сочува“ филаделфиските христијани “од часот на искушението што ќе се урне врз целиот свет за да ги испита оние што живеат на земјата!“ Тој овде се повикува на неволјите за кои зборува пророк Даниел: “Тоа ќе биде време на страдање какво што не постоело откако постои народ па до тогаш!“ (Даниел 12,1). Од таа неволја, кажува Даниел на истото место, Божјиот народ ќе биде избавен. Во Откровение 3,10 Исус ветува дека ќе ги “сочува“ филаделфиските христијани “од часот на искушението“. Последната и најголема неволја ќе дојде на крај, кога ќе стане Михаел (Даниел 12,1), откако ќе се испитаат книгите на заседанието на предадвентниот суд (Даниел 7,9-14) и непосредно пред воскресението (Даниел 12,2) при второто Христово доаѓање. Смирна ќе се соочи со неволја која ќе трае десет дена, со неволја во која христијаните ќе мора да останат верни “до смрт“. Тоа ќе биде прогонство сосредоточено против вистинските христијани, кога верните Христови следбеници ќе бидат убивани. И Тијатир бил предупреден на неволјите, но во текот на тие неволји казната ќе мора да ја поднесат грешните следбеници на Езавела. Според тоа, писмата упатени до ангелите на седумте цркви зборуваат за три различни времиња на неволја: (1) за прогонство во Смирна, кога некои верници ќе го загубат животот; (2) за казни во времето на Тијатир, кога неволји ќе доживеат следбениците на Езавела и (3) за завршното време на неволја, кога цел свет ќе биде ставен на проверка од која Божјиот народ ќе биде ослободен. Овие различни неволји мораме да ги имаме на ум кога подоцна ќе се прашаме дали седумте цркви претставуваат и седум периоди во историјата на црквата. Меѓутоа, пред да го сториме тоа, треба да се прашаме што би можеле да преземеме ние за да се заштитиме од неволјите што доаѓаат. Нас не интересира ова прашање бидејќи си споменуваме дека и ветувањата се однесуваат на секого што “има уши“, на секого кој сака да чуе. Исус одговара: Бидејќи ја одржа речта на моето трпение, и јас ќе те сочувам од часот на искушението што ќе дојде врз целиот свет!“ На грчки јазик, јазикот на оригиналот, поимот “реч“ може да значи и “порака“, “совет“, “заповед“. Еден превод кажува: “Бидејќи ја послуша мојата заповед стрпливо да поднесуваш, и јас тебе ќе те сочувам!“ – Суштина: (1) Исус ни порачува стрпливо да ги поднесуваме неволјите на секојдневниот живот и (2) Тој ни ветува оти, ако се држиме за него и со негова помош ги поднесуваме неволјите, ќе ни помогне да издржиме кога ќе избувне последната голема криза. Го почнавме размислувањето за Филаделфија, нарекувајќи ја црква со отворена врата. Христос на оваа црква и се претставува како Оној “кој го има Давидовиот клуч; кој отвара и никој не затвара, кој затвара и никој не отвара!“ Сликата е земена од текстот во книгата на пророк Исаија 22,22 каде што тој збор, на локално ниво, се применува на владиниот службеник Елијаким, кој кратко време ја вршел својата служба. Наспроти него, Исус е вистинскиот и вечен чувар на клучот, сопственик на највисоката власт. Во Откровението Исус додава: “Оставив пред тебе отворена врата што никој не може да ја затвори!“ (Откровение 3,8).