КНИГА-ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН

Кој бил Јован ?

Книгата Откровение ја напишал “Божјиот слуга Јован“ (Откровение 1,1). Јован не било вообичаено име во новозаветното време. Постојат докази дека Јован, кој го напишал Откровението, бил познатиот Исусов ученик. Девет факти од неговиот живот го заслужуваат нашето внимание:

1. Еве го јагнето Божје ! – Јован прв пат го видел Исуса додека стоел сред мноштвото луѓе и го посматрал Јована Крстителот како крштава во реката Јордан. Видел како Јован Крстителот за време на својот говор одненадеж нагло ја подава својата рака кон необичниот странец и извикнува со силен глас: “Еве го Јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот!“ (Јован 1,29). Името “Јагне Божје“ длабоко се врежало во свеста на Јована. Секој ден во храмот, а особено на празникот Пасха, се принесувани жртви за гревовите на луѓето. Длабоко уверен дека Исус навистина е Божје “Јагне“, Јован во Откровението 29 пати го употребува тој симбол.

2. Ученик кого Исус го сакал. – Јован штотуку зачекорил во младешки години кога прв пат го видел Исуса. Покрај Јована, сред мноштвото се наоѓал и неговиот близок пријател Андреј, брат му на Симон Петар. Кога Јован Крстителот укажал на Исуса како на “Јагне Божје“, и Јован и Андреј решиле да се запознаат со него (Јован 1,35-40). Во текот на следните неколку месеци, Јован само повремено се сретнувал со Исуса. Веројатно тој присуствувал на свадбата во Кана на која Исус претворил вода во вино (Јован 2,1-11). Најголем дел од своето време, заедно со својот постар брат Јаков, со Андреја и со неговиот брат Петар, Јован поминувал на Генизаретското езеро, занимавајќи се со рибарење како занает. Но, кога Исус ја почнал својата сеопфатна мисија во Галилеја и кога ги повикал тие четворица млади пријатели да го остават рибарењето и да станат “ловци на луѓе“ (Матеј 4,18-22), тие ги оставиле своите мрежи и пошле по него. Сега животот наполно им се изменил. Меѓу дванаесеттемина ученици што ги одбрал Исус, тројца од овие четворица пријатели – Петар, Јаков и Јован – сочинувале еден потесен круг. Исус не ги изделувал своите миленици, но на овие тројца, повеќе отколку на другите, им бил многу позначаен во животот. Од овие тројца најблиски, Јован посебно е истакнат како “ученик кого Исус го љубеше“ (Јован 20,2 ; 13,23).

3. Близу до крстот. – Јован, заедно со Петар и со Јаков, бил присутен кога Исус ја воскреснал ќерката на Јаира (Лука 8,49-56). Бил со Христа на Гората на преобразувањето (Матеј 17,1-8), бил близу до него кога се молел во Гетсиманија (Матеј 26,36-45). Кога пристигнал џганот и кога другите ученици се разбегале, само Јован и Петар се осмелиле да го следат Исуса и да влезат во дворот на палатата во која се одржувало судењето (Јован 18,15). Кога дури и Петар се обесхрабрил и откажал дека го познава Исуса (Матеј 26,69-75), само Јован останал крај него. Јован стоел крај крстот на кој Исус умирал (Јован 19,25-27). Во неделата, на денот на воскресението, при наттрчувањето со Петар прв стигнал до празниот гроб (Јован 20,1-4).

4. Пак ќе дојдам. – На последната вечера Јован ја почуствувал возбудата што ја почуствувале и другите ученици кога Исус рекол: “Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете!“ (Јован 13,33). Јован не сватил каде Исус ќе оди, а не можел ниту да поднесе да размислува за тоа. Не го разбрал ниту ветувањето што е  упатено потоа: “А кога ќе отидам… пак ќе дојдам!“ (Јован 14,3). Точно шест седмици потоа, Јован конечно сватил што значеле Исусовите зборови: “А кога ќе отидам!“ Заедно со другите ученици, откако Исус ги поздравил за последен пат, Јован го гледа како полека се издигнува од земјата. А потоа го прекрил облак и исчезнал. Така обесхрабрени, Јован и неговите пријатели почувствувале нова сила кога пред нив се појавиле две лица во бела облека и го растерале нивниот страв. “Луѓе, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото. Овој Исус, кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што го видовте да оди на небото“ (Дела 1,11). Дури сега Јован ги сватил зборовите: “А кога ќе отидам… пак ќе дојдам!“ Подобро го разбрал и она што го кажал Исус на Маслинската гора за “Синот човечки“ кој “доаѓа со небесни облаци“ (Матеј 24,30). Зар тогаш е чудно што Јован побрзал да напише кога повторно го видел Исус во текот на првото видение од Откровението: “Еве, доаѓа со облаци и ќе го види секое око“ (Откровение 1,7). На крајот од својата книга, Јован се моли: “Амин! Да, дојди Господе Исусе!“ (Откровение 22,20).

5. Место во Христовото царство. – Јован и неговиот брат Јаков биле познати како „синови на громот„ (синови грмежни) (Марко 3,17). Сигурно биле бучни при расправиите! Младите гневни бунтовници против римските неправди се одушевиле со Исуса затоа што сметале дека Тој ќе го ослободи еврејскиот народ од римскиот јарем. Сакале заедно со него да се борат и заедно со него да владеат. Ја наговориле својата мајка, Салома, од Исуса да бара да им одобри да седнат оддесно и одлево до него во неговото ново царство (Матеј 20,20.21). Исус видел дека во нивното барање се крие љубов кон него. Не ги укорил. Наместо тоа, им поставил прашање: “Можете ли да ја испиете чашата што ќе ја испијам јас?“ (Матеј 20,22). Јован и Јаков помислиле дека Исус ја става на проверка нивната подготвеност заедно со него да учествуваат во герилска војна, па подготвено одговориле: “Да!“ – Не сватиле дека Христовата чаша значи самооткажување (Матеј 26,39). Не разбрале дека Исус од нив бара да им служат на ближните, да ги задоволуваат нивните потреби, да покажат дух на херојска понизност, машка љубезност и благодарна стрпливост; дека желбата за судири не оспособува за Христовото царство туку подготвеноста да служиме, да трпиме и да проштаваме и, ако биде потребно, да умреме за ближните (Матеј 25,31-46 ; 10,38.39).

6. Работник, прогонет заради Христа. – Јован изјавил дека е подготвен да пие од Исусовата чаша и Исус му ја исполнил таа желба. По Христовото вознесение на небото, Јован, како еден од 120-те верници, се молел во горната соба се до денот педесетница (духовден), кога Светиот Дух на посебен начин се излеал врз сите нив (Дела на апостолите 1,12-14 ; 2,1-4). Со радост сведочел на ерусалимските улици и во тремовите на храмот. Тој и Петар биле затворени и доведени пред старешините. Кога им било наредено да престанат да зборуваат за Исуса, одговориле заедно со другите: “Ние не можеме да не зборуваме за она што го видовме и чувме“ (Дела 4,20). Властите биле вчудовидени што тие „неписмени и неуки луѓе„ можат да бидат толку храбри. Сватиле дека учениците “беа со Исуса“ (Дела 4,13). Брат му на Јована, Јаков, подоцна бил затворен и погубен (Дела 12,1.2). Меѓутоа, Јован живеел и му служел на својот учител, подготвен да „пие од чашата„ во текот на долги и напорни години. Јован-син на громот, станал Јован-апостол на љубовта. Го напишал Евангелието според Јован, а три негови посланија се внесени во канонот на Новиот завет. Основна тема на сите тие списи е љубовта. “Љубовта е во ова, не дека ние го засакавме Бога, туку Тој не засака нас“ (1 Јованово 4,10). Тој не потсетува и на Исусовите зборови: “Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг, како јас што ве љубев вас!“ (Јован 13,34).

7. Потекнувал од добро семејство. – Јован потекнувал од верно, сложно семејство. Татко му, Зеведеј, го научил да работи. Сите тројца – Зеведеј, Јаков и Јован – вешто ракувале со мрежите, фрлајќи ги во езерото, кога Исус ги повикал младите луѓе да појдат по него. Мајка им, Салома, покажала слабост, незрело расудувала кога побарала посебни предимства за своите синови, но нејзината подготвеност да оди и да се заложи за нив, ја потврдуваат нејзината љубов кон нив. Всушност, кога младичите решиле да појдат по Исуса, се чини дека и Салома пошла со нив, придружувајќи им се на другите жени кои готвеле и шиеле за Исуса и за неговите следбеници. Спореди ги текстовите од Евангелието според Марко 15,40 и Евангелието според Матеј 27,56 со текстот во Евангелието според Матеј 4,21! Се додека Јаков бил жив, Јован и тој биле неразделни. Громовните синови веројатно често остро се судрувале. Но се држеле еден за друг, и Јован подоцна искрено можел да каже: “Кој не го љуби својот брат кого го гледа, не може да го љуби Бога кого не го гледа“ (1 Јованово 4,20).

8. Развој на настаните во Римското царство. – Може да се претпостави дека Јован е роден отприлика 10-та година по Христа, за време на владеењето на првиот римски император, Октавијан Август. Како годините одминувале, најавуван е избор на императорот Тибериј 14-та година, потоа на Калигула 37-та год., на здодевниот но успешен Клавдиј 41-та год. и на безумниот Нерон 54-та год. по Христа. Императорот Нерон наредил на апостол Павле да му се пресече главата. Подметнал пожар во Рим за да ослободи место за својата нова палата. Пожарот се истргнал од контрола и со денови и ноќи беснеел се додека на крај не уништил десет од четиринаесет римски квартови. Стотици илјади луѓе, кои го изгубиле покривот над главата, биле избезумени. За да ги смири, Нерон испофаќал неколку христијани и ги прогласил за жртвени јарци, а потоа ги отворил своите приватни градини за народот да се забавува. Римскиот историчар Тацит кажува дека Нерон одделни христијани зашивал во животински крзна, а потоа ги фрлал пред разјарени кучиња. Други распнувал на крст. Трети запалувал како светилки ноќе да светат во неговите градини. Нерон умрел 68-та година. Следната година бунтовните легии низ царството за цареви ги предлагале Галба, Ота и Вителија, но дури четвртиот, Веспазијан, успеал да се задржи на престолот и да владее десет години. Веспазијан ги почнал јудејските војни. Кога умрел, го наследил син му Тит, кој го довршил заземањето на Ерусалим и станал миленик на Римјаните. По две години, 81-та по Христа, на власт дошол постариот брат на Тит, Домицијан. Императорот Тит бил успешен, а Домицијан лошо настроен, роден губитник, невешт. Себеси службено се нарекувал господ и бог. Поетите и оние околу него што му се умилкувале дури и рибата што ја јадел ја прогласиле за света. Прогонствата во времето на Нерона ги зафатиле само христијаните во Рим. Лудоста на Домицијан отишла многу подалеку. Во многу места од христијаните се барало да принесуваат темјан на жртва пред кипот на царот. Кога тие го одбиле тоа, намесниците на Домицијан ги казнувале и ги протерувале, а во поретки случаи ги осудувале на смрт. Во својот гнев, Домицијан отишол толку далеку што го убил својот роднина, конзулот Климент, христијанин, а неговата жена, христијанката Домицила, ја протерал на некој остров. Јован, кој во времето на ова прогонство веројатно живеел во Ефес, бил затворен и протеран на островот Патмос, во Егејско море, стотина километри јужно од Ефес. Стотина години подоцна, христијанскиот писател Тертулијан пишува дека слушнал оти Јован прво бил казнет во Рим, фрлен во котел со зовриено масло, но дека излегол неповреден и дури потоа протеран на островот. Прогонствата за време на Домицијан траеле се до 95-та година. Кога императорот Нерва го наследил престолот 96-та година, прогласена е општа амнестија за сите христијани, па се смета дека тогаш и Јован бил помилуван заедно со другите и дека се вратил во Ефес каде што го довршил пишувањето на Откровението.

9. Апостол Јован и пророкот Даниел. – Во 27-та год. од н.е., кога го чул Јован Крстителот како Исус го нарекува “Божје Јагне“, Јован имал околу 17 години. Според тоа, во времето кога бил на Патмос и размислувал за минатото, приготвувајќи се духовно да го прими откровението, веројатно веќе имал околу 85 год. Даниел имал околу 17 год. кога бил одведен во Вавилон и над осумдесет кога го добил своето последно видение. Двајцата пророци согледале широка панорама на пророчки сцени кои паралелно се протегале од нивното време па се до крајот на светот. Нивните вести биле проникнати со длабок симболизам. Двајцата сакале да ни обрнат внимание на оној славен ден кога Господ целосно ќе ја преземе управата над оваа планета. Двајцата го прикажуваат големото Божје настојување секој ден да биде со нас. И двајцата сакаат да откријат колку Бог е заинтересиран за нас.