Лаодикија, блуткава црква

Историска панорама. – Лаодикија, седми и последен град на Христовата листа, претставувала вистински трговски рај. Била неизмерно богата и безмерно се гордеела со своето богатство. Во 60-та година по Христа, кога градот го запустил земјотрес, Лаодикија не примила, како другите градови, помош од Рим, туку самата себе се обновила. За голем дел од своето богатство Лаодикија им должела на комерцијалните и банкарските потфати. Значајно е тоа што на градскиот пазар се продавала скапа црна волна, мека и сјајна, која подоцна се преработувала во ценети ткаенини и покривки. Лаодикија била позната по своето медицинско училиште и по очниот мелем правен од локалните состојки.

Тоа бил и бањски град. Неколку километри јужно од градот, на површина извирале топли извори. Топлата вода со аквадукт била доведена во градот. На тој пат таа станувала млака, одвратна за пиење, но угодна за капење.

Укор. – Христијанската месна црква во Лаодикија се чини дека била проникната со ист дух на самозадоволство кој ги проникнувал другите граѓани, но за тоа навистина немала причина. Исус им упатува посебно остри опомени и за нив нема ниту една единствена пофалба. “Велиш: Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба!“, им кажува Исус. “А не знаеш дека си беден, несреќен, сиромав, слеп и гол!“ Потоа додава: “И не си ниту жежок ниту студен“, туку млак! Начинот на кој Исус им се претставил на христијаните во Лаодикија точно одговара на времето и приликите. Тој себеси се нарекол “Верен и вистинит сведок!“ Го одбрал тоа име затоа што разговарал со луѓе кои самите себеси се лажеле. Сакал да ја прифатат неговата непријатна оцена. Се претставил со еврејскиот израз “Амин“, што значи “навистина е така“. Тоа било уште еден начин да ги потсети заведените лаодикијци дека Тој може да ги ослободи од нивните заблуди. Но, кога себеси се нарекол „почеток на Божјето создавање „, на ум имал нешто друго. Сакал да им каже дека е во состојба целосно да ги обнови доколку неговото сведочење го прифатат како вистинито. Им нудел целосна обнова! Исус продолжил да го опишува лекот за нивната болест, обликувајќи ги своите реченици така за лаодикијците лесно да можат да го следат. Тој себеси се опишал како небесен трговец кој им го нуди она што очајно им е потребно, иако не се свесни за тоа. „Те советувам да си купиш од мене злато, прочистено со оган, за да се збогатиш; бела облека , за да се облечеш и да не се открива срамот на твојата голотија; и очна маст, за да ги намачкаш своите очи. Па да можеш да гледаш“. На луѓето, кои сметале дека се богати, Тој им се претставува како извор на богатство. На оние што мислеле дека имаат лек за сите очни болести, Тој им го нуди единствениот делотворен мелем. На луѓето кои се фалеле дека изработуваат најдобра облека на светот, Тој им нуди бела, а не црна – облеката на својата праведност. “Белата облека“ е иста како и онаа опишана во Откровение 19,7.8 каде што читаме за “чиста и бела свила“ што ја носи невестата на Јагнето. Таа свила ги претставува „праведните дела на светите“. Од каде потекнуваат тие нивни праведни дела? Од Христа, зашто Тој е „Господ, наша праведност“ (Еремија 23,6). Дури кога Христос ќе ја заврши службата на помирување за нашите гревови, кога ќе ги измени нашите побуди, кога ќе не оправда и ќе ни помогне, ние можеме да бидеме добри или да правиме добро. Мелем за очите е Светиот Дух кој ја опоменува нашата совест кога ќе направиме некое зло, кој ни помага да ги видиме своите мани. Според тоа, мелемот за очи е симбол на Светиот Дух. Ако сакаме да се закитиме со најскапоценото во животот, тогаш да бараме вера и љубов. Тие особини можеме да ги опишеме како „злато“. Но може ли Божјата милост да се купи? Можат ли да се купат вера, љубов, праведност, Свети Дух? Бог ни кажува во книгата на пророк Исаија: “О сите вие кои сте жедни…, дојдете, купете вино и млеко, без сребреници и без пари“ (Исаија 55,1). Меѓутоа, Исус нагласува: “Ако некој од вас не се откаже од се што има, не може да биде мој ученик!“ (Лука 14,33). Христовите дарови се бесплатни, но за нив треба да се даде се! Не можеме да ги купиме ниту со пари, ниту со чекови, ниту со кредитни картички – единствено со целокупноста на нашето срце.

Награда. – Дури и наградата, ветена на Лаодикија, има призвук на укор. “Еве, стојам пред вратата и чукам“, кажува Исус, нагласувајќи со тоа дека моментално не се наоѓа во срцата на лаодикијците, туку пред вратата. Но, “ако некој го чуе мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него!“ Раскошната облека, златото и мелемот за очи, што ги нуди Христос, се добиваат бесплатно, но не се праќаат по пошта. Нив ги испорачува лично Исус, и никого не го присилува да ги земе. Тој не влегува во нашите домови додека ние спиеме, ниту ги остава даровите пред врата. Ние мораме да се разбудиме и да станеме. Мораме да признаеме дека навистина немаме облека што би можеле да ја облечиме. Мораме да сториме се да ја отвориме вратата, да ги прифатиме даровите, да го повикаме Христа да влезе. Добро е кога некој сака да биде христијанин, но не е доволно само да се сака. Мнозина ќе бидат изгубени, иако сакале да се спасат, иако се надевале дека ќе бидат спасени. Ние мораме да покажеме вера тогаш кога се жалиме; да покажеме љубов кога не мачи горчина, да правиме добро кога ни е полесно да одбегнеме да правиме добро или кога не гони мисла да вратиме зло за зло. Ние мораме да решиме тоа да го правиме на еден единствен можен начин – да одржуваме животворна лична врска со Исуса Христа. Мораме да ја отвориме вратата и да го пуштиме да влезе. Ако сакаме нашето семејство да биде вистински христијанско, тогаш мораме да се потрудиме Христа да го воведиме во нашиот дом. Лаодикијците биле „млаки“, како и водата во нивниот аквадукт: Ниту премногу лоши! Ниту премногу добри! Ниту непријателски расположени кон Христа! Ниту длабоко предани нему! Ни претерано скржави! Ни одушевено великодушни! Ни против да им се помага на ближните! Ни премногу ревносни кога тоа треба да се стори! Ниту студени, ниту жешки! “О кога би бил студен или жежок, воздивнува Исус. Ние знаеме зошто Тој би сакал да бидеме жешки. Тогаш би имале желба да правиме добро, би биле запалени со првата љубов, полни со радост и фалби за Бога! Но, зошто Тој би сакал да бидеме студени? Затоа што тогаш би почуствувале дека нешто не е во ред, дека нешто треба да се менува! “Вака, бидејќи си млак, и не си ниту жежок ниту студен, ќе те изблувам од мојата уста!“ Остри зборови! Но не и последни зборови! “Јас ги укорувам и ги казнувам оние што ги љубам; затоа биди ревносен и покај се!“ Христос нас не укорува за да не поправи. “На победникот ќе му дадам да седне со мене на мојот престол, како и јас што победив и седнав со мојот Отец на неговиот престол!“ Лаодикијството е најтешка од сите смртоносни болести што ги напаѓаат црквите. Млакост. Млитавост. Блуткавост. Но тоа може да се совлада. Ако му дозволиме на Христа целосно да завладее со нашиот живот, Тој ќе го проникне со својата сила. Тој може да стори дури и млаките лаодикијци „да светат… како ѕвезди довека“ (Даниел 12,3).

 

Извор: Книга Апокалипса-Откровение

од Марвин Максвел