Текстови

ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН 1,10

Обземен од Духот во Господов ден. – Бидејќи Бог е алфа и омега, знаеме дека е вечен Бог. Тој е господар на вселената. Меѓутоа, Јован бил смртник како и ние, ограничен со времето и просторот. Тој ни кажува дека во мигот кога го видел Господа се наоѓал на островот Патмос и дека тоа се случило во Господовиот ден. “Бев обземен од Духот во Господов ден!“ (Откровение 1,10).

Било сосем нормално Јован да го види Господа во Господовиот ден. Визијата го изненадила и така знаеме дека тој сам не го одредил денот. Господ решил да му се покаже во својот ден. Но кој е Господов ден? Секому му е познато дека мнозинството христијани тоа име го поврзуваат со недела. Докази дека тој обичај настанал во далечното минато можеме да бараме во писмата кои во вториот век наводно ги пишувал Игнатиј, верен, но по малку чуден епископ од Антиохија. Обичајот недела да се нарекува Господов ден сепак е толку стар и толку сеопшт, што во некои јазици тој назив добил улога на име на тој ден во седмицата. “Доминго“, шпански назив за недела и “диманш“, француски назив, се изведени од латинското име “доминика“, со кое е означуван Господовиот ден. За чудо, некаде кон почетокот на 17 век, пуританците во Англија почнале и називот “сабат“ да го поврзуваат со првиот ден во седмицата. Во Британија и во Америка, каде што пуританското влијание било силно, милиони христијани денес веруваат дека недела не само што е Господов ден, туку е и “сабат“, ден за одмор според Библијата. Меѓутоа, ако ја отвориме Библијата, ќе утврдиме дека имињата “Господов ден“ и “сабат“ навистина се однесуваат на ист ден, но дека тој Господов ден не е недела! Во Десетте заповеди Библијата кажува: “А седми ден е Сабота, починка посветена на твојот Господ Бог“ (2 Мојсеева 20,10). Во Новиот завет Исус вели: “И така, Синот човечки е господар и на Саботата“ (Марко 2,28). Според тоа, Библијата Саботата ја претставува како Господов ден. Значи, Господов ден, седми ден во седмицата, е Сабота. Меѓутоа, како можеме да бидеме сигурни дека во текот на долгите столетија, од пишувањето на Библијата па се до нашите денови, не настанала промена? Имало промени или, да бидеме поодредени, имало обиди да се внесат промени! Пред малку споменавме дека, можеби веќе во вториот век, епископот Игнатиј неделата ја нарекувал Господов ден. Кога ги проучуваме пророштвата на Даниел, можеме да видиме дека “малечкиот рог“ (Даниел 7 глава) “ќе помислува“ да го промени Господовиот закон. Потоа гледаме како христијанската црква наметнала почитување на првиот ден во седмицата, станувајќи со тоа директно против почитувањето на седмиот ден. Исус, пак, на своите следбеници им кажува да не “мислат“ дека Тој дошол да го промени Законот или Пророците (Матеј 5,17.18).

Во некои делови од светот е спроведена поинаква промена. Печатени се календари во кои понеделник е прикажуван како прв ден во седмицата, а недела како седми. Изговорот дека за многу луѓе работната седмица почнува во понеделник бил мошне провиден. Но, наспроти она што се случувало во текот на историјата на црквата и она што се гледа во некои современи календари, секој може да открие кој ден е вистински ден за одмор – сабат. Евангелието според Марко 15,42 кажува дека Исус бил распнат во “денот за подготовка“, в петок, непосредно пред Сабота – непосредно пред сабат. Евангелието според Лука 23,56 додава дека во сабат, во Саботата, Христовите следбеници се одмарале, “според Законот“. Евангелието според Матеј 28,1 јасно го одредува редоследот на деновите во седмицата кога кажува: “А по Саботниот ден, на осамнување на првиот ден од седмицата, дојдоа“ жените “да го видат гробот“ и да извршат помазание на Христовото тело. Да заклучиме: Исус умрел еден ден пред сабат, пред денот за одмор. Во текот на сабатот (сабота), кој се спомнува во Декалогот, во Десетте Божји заповеди, Христовите следбеници се одмарале. Откако поминал сабатот, во првиот ден на седмицата Христос станал од мртвите. Сите христијани добро знаат дека Исус станал од мртвите во недела. Затоа, наспроти се што се вовлекло во христијанството во текот на историјата на црквата, и наспроти модерните календари кои, злонамерно или добронамерно, погрешно ја прикажуваат неделата како седми ден во седмицата, библискиот сабат секогаш бил – и ќе остане – ден пред неделата, седми ден. Господовиот ден е за нас! – Сега, ако сме сигурни дека библискиот сабат е навистина “Сабота Господова“ и “Господов ден“, тогаш токму Саботата е тој негов ден! Тој го создал за нас. Сам Исус рекол дека Саботата е создадена заради човекот, заради сите луѓе, заради целото човештво (Марко 2,27). Зошто Саботата е создадена заради нас? Со која цел? Еден од одговорите на ова прашање наоѓаме во описот на она што се случило во текот на првата Сабота, во текстот што е запишан во 1 Мојсеева 2,1-3. Во тој текст Библијата кажува дека на крајот од седмицата на создавањето Бог починал од сите свои дела што ги создал и дека го благословил и го посветил седмиот ден.

Поимот “посвети“ значи издели за света употреба. Бог не престанал да работи во тој прв седми ден затоа што бил уморен. Тој престанал да создава затоа што во текот на првите шест дена го завршил создавањето на земјата. Тој починал, го благословил и го посветил седмиот ден за да го издели сабатот (саботата), денот за одмор, за света употреба. А што е тоа света употреба? Преку пророкот Езекил Бог рекол: “Им ги дадов и своите Саботи, како знак меѓу мене и нив за да знаат дека јас сум Господ кој ги посветувам!“ (Езекил 20,12). Саботата била втемелена кога Господ го посветил седмиот ден. Таа денес ни служи како потсетник дека Бог не посветува и нас секогаш кога ќе му дозволиме. Тој сака и нас да не издели за света цел, да правиме само добро! Тој сака преку нас дел од светот во кој живееме да го направи подобар. Не поставил да бидеме царство свештеничко. Тој не повикува да го следиме Христовиот пример, да живееме посветен живот, да им бидеме од полза на оние што живеат покрај нас (Јован 13,12-17; 1 Петрово 2,21-24). Бидејќи не потсетува на создавањето на светот, Саботата не потсетува и на фактот дека ние не можеме самите себеси да се направиме добри, зашто не сме во состојба ниту да се создадеме самите себеси! Само Творецот може во нас да “создаде чисто срце“ и “здрав дух“ (Псалм 51,10). “И така, ако некој е во Христа, тој е ново создание; старото помина и еве, се стана ново!“ (2 Коринќаните 5,17). Можеби до сега не сте празнувале во Сабота, но речиси е сигурно дека Бог влијае врз вашето срце, дека Тој се труди да ве исчисти од гревот и во вас да го обнови својот лик. И сега, додека ги читате овие страници, врз основа на Библијата Бог ви открива дека седмиот ден, Сабота, е негов ден, ден што Тој го одредил со цел појасно да им се открие себеси на луѓето и луѓето поцелосно да ги преобрати кон себе. Тој ве потсетува дека Саботата е создадена заради човекот, заради човештвото, заради сите нас. Саботата е создадена заради мене. Саботата е создадена заради тебе! Токму затоа таа била создадена заради Јована. Господовиот ден на Патмос бил и Јованов ден. Тоа бил еден од најдобрите денови во неговиот долг живот. Колку славни благослови почуствувал затоа што бил “обземен од Духот во Господовиот ден“, иако се наоѓал во изгнанство! Какви благослови можеме да чувствуваме ти и јас ако со помош на Светиот Дух го празнуваме Господовиот ден, Господовиот сабат, Саботата, седмиот ден! И затоа, да решиме да го празнуваме сите, заедно со нашиот мил Господ!