Текстови

ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН 1,11-20

Христовите писма упатени до седуммина ангели, како претставници на седум цркви во Мала Азија, можат да бидат неисцрпен извор на радосни мигови во секое семејство кое заеднички ја проучува Библијата. Веќе многу пати сум се сретнувал со луѓе кои не доаѓаат во црква затоа што не им се допаѓаат некои верници или затоа што мислат дека многу верници се само лицемери. Исус знае дека христијаните се далеку од совршенство (Јован 2,25), но сепак, Тој ни се открива како редовен посетител на богослуженијата! Тој ни објаснува дека “седумте златни светилници“ (Откровение 1,20) претставуваат “седум цркви“, а потоа самиот себеси се опишува (Откровение 2,1) како Оној кој “оди сред седум златни светилници“.

Вистинскиот пријател ги знае нашите слабости и не сака онакви какви што сме. Исус одел меѓу светилниците. “Како таткото што има разбирање за своите деца, Господ има разбирање за оние што го почитуваат; бидејќи знае како сме создадени, помни Тој дека сме само прашина!“ (Псалм 103,13.14).

Седум ангели. – Веројатно сме се изненадиле кога сме сфатиле дека на Јован му било кажано седумте важни писма да ги упати на седуммина ангели кои се појавуваат како претставници на седум цркви. Во Откровението често се споменуваат ангели и тогаш обично се мисли на натприродни суштества. Затоа ни е тешко да сфатиме дака Бог му наредил на Јован да пишува писма на натприродни, невидливи небесни ангели. Објаснување : грчкиот збор “ангелос“ значи “весник“. Божјите небесни весници навистина се надприродни суштества, па грчкиот збор “ангелос“ во многу новозаветни текстови е преведен со тоа природно значење (Марко 1,2; Лука 7,27; Лука 9,52; Јаков 2,25). Во овие текстови со зборот ангел се означени (а) Јован Крстителот, (б) учениците на Јован Крстителот, (в) учениците на Исус Христос, (г) двајцата извидници – а сите тие биле човечки суштества. Ангелите со човечка природа, или весниците, упатени во седумте цркви, всушност се проповедници кои Божјата вест им ја објавуваат на своите цркви. Исус кажува дека тие ангели или проповедници ги држи во својата десница (Откровение 1,16;2,1).

Идентификација на седумте цркви. – Во времето кога Исус побарал од Јован да ги напише тие седум писма, во секое од споменатите седум места биле основани христијански месни цркви. Восхитува што сите седум градови се наоѓаат долж римскиот царски друм и тоа што би можеле да ги посетиме по редоследот по кој се споменати. Римската царска пошта сигурно по истиот редослед доаѓала во тие места. Сите седум градови се наоѓале на големиот кружен пат кој ги поврзувал најгусто населените, најбогатите и највлијателните делови на римската провинција Азија, кажува еден писател (W. M. Ramsay, The Letters to the Seven Churches in Asia). Меѓутоа, кога е во прашање Откровението, книгата толку богата со симболи, можеме ли да претпоставиме дека припадниците на седумте цркви во тие места се единствени верници на кои им биле упатени пораките? Или тие седум цркви претставуваат различни состојби на различни цркви во кое било или во сите времиња? Дали седумте пораки се општи совети упатени до сите? Или можеби седумте цркви се седум последователни периоди во искуството на целата црква, од Јовановите денови, до крајот на светот? Дали пораките во сите писма се наменети за сите? Да ги разгледаме тие можности!

1. Наменети за локалните цркви. – Седумте писма зборуваат за некои настани кои веќе се одиграле или штотуку се одигрувале во времето кога Откровението било пишувано. “Но имам нешто против тебе (Ефес), зашто ја остави својата прва љубов“ (Откровение 2,4). “Но имам неколку работи против тебе (Пергам), зашто имаш таму некои кои го држат учењето на Валама…“ (Откровение 2,14). “Но имам нешто против тебе (Тијатир) што ја трпиш жената Езавела…“ (Откровение 2,20). “Сепак ја одржа мојата реч (Филаделфија) и не се откажа од моето име“ (Откровение 3,8). “Бидејќи велиш (Лаодикија) богат сум…“ (Откровение 3,17). Очигледно, овие зборови на вистински начин ја опишувале состојбата во локалните цркви во времето кога Јован ги пишувал. Во спротивно, верниците во нив, кога би им пристигнало писмото, би можеле да кажат: “Јован не знае што зборува!“ Според тоа, сите седум писма навистина се занимаваат со состојбата во локалните цркви во времето на Јован.

2. Наменети за сите. – Меѓутоа, пораките не можат да се ограничат само на тие локални цркви. Крајот на секое писмо ги содржи и зборовите: “Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите!“ Поуките во сите писма се однесуваат на сите верници на сите места. Истото може да се каже и за ветувањата. Исус секое ветување го почнува со зборовите: “Оној кој победува“ ќе јаде од маната (небесна храна) скриена, “Оној кој победува“ ќе оди со него во бела облека, “Оној кој победува“ ќе седи со него на неговиот престол, и така натаму. Ветувањата биле наменети за сите на кои им било неопходно охрабрување, за сите што денес се соочуваат со неволји како и некогаш мачениците кои биле фрлани пред ѕверови. Тие се наменети за сите кои “имаат уво“, за сите кои се подготвени да слушаат.

3. Наменети за верските заедници и движења. – Иако ветувањата се наменети за сите што се подготвени да ги чујат, писмата како целост им се упатени на “црквите“. Првенствено тие се наменети за групите. Како општествени суштества, сите ние сме органски делови на организациите на кои им припаѓаме, врз нив влијаеме и се наоѓаме под нивно влијание. Помалку или повеќе, сите ние сме одговорни за грешките на групите со кои се идентификуваме, но и сме достојни за наградите што им се нудат ним. Од таа причина, како што се гледа од книгата на пророк Даниел, во 9 глава, пророкот ги признава гревовите на својата група, на својот народ, гревовите во кои лично не учествувал, а од Бога барал да ни прости „нам“. Според тоа, ако писмата се однесуваат на седумте локални цркви во едно определено време, ако се однесуваат на поединци на секаде и во сите времиња, очигледно е дека се однесуваат и на различни околности во црквата – што значи, на различни околности во црквите – во верските заедници и движења, во сите времиња.

4. Седум фази и нивните симболи. – Пак треба да се прашаме: не претставуваат ли писмата и седум периоди или фази во искуството на црквата, почнувајќи од деновите на Јован па се до крајот на светот? Одговорот е потврден. Како пророштва за идни настани, овие писма ја покриваат целата христијанска ера. На таков заклучок не наведуваат неколку причини:

а. Наспоредност со книгата на пророк Даниел. – Очигледно е дека пророштвата запишани во 2,7 и 8 глава од книгата на пророк Даниел се исполнуваат наспоредно и течат наспоредно низ историјата, од времето на Даниел па се до крајот на светот. Книгата на пророк Даниел и Откровението се инспирирани со ист Дух и покажуваат мноштво интересни совпаѓања. Затоа разумно е да се претпостави дека пророштвата во Откровението за седумте печати, за седумте труби, за седумте цркви, како и пророштвата во книгата на пророк Даниел, меѓусебно се паралелни и течат наспоредно од времето на Јована па се до крајот на светот. Со огромното пространство на цивилизираниот свет меѓу Атлантскиот и Тихиот океан во времето на Христа управувале четири големи држави – Рим, Парта, Куш и Хан – но од тие современи четири царства само Римското е споменато во книгата на пророк Даниел, во 2,7 и 8 глава. На ист начин, повеќето други царства што постоеле во текот на ѕвездените денови на Вавилон, Персија и Грција, не се споменуваат во Библијата. Меѓутоа, големите царства што се наоѓаат во фокусот на библиските пророштва – Вавилон, Персија, Грција и Рим – последователно управувале со подрачјата на Блискиот и Средниот Исток и во Европа, подрачја во кои живееле мнозинството луѓе кои ја читале Божјата реч и верувале во Бога. Малку би се постигнало кога Библијата најголем дел од своите пророштва би ги посветила на империите Куш или Хан, во кои немало нејзини почитувачи и за кои почитувачите на Библијата немале речиси никакви податоци. Според тоа, библиските пророштва за народите претежно се занимаваат со оние делови на светот каде што живеат луѓе кои ја познаваат Библијата и веруваат во Бога и кои можат од нив да извлечат најмногу полза. Затоа сметаме дека логички може да се претпостави оти историската половина на Откровението претежно, иако не исклучиво, се занимава со развојот на настаните на Блискиот и Средниот Исток и во Европа, на подрачјата на кои христијанството било ограничено во текот на првите 1500 години по Христовата смрт. Исто така можеме да заклучиме дека седумте писма упатени до црквите претежно се занимаваат со настани што се случуваат во крилото на христијанската црква на тие подрачја.

б. Очигледни пророштва. – Некои фактори, особено во пораките упатени до Смирна и Филаделфија, претставуваат очигледни пророштва. Верниците во Смирна се известени дека “ѓаволот ќе фрли некои од вас в зандана“ и дека ќе имаат неволја “десет дни“ (Откровение 2,10). На Филаделфија и е ветено дека ќе дојдат лажни Евреи “да се поклонат пред нејзините нозе“ и дека Бог “ќе ја запази од часот на искушението што ќе дојде врз целиот свет“ (Откровение 3,9.10). Освен тоа, тие пророштва, а и некои други, требало да се исполнат во различни времиња и со нив да бидат опфатени различни групи. На пример, сатаната планирал Смирна да ја изложи на “неволја“ која ќе трае “десет дена“ за да ги “испита“ христијаните (Откровение 2,10). Во писмото упатено до Тијатир се истакнува дека оваа црква, не сатаната, туку Бог ќе ја изложи на “голема неволја“, и тоа исклучиво оние кои “вршат прељуба“ со Езавела (Откровение 2,20-22). И повторно, црквата во Филаделфија добива утеха во врска со “часот на искушението“ кој ќе дојде “врз целиот свет“ (Откровение 3,10) поврзано со страшната проверка на која еден ден ќе бидат изложени сите луѓе, и добрите и грешните. Според тоа, биле претскажани три различни неволји: една која ги опфаќа првите христијани, друга љубовниците на Езавела, и трета целиот свет. Од овие неколку примери може да се заклучи дека писмата содржат пророштва што се занимаваат со настани од времето после Јовановите денови.

в. Исполнувањето како доказ. – Во своите постапки кон нас Бог ја користи и следната метода: некои од неговите пророштва можат подобро да се сфатат дури откако ќе се исполнат. На последната вечера Исус објавил дека еден од неговите ученици ќе го предаде. Учениците биле вчудовидени. Исус им објаснува: “Отсега ќе ви кажувам пред да се збидне, за да поверувате, кога ќе се збидне, дека Јас Сум“ (Јован 13,19). Во тој миг учениците не знаеле дека Јуда ќе го предаде Христа. Но, кога Јуда навистина го сторил тоа, другите ученици си спомнале за пророштвото, виделе како тоа се исполнило и уште поцврсто поверувале во Господа. Сообразно со тоа начело дека некои пророштва најдобро се разбираат откако ќе се исполнат, ќе го разгледаме речиси две илјадагодишното христијанско искуство. Ќе се запрашаме дали редоследот на настаните во текот на историјата на црквата покажува некаква сличност со редоследот што е наведен во седумте писма. Правејќи го тоа, ќе бидеме восхитени со тесната поврзаност која всушност постои меѓу писмата и историјата на црквата. Според својот редослед, седумте писма одат во чекор со основното искуство на христијанската црква во текот на седумте последователни периоди. Сега, откако тоа се случило, можеме да веруваме!