“И не направи цареви и свештеници на својот Бог и Отец“ (Откровение 1,6). – Кога ги извел Израелците од Египет, Бог им објавил дека ќе бидат “царство свештеничко“ (2 Мојсеева 19,6). Откако поминал периодот од седумдесет седмици (Даниел 9,24-27), Бог подигнал нов народ кој се состоел од христијани од сите раси, вклучувајќи ги и христијаните од еврејство. Тој свој “нов народ“ Бог го нарекол “царско свештенство“ (1 Петрово 2,9). Ако си христијанин, Христос те сторил дел од своето “царско свештенство“.
Тој назив повикува на размислување. Што всушност значи тоа? Бидејќи обичните свештеници извршуваат многу основни должности што ги извршуваат и првосвештениците, посебно настојував да утврдам кои должности како царски свештеник имам предимство да ги извршувам пред Бога. Утврдив дека апостол Павле кажува (Евреите 5 глава) оти Бог првосвештеникот го поставил да ги застапува луѓето пред Бога и да принесува дарови и жртви за своите гревови и за гревовите на другите луѓе. Уште порано знаев дека во нашите „дарови„ и „жртви„ се вклучени нашите молитви што му ги упатуваме на Бога, потпирајќи се со вера врз Христовата жртва на крстот (Евреите 13,15; Јаков 5,16). Според тоа, заклучив дека значењето на нашето свештенство, во најмала рака, е во Христово име да се молиме за проштавање на нашите гревови, како и за гревовите на другите луѓе. Посебно сме повикани да се молиме за оние кои спрема нас се нељубезни (Матеј 5,44). Сум забележал исто така дека нас Бог не „одредил„ да бидеме свештеници. Тоа единствено значи дека Тој длабоко копнее да се однесуваме и да дејствуваме како свештеници. Тој сака да се молиме за проштавање што ни е потребно лично нам и за преобраќање и благосостојба на другите – за нашите брачни другари, родители и деца, за нашите работници и работодатели, за органите на власта, за деловните пријатели. Тој исто така сака да се молиме за ширење на Евангелието во нехристијанските земји. Бог е заинтересиран за нас! Тој сака да ни помогне. Тој не храбри да го бараме од него она што ни е потребно. Тој не поставил да бидеме свештеници. Она што ни е откриено нам, е не само за нас, туку и за нашите деца (5 Мојсеева 29,29). Бог и христијанските деца ги именува за свештеници исто онака како и возрасните. Момчињата и девојчињата можат да се молат за своите ближни исто онолку колку и ракоположените проповедници. Многу деца доживеале радост да видат како нивните родители го прифаќаат Бога и Христа благодарение на нивните молитви. Исус не поставил за свештеници. Да го искористиме тоа предимство на најдобар можен начин!
“Еве, доаѓа со облаци, и ќе го види секое око!“ – Во Откровение 1,7 Христос го повторува истото ветување што веќе го дал во беседата на Маслинската гора. Лично Јован го чул од неговите усни под маслинките, на месечина, тој одамнешен четврток, пред речиси шеесет години (Матеј 24,30). Јован го чул и од усните на двајцата „луѓе„ кои стоеле крај учениците додека Исус во облаци заминувал на небото (Делата на апостолите 1,11). И апостол Павле, инспириран со духот на пророштвото, сведочи дека Исус при своето доаѓање ќе се појави со облаци (1 Солуњаните 4,17). Но, според текстот во Откровение 1,7 – кои се оние “што го прободоа“? При судењето Исус му рекол на еврејскиот старешина Кајафа: “Од сега ќе го гледате Синот човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа со небесни облаци“ (Матеј 26,64). Кајафа како поединец е најодговорен за Христовата смрт. Секако, тој бил еден од оние “кои го прободоа“. Но во тоа злосторство биле вмешани и многу други, па се чини дека и тие, заедно со Кајафа, ќе станат во посебно воскресение, доволно рано, за да го видат Исус како доаѓа опкружен со онаа слава од која се обиделе да го лишат. Текстот во книгата на пророк Даниел 12,1.2. ни помага да го поткрепиме ова мислење. Во тој текст стои дека, кога ќе се подигне Михаел, во последното време, „многу„ мртви (не сите) ќе станат. Иако сите праведници ќе станат при Христовото второ доаѓање (Откровение 20,6), очигледно е дека во тоа време ќе воскреснат само некои неправедници (другите ќе мораат да чекаат до крајот на милениумот – види Откровение 20,5). Меѓу оние “кои го прободоа“ спаѓаат сите кои непосредно придонеле за Христовото распнување. Но, дали во овој број е вклучен уште некој? Во Делата на апостолите 9,5 Исус му рекол на прогонувачот Савле, кој подоцна ќе стане апостол Павле, дека прогонувајќи ги христијаните го прогонува и него. “Јас сум Исус, кого ти го гониш!“ му објаснил. Од тоа заклучуваме дека и најистакнатите прогонувачи на Божјиот народ низ сите векови веројатно ќе се најдат во бројот на оние “кои го прободоа“, и ќе станат од мртвите на време за да го видат второто Христово доаѓање.
“Јас сум алфа и омега“. – Новиот завет е пишуван на грчки јазик. Алфа е првата буква на грчкиот алфабет, а омега последната. Според тоа изразот “алфа и омега“ значи нешто слично на нашето “од а до ш“. Нарекувајќи се себеси алфа и омега (Откровение 1,8), Бог сака да каже дека Тој е прв и последен, почеток и крај. Тој бил жив кога настанала вселената и Тој ќе продолжи да постои се додека постои вселената. Патем кажано, „омега„ всушност е „О-мега“, што значи „големо О“ или „долго О“. Обликот омега настанал од обичајот да се подвлекува долгото „о“ за да се разликува од краткото „о“, кое се вика „омикрон“. Во текот на Втората светска војна, за време на тој судир и насилство над народите, надарениот новински известувач, Давид Фредентал, направил скица за еден постар селанец кој сее семе. Дури и во миговите кога војниците ја газат неговата изорана нива на патот кон својата воена цел, тој стрплив селанец, како што правел уште од својата младост, смирено ја извршува својата должност засејувајќи ја со своја рака земјата. Таа негова непоколеблива истрајност за време на тешката криза носи во себе нешто посебно што концизно во мало ја илустрира апсолутната, сигурна постојаност на нашиот вечен Бог. Како и Исус, Тој никогаш не се менува. Тој е ист “вчера, денес и во вечни векови“ (Евреите 13,8). Тој е почеток и крај, алфа и омега.