Текстови

ПЕРГАМ, црква која се наоѓа во близина на престолот на сатаната

ПЕРГАМ, црква која се наоѓа во близина на престолот на сатаната

Историска панорама. – Градот Пергам бил сместен на висок планински превој кој лесно можел да се брани. Во II и III век пред Христа, Пергам, како престолнина на истоименото царство, бил прочуен културен центар. Во градската библиотека се наоѓале над 200 илјади ракописи. Многу од тие ракописи биле пишувани на посебно приготвена животинска кожа – пергамент.

Тој материјал бил развиен во Пергам, во времето кога фараонот Птоломеј V го забранил извозот на папирус од својата земја. Економските санкции не биле ниту малку поуспешни тогаш отколку што се денес. Тие само поттикнале дух на натпревар во изнаоѓање на подобар производ. Називот пергамент е изведен од името на градот Пергам. Кралот Атал III во својот тестамент заповедал по неговата смрт Пергам да стане дел на Римското царство. Во 133-та година пред Христа тоа било сторено. Како нова престолнина на провинцијата Азија, сега Пергам станал и центар на римски гувернер. Подоцна во Пергам се подигнати и многу храмови на паганските божества, меѓу кои, што е мошне значајно, се нашол и императорот Август (храмот е отворен 29-та година пред Христа како прв таков храм во светот). Подоцна друг храм му бил посветен на императорот Трајан, а многу подоцна, трет, на Септимиј Север. Задолжителното обожавање на императорот довело до општо прогонство во деновите на Јована и до изгнанство на апостолот на островот Патмос. “Знам каде живееш“, им кажува Исус на верниците во Пергам, “таму каде што е престолот на сатаната!“

Пофалба. – Христос искажал задоволство што, дури и во такво опкружување, верниците во Пергам не се откажале од својата вера, па ниту “во деновите на мојот верен сведок Антипа кого го убија кај вас, каде што живее сатаната“. Секако, ние би сакале да дознаеме нешто повеќе за Антипа, но, за жал, ништо не е откриено. Колку радосен ќе биде тој верен христијанин при воскресението кога ќе ги слушне Христовите пофални зборови: “Мојот верен сведок Антипа!“

Укор. – Иако Антипа можел да прифати пофалба, други не можеле да добијат. Некои од нив го прифатиле “учењето на Валама, кој го учеше Валака да ги наведе на грев Израеловите синови за да јадат идолски жртви и да вршат прељуба“. Исус додава: “Така и ти имаш некои кои на ист начин го држат учењето на николаитите!“ Проучувајќи ја Ефеската црква, ние утврдивме дека таа ги отфрлила николаитите па, според тоа, Пергам во целост не се покажал толку добро како Ефес. Слушнавме дека николаитите тврделе оти верата во Христа ги ослободува од послушноста кон заповедите, особено кон онаа која што ја забранува прељубата и делумно кон онаа која што го забранува идолопоклонството. Се чини дека Валамовите учења биле слични. Поимот “Валам“ овде е употребен како метафора. Историскиот Валам е познат старозаветен пророк (4 Мојсеева 25,1-9; 31,16). Иако многу години му служел на Бога, Валам прифатил мито од моавскиот цар Валак за да ги проколне Израелците и со тоа да ги оневозможи да ги победат Моавците. Бог направил чудо за да го спречи Валама да ги проколне Израелците, но тој силно ја посакувал наградата, па му предложил на Валак да ги повика Израелците да учествуваат во паганските празнувања придружени со вино и жени. Валам очигледно се надевал дека сам Бог ќе ги проколне Израелците ако сериозно згрешат. Валак го послушал подмолниот совет на Валам и многу Израелци паднале во ова искушение. Секако, Бог не ги проколнал Израелците, но барал да бидат погубени израелските старешини кои се здружиле со Валама. Освен тоа, илјадници Израелци кои учествувале во паганските оргии изумреле од болест. Текстот во Откровение 2,16 бара од старешините, од “ангелите“ на пергамската црква, да ги наговорат Валамовите следбеници да се “покаат“ и да ги изменат своите патишта. Во спротивно, Исус свечено ветува: “Ќе дојдам бргу кај тебе и ќе завојувам против нив со мечот на мојата уста!“ Жителите на Пергам веројатно биле многу поизопачени отколку што мислеле. За нив би можеле многу да дознаеме разгледувајќи ја сличната состојба со која се соочил апостол Павле во Коринт. Омилените гозби, што ги организирале друштвените клубови и занаетчиските еснафи во Коринт, како и во Пергам, често се одржувале во паганските храмови. Храмовите биле привлечни, пространи и со големи можности за готвење храна наменета за големо мноштво. Некои христијани во Коринт нагласувале дека идолите не се ништо и дека Христос умрел да не ослободи од нив. Се убедиле самите себеси дека учеството на гозбите во храмовите нема да им наштети. Знаеле дека со својот пример можат да соблазнат некои неутврдени верници и дека ќе ги наведат да се вратат назад во незнабоштвото, но на тоа не се обзирале. Велеле дека тоа не е нивни проблем, туку проблем на оние што се слаби во верата (1 Коринќаните 8,4-13). Одговарајќи им на ваквите, апостол Павле се согласил дека идолите навистина не постојат, но додал дека демоните постојат! Учествувајќи во паганските свечености, укажал апостолот, би оделе на демонска, наместо на господова вечера! А што се однесува до нашата слобода во Христа, проблемот се состои во следното: да се влијае врз слабиот во верата да греши, би било исто и што да се убие оној за кого Христос умрел (1 Коринќаните 10,14-33; 8,9-13). Очигледно Христа во Пергам го загрижувала истата онаа група христијани која денес тврди дека во Христа сме слободни да правиме се што сакаме, иако тоа дури се противи на заповедите, иако со нашето однесување би можеле да наведеме други на грев, зашто тоа е “нивни“ а не наш проблем! Меѓутоа, како и во Пергам, и денес има христијани кои не одат на сомнителни места за забава, зашто не сакаат со својот пример да влијаат врз слабите во верата да паднат во стапицата на лошите навики. Постојат постари браќа и сестри кои внимателно ја бираат литературата и телевизиските програми за да не влијаат негативно врз помладите браќа и сестри. Таквите христијани не се николаити!

Награда. – “На победникот ќе му дадам од скриената мана, ќе му дадам и бел камен, и на каменот напишано ново име што никој не го знае, освен оној кој го добива“ (Откровение 2,17).Во многу незападни култури името на човекот се бира сообразно со неговиот карактер или личност, или соодветно на некој настан од неговиот живот. Понекогаш името се менува по неколку години, доколку се измени карактерот на човекот. Во Библијата Исус на Симон му го изменил името и му дал име Петар за да покаже дека карактерот на тој човек станал сличен на камен или на карпа (Марко 3,16; Матеј 16,18). Името Петар значи “камен“. Христовото име, Исус, значи “Оној кој спасува“ (Матеј 1,21). Во Стариот завет името Јаков значи “заменик“, но во негативна смисла, зашто тој е оној кој со измама истиснал некој човек од неговото место за самиот да се добере до него. Јаков бил измамник. Но се изменил. По онаа ноќ, во која успешно се борел со Господов ангел кај Фануил, неговото име било променето во Израел. “Од сега нема да се викаш Јаков, туку Израел, зашто храбро се бореше и со Бога и со луѓето и победи“, му рекол ангелот (1 Мојсеева 32,28). Не бил веќе измамник и затоа не требало и понатаму да биде познат како Јаков, туку како Победник, Освојувач, зашто токму тоа сега станал. Сега бил Израел, Победник, Освојувач. Дали и ние сме измамници? Како валамовците или николаитите, и ние често изнаоѓаме привидно важни причини за да можеме да го правиме она што знаеме дека не е добро. Но, ако со вера се фатиме за Бога, ако ја проучуваме Библијата и ако сесрдно се молиме, секој од нас може да стане победник-Израел. Тогаш и нам Бог ќе ни даде ново име! Тој ветил дека ќе ни даде од “скриената мана“. Во Стариот завет, некоја таинствена, но мошне корисна храна, наречена “мана“, се појавувала секое утро во пустината додека Израелците патувале од Египет до ветената земја. Во Евангелието според Јован 6,31-35 Исус им рекол на своите следбеници дека самиот Тој, во духовна смисла, е вистинската мана, вистинскиот небесен леб. За разлика од валамовците и николаитите, ако ние одбиеме да учествуваме во сомнителните забави и активности, ќе утврдиме дека имаме доволно време секој ден да собереме доволно “мана“- проучувајќи ја неговата Реч да се “храниме“ од Христа.