Сард, млитава црква
Историска панорама. – Сард себеси се сметал за град што не може да се освои. Слично на Пергам, бил сместен високо, на планински гребен. Главниот дел од градот се издигнувал околу 300 метри над долина, на врв на една речиси стрмна карпа.
Во старо време, пословично богатиот лидиски владетел Крез, Сард го избрал за своја престолнина, сметајќи дека неговото безмерно богатство тука наполно ќе биде сигурно. Металните пари најпрво се ковани во Сард. Никаква војска не била во состојба да ги совлада стрмнините што го опкружувале градот. Меѓутоа, во 547 год. пред Христа, Кир Велики го зазел Сард и му го одзел на Крез богатството што го напластил во него. Антиох Велики во 218 год. пред Христа повторно ја освоил оваа тврдина. Во двата случаја, еден единствен храбар доброволец се искачил по стрмнината и одвнатре ја отворил градската порта додека жителите се чувствувале безбедно и мирно спиеле.
Укор. – Во времето на Јован христијаните во Сард се чувствувале толку безбедни, што можеле да заминат на спиење. Затоа Исус им рекол: “Ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец!“ “Имаш име дека си жив, но си мртов!“ Сите ние веќе сме разочарани од некои познати ѕвезди, великани, водачи, видни луѓе, кога сме утврдиле дека не се веќе она што биле некогаш, дека не одржале чекор со времето. Почивале на ловориките од минатото и затоа заостанале. Можеби тогаш сме зажалиле што не останале онакви какви што сме ги сочувале во нашето сеќавање. Црквата во Сард се потпрела врз својата стара слава. Нејзините први верници биле познати по својата духовност. Евангелистите, кои ги задобиле за Христа, ги научиле извонредно да проповедаат. Сега дошло време црквата да се врати на старите патеки. “Имаш име дека си жив, но мртов си!“ “Затоа, сети се што си примил и чул, чувај го и покај се!“ “Бдеј и зацврсти го она што е на умирање!“ Состојбата во Сард била сериозна, но не и безнадежна. Тогаш, а и сега, Христос искрено е заинтересиран за секоја душа, како таа да е единствена за која Тој го дал својот живот. Така и во таа црква која “чури“ Исус познавал “неколкумина што не ги осквернија своите облеки“.
Награда. – Всушност, уште не било доцна ниту за еден верник на таа црква! Исус на сите им упатувал охрабрување: “Победникот ќе биде облечен во бела облека и нема да го избришам неговото име од Книгата на животот, туку ќе го признаам неговото име пред мојот Отец и пред неговите ангели!“ “Победникот“-во светлината на се што и е кажано на црквата во Сард-значи: “Секој што ќе ја совлада својата сонливост и ќе се разбуди!“ Според тоа, Исус кажува: “Ако се разбудите и ако се здобиете со истата онаа духовна сила што сте ја имале некогаш, нема да го избришам вашето име од Книгата на животот, туку ќе го признаам пред мојот Отец и пред ангелите!“ Кога кажал дека нема да го избрише од Книгата на животот името на оној што ќе се разбуди и дека, наместо тоа, ќе го признае пред Бога и пред ангелите, Исус заправо кажува дека ќе мора да ги избрише од Книгата на животот имињата на сите христијани во Сард кои не ќе се разбудат. Кога се повикуваме на Книгата на животот и кога зборуваме за признавање на името пред Бога и пред ангелите, Исус го опишувал истиот оној предадвентен суд за кој зборувавме во врска со Тијатир. Тоа е истиот оној суд опишан во книгата на пророк Даниел: “Гледав додека се поставија престоли, и Прадревниот седна… Судот седна и книгите се отворија!“ (Даниел 7,9.10). Овде постои додатен доказ дека на сите христијани, а и на сите други, ќе им се суди на конечниот Божји суд. Можеме да најдеме доволно причини да веруваме дека на тој суд на николаитите и на валамовците нема да им биде досуден вечен живот. Ниту на следбениците на Езавела! Па дури ниту на сонливите христијани! Исус умрел на сите да им овозможи вечно да живеат. За него тоа не била игра ниту тогаш, а ниту ни сега. Тој е сериозен и чесен кон нас и има право да очекува и ние да бидеме сериозни и чесни кон него!