Текстови

СЕДУМТЕ ЦРКВИ КАКО ПРОРОШТВО

Сер Исак Њутн и многу други сјајни толкувачи на книгата на пророк Даниел и Откровението сметаат дека седумте цркви од Откровението симболички претставуваат седум временски периоди во историјата на развојот на црквата. Ова сфаќање на писмата како пророштва за иднината треба да се прифати како дополнение на нивната корисна улога што ја имале како духовни пораки упатени до првите цркви на кои им биле упатени, и на сите други цркви и поединци во сите времиња. Веќе ја разгледувавме можноста писмата упатени до црквите да бидат сфатени и како пророштва што се однесуваат на иднината. Земајќи ги предвид убедливите докази што упатуваат во таа насока, мислам дека би било корисно да се обидеме да утврдиме дали седумте цркви навистина се совпаѓаат со седумте временски периоди во искуството на црквата меѓу Христовото воскресение и неговото второ доаѓање.

1.Ефес (31-100 години по Христа)

Ефес е укорен затоа што ја отфрлил својата прва љубов. Едновремено бил пофален заради својата истрајност и добрите дела, особено што ги испитал и ги отфрлил лажните учители. Ревноста на Ефес подоцна попуштила, но верувањата останале чисти. Сите ќе се согласиме дека тој опис совршено одговара на состојбата на црквата на новозаветното време се до крајот на првиот век. Чистотата на првата новозаветна црква претставувала идеал што се обиделе да го постигнат многу реформатори.

2. Смирна (100-313 година по Христа)

Во писмото не е ништо кажано за доктрината на христијаните кои живееле во Смирна. Наместо тоа, нашето внимание е насочено кон нивната верност што ја покажале во текот на прогонствата. Сите ќе се согласиме дека тој опис одговара на искуството на црквата во текот на вториот и третиот век, што значи во времето меѓу 100-тата и 313-тата година, кога престанале прогонствата што почнале во времето на Диоклецијан. За тој период се важни некои доктринални скршнувања што се забележуваат во црквата, но многу позначајна е Христовата оцена дека неговите следбеници останале верни и цврсти во неволјите. Забелешката во писмото упатено до Смирна за лицата кои „тврдат дека се Евреи, а не се“ (Откровение 2,9), сообразно со буквалното толкување, можеби се однесува, на оние Евреи кои со својата ревност придонеле Поликарп да се спали. Ако смирнанскиот период го сфатиме како период во историското искуство на црквата, забелешката за лажните „Евреи“ би можела да се однесува на лажните христијани. Таквото толкување се вклопува во фактичката состојба, зашто тој период е карактеристичен по голем број гностички правци. Гностиците со своето изопачено толкување на Библијата им создавале големи тешкотии на христијаните во тоа време.

 

Извор: Книга Апокалипса-Откровение

од Марвин Максвел