СМИРНА – ЦРКВА ВО ПРОГОНСТВО

СМИРНА – ЦРКВА ВО ПРОГОНСТВО

Историска панорама. – Градот Смирна се наоѓа северно од Ефес, во прекрасен залив на Егејско Море. Трговски Смирна му конкурирала на Ефес и понекогаш и го надминувала. Интересно е да се знае дека Смирна се гордеела со еден познат антички трговски центар кој се состоел од три нивоа, од кои две се наоѓале над, а едно под земјата. Под името Измир, градот постои и денес и е трет по големина град во Турција. Всушност, денес тој е најнапреден од сите седум градови што се споменати во 2 и 3 глава од Откровението. Црквата во Смирна била прогонувана црква. Ја прогонувале со обвинување лажни Евреи, ја измачувал сатаната, а било преткажано дека ќе има “неволја“ која ќе трае “десет дена“.

Некои од нејзините верници ги очекувала зандана, а некои и смрт. Околу седумдесет години подоцна, откако било дадено пророштвото за неа, во текот на само неколку дена Смирна била сцена на маченичка смрт на повеќе христијани. Дванаесетти маченик бил познатиот старец Поликарп, кој во Смирна поминал најмалку четириесетина години како старешина на христијанската месна црква. Во длабока старост, еден петок навечер бил уапсен на имотот на некој земјоделец. Веднаш ја замолил сопругата на земјоделецот да ги послужи со вечера војниците што дошле да го одведат. Додека војниците јаделе, Поликарп се повлекол во ќошето на просторијата и тука околу два часа поминал на молитва, молејќи се за сите христијани во римската империја. Следниот ден, во гратскиот амфитеатар, гувернерот Статус Квадратус, длабоко трогнат од однесувањето на Поликарп се обидел да му го спаси животот. Кога не успеал во тоа, го повикал да го проколне Христа. Бил сигурен дека еден толку достоинствен старец, како што е Поликарп, одвај ќе дочека да се оддели од Исуса, кој бил прогласен од Рим за злосторник. Меѓутоа, Поликарп решително одговорил: “Осумдесет и шест години верно му служев, и никогаш никакво зло не ми стори! Како би можел сега да го проколнам мојот Цар, кој ме откупил!“ Разјарените гледачи, овојпат меѓу нив и членови на Еврејската синагога, гласно барале Поликарп да биде фрлен пред лавови. Меѓутоа лавовите биле сити, нахранети со други жртви нехристијани. Освен тоа, водителот му објаснил на мноштвото дека веќе поминало времето кога жртвите според законот можеле да се фрлат пред ѕверови. Разјарената толпа барала Поликарп да се спали на ломача. Гувернерот се согласил и Евреите покажувајќи во колкава мера се полни со омраза, иако била Сабота, први потрчале да донесат дрва за огнот.

Пофалби. – Исус знае се за сегашните и за идните страдања на христијаните во Смирна. Тој високо ја ценел цврстината на нивната вера. “Ги знам твоите неволји и твојата сиромаштија!“ Потоа додава: “Но ти си богат!“ На христијаните во Смирна не им е упатен никаков прекор туку само пофалба, а ветена им е и награда!

Награда. – Сообразно со тешките околности во кои живееле смирнанските христијани, Исус им се претставува како “прв и последен“, кој “умре и оживе“. Во таа пригода Тој ни дава двојно ветување за воскресение: “Биди верен до смрт и ќе ти ја дадам круната на животот“ и, “кој победува, втората смрт нема да му наштети!“ Исус има богато искуство во врска со воскресението и животот (Јован 11,25). Тој се воскреснал себеси (Јован 10,17.18) и неколку други луѓе. Затоа неговите прекрасни ветувања, дадени на Смирна, се наполно веродостојни. Меѓутоа, тие ветувања им биле упатени на оние “што ќе победат“ и што ќе бидат “верни до смрт“. Тие се однесуваат на христијаните кои ќе го победат злото, кои побргу ќе умрат отколку да извршат прељуба, да го изговорат Божјото име напразно или да ја прекршат Саботата. Тие се однесуваат на христијаните кои побргу ќе умрат отколку да бидат нечесни! Чуварот на светилниците, Господ Исус, ни помага да блескотиме со чист, јасен сјај.