Текстови

Тијатир-црква која што попуштила пред Езавела

Тијатир-црква која што попуштила пред Езавела

Историска панорама. – Градот Тијатир не бил морско пристаниште како Ефес или Смирна. Сместен на блага угорнина, не бил засолнет со планински падини како Пергам. Сепак, положбата на главниот пат, каде што се спојувале две долини, му овозможувала да учествува во мошне динамичниот трговски промет.

Корењата од растението броќ кое растело во околината, ги снабдувале тијатирските занаетчии и трговци со светло црвена боја која во старо време била позната како пурпур. Деловната жена, Лидија, која го прифатила христијанството во Филипи, продавала светло црвена ткаенина и друга слична стока што ја набавувала во Тијатир (Дела на Апостолите 16,11-15).

Пофалба. – Христос ги пофалил “делата“ што ги правеле христијаните во Тијатир и “нивната љубов, вера, служба и трпение“. Тој дури забележал дека нивните дела со текот на времето стануваат се подобри: “Твоите последни дела се поголеми од оние на почетокот!“ (Откровение 2,19).

Укор. – Но, и покрај нивните бројни доброчинства и доблести за пофалба, на тијатирските христијани им била потребна поголема помош од небесниот Чувар на светилниците отколку на која било друга црква, освен на онаа во Лаодикија. Додека христијаните од Ефес ги отфрлиле николаитите, додека само некои од Пергам ги прифатиле валамовците, црквата во Тијатир во целост попуштила пред Езавела, жената која себеси се сметала за пророчица и ги учела верниците на црквата да “прават прељуба и да јадат идолски жртви“ (Откровение 2,20). Како и Валам, и историската Езавела е злогласна личност од Стариот завет. Се омажила за царот Ахав и со тоа станала израелска царица, заправо, царица на северниот дел на израелскиот народ. Ќерката на многубожечкиот тирски цар, Езавела, довела незнабожечки свештеници во Израел и бргу успеала мнозинството Израелци да ги наведе да учествуваат во развратното Валово богослужение. Многу Израелци, кои одбиле да го отфрлат вистинското богослужение, таа ги пратила во смрт (види 1.Царевите 16. до 21 глава). Гледаме дека проблемот на Езавела во Тијатир-неморалот и храната жртвувана на идолите-претставувал ист компромис со паганската култура каков што застапувале николаитите и валамовците. Меѓутоа, степенот на компромис бил неспоредливо поголем. Езавела постигнала максимум во својот бунт. Кога и е понудено време да се покае, тврдоглаво одбила да ги измени своите патишта. Последиците на таквиот начин на живот се гледаат од страшната болест со која веројатно сама се заразила во својот разврат. “Еве, ќе ја фрлам на постела!“ Доколку не се покаат, нејзините следбеници ќе доживеат “голема неволја“. Во деновите на Стариот завет седум илјади Израелци храбро одбивале да го прифатат компромисот со паганската култура во тоа време (1.Царевите 19,18). Во Тијатир постоела група такви кои “не го држат ова учење“ и кои “не ги запознаа сатанските длабочини, како што велат“. Христос ги охрабрил: “Држете го она што го имате додека дојдам!“

Предадвентен суд. – Штом ја најавил казната, Исус продолжува: “И сите цркви ќе знаат дека јас сум тој кој ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас според неговите дела.“ Во Стариот завет дури ни пророкот Илија не знаел дека оние седум илјади верници, што ги споменавме пред малку, биле цврсти во верата. Тој мислел дека е сам. Меѓутоа, Бог го познавал секој поединец од тие седум илјади! Бог постојано го посматра нашето однесување. Неговите пријателски очи го следат секого што му е верен. Кога кажал дека “сите цркви“ треба да знаат оти Тој “ги испитува бубрезите и срцата“ и дека еден ден ќе му даде “секому според неговите дела“, Исус зборувал за судот. Тој објавил дека е судија на сите христијани и на сите христијански цркви. Ако погрешно се сфатат Христовите зборови во Евангелието според Јован 5,24 , тогаш тоа води на заклучок дека вистинските христијани нема што да бараат на конечниот суд. Исус кажува: “Кој ја слуша мојата реч и верува во Оној кој ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд!“ Меѓутоа, текстот во 2.Коринќаните 5,10 кажува дека “сите треба да се појавиме пед Христовиот суд, и секој да си го добие она што го правел во телото, било добро или лошо“. И Христовата изјава во Откровение 2,23 е наполно јасна: “Сите цркви ќе знаат дека Јас Сум тој кој ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас според неговите дела!“ Наместо да каже дека христијаните нема да дојдат на суд, грчкиот оригинал говори дека “нема да дојдат под осуда“. И тоа навистина е вистинското значение на овој текст, значење кое е сообразно со другите библиски текстови и со Христовите зборови упатени до Тијатир. Во книгата на пророк Даниел наидуваме на првата фаза од Божјиот конечен суд. Таа прва фаза понекогаш се нарекува “истрага“ или, бидејќи се случува пред второто Христово доаѓање, се нарекува и “предадвентен суд“ кој се однесува на сите припадници на “Израел“, на сите кои во кое било време исповедале вера во вистинскиот Бог. Една од целите на таа прва фаза на конечниот суд е да и открие на вселената кој останал а кој не останал верен на својот првобитен завет. Друга цел е да ги оправда  или да ги одбрани преданите Божји верници спрема кои неверните припадници на црквата постапувале свирепо.

Награда. – На сите што одбиваат да се прилагодат кон барањата на световната култура, Исус им ветува сила, пријателство и слава која далеку надминува се што е световно. “А на победникот, кој ги пази моите дела до крај, нему ќе му дадам власт над народите, и ќе ги пасе со железна палка… Како и јас што примив (власт) од мојот Отец. И ќе му ја дадам ѕвездата Деница.“ Во старо време “железна палка“ била метален стап што го употребувале пастирите (Псалм 23,4). Палката не била употребувана за напад, туку за одбрана на стадото. Исчезнувањето на сите престапници ќе им обезбеди вечна заштита на невините. Никогаш веќе нема да слушаат закани, навреди и непристојни зборови. Исус е таа “утринска ѕвезда“ што ни ја ветил (Откровение 22,16). Исус е цар над царевите и господар над господарите (Откровение 19,16). Исус се нуди да биде наш царски придружник, дури и наш божествен слуга (Лука 12,37; 22,27). Колку возвишено од него! Колку убедливо не повикува да му се спротивставиме на притисокот на нашите врсници и пријатели кога не наговараат да направиме компромис.