Текстови

Прва сабота – Пробудувањето и Божјето Слово – Дали сме подготвени да му се предадеме на Бога?

Со оглед на тоа дека оваа седмица започнуваме со посебен акцент на пробудувањето и Божјето Слово, можеби се прашувате зошто сè уште ни е потребна пораката за пробудување. Можеби сте адвентисти кои се задоволни со нештата, онакви какви што се. Убаво црквено богослужение сабота наутро и моралниот живот можат за вас да претставуваат суштина на адвентизмот. Ако тоа ви е доволно, тогаш го пропуштате најзначајното нешто од тоа што значи да се биде адвентист!

Можеби идејата за пробудувањето ви е привлечна. Додека ги набљудувате настаните во светот, културните и општествените промени, согледувате дека сè оди во пропаст. Можеби копнеете за пробудување, мислејќи дека тоа значи враќање кон темелите на едно сигурно општество – враќање на сигурноста на добро организираното време и начин како порано одеа работите.

Сигурноста и редот не се привлечни за секого. Можеби сте заинтересирани за пробудување за да се променат некои работи. Посакувате поголема сила, повеќе акција, повеќе чуда и брз раст на црквата. Иако сето тоа ќе се случи како резултат на пробудувањето, тоа не ја претставува неговата суштина.

Како поединци и како црква сме подготвени да стекнеме прекрасни духовни искуства додека проучуваме за пробудувањето. Иако прекрасните искуства се добар почеток, вистинското пробудување е многу повеќе од едно кратко искуство. Тоа е повеќе и од еден нов почеток. „Во почетокот беше Словото, и Слoвото беше во Бога и Словото беше Бог. Тоа во почетокот беше во Бога. Се стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана“ (Јован 1,1-3).

Срце на искреното пробудување

Пробудувањето е нешто повеќе од враќање на темелите и стремежите за промени. Не се однесува само на силата и влијанието. Пробудувањето е обновување на нашата сосредоточеност на Христа. Преку Исус е создадено сè, и само преку Него можеме да дојдеме до повторно создавање или пробудување. Исус мора да биде во центарот на пробудувањето.

Дали ни е потребно такво пробудување? Ние сме уште на Земјата. Исус сè уште не дошол да нè одведе дома. Сè уште не сме го искусиле ветувањето за излевање на Светиот Дух кој ќе не оспособи да ја завршиме задачата и тројната ангелска вест да ја однесеме на „секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14,6). Како црква потребно ни е ова пробудување, но тоа не може да стане наше заедничко искуство пред да го доживееме како поединци.

Дали ни е потребно да доживееме лично искуство на пробудување? Секој од нас може да примени на себе еден едноставен тест поставувајќи си ги следните прашања: „На кого му припаѓа моето срце? На кого/што му се посветени моите мисли? За кого/што сакам да зборувам? На кого/што му ги посветувам моите најтопли чувства и својата сила? Ако сме Христови нашите мисли се со Него, нашите најубави мисли се сосредоточени на Него. Сè што имаме и што сме му е посветено Нему. Ние копнееме да бидеме слични на Него, да бидеме исполнети со Неговиот Дух, да ја твориме Неговата волја, да му угодиме во сè.“1

Однос кој оживува

За да дојде до пробудување, мораме да се сосредоточиме на нашиот однос со Исус. Ако знаеме дека сме спасени со милоста и дека потполно зависиме од силниот Бог кој не само нè создал, туку и нè откупил, нема да имаме механички, легалистички пристап. Нашето благодарно и потполно предавање на Господа ќе нè доведе до динамичен христијански живот исполнет со Духот и до ревно сведочење.

Сите треба да разбереме во кое време живееме и каде се наоѓаме во однос на Исусовото скоро доаѓање. Не смееме да заборавиме дека големата борба беснее околу нас и во нас и дека сатаната сака да го ослабее нашиот духовен живот и нашата врска со Исус, со што се надева дека ќе спречи гласниот повик од Откровение 14 да се чуе по целиот свет.

Знаењето значи сведочење

Пробудувањето што ни е потребно не е основано на чувства и чуда. Ние сакаме подобро да го запознаеме Исуса за да можеме на другите повеќе да им зборуваме за Него. Потребна ни е мотивација и силата на Светиот Дух за ширење на евангелието. Потребно е Исус да ја излее на нас ветената сила на Светиот Дух како што ја излил на учениците на денот Педесетница (Јован 16,7). Нашата потреба можеби никаде не е толку изразена како во мисионската работа во големите градови. Повеќе од половината од светската популација живее во градовите, па сепак во многу градови одвај да имаме своја потпирна точка. Размислувајќи за зборовите на пророкот Захарија, сфаќаме дека големиот налог ќе биде исполнет: „Не со сила не со снага, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот“ (Захарија 4,6).

Како ќе извршиме влијание на другите? Новите планови и стратегии можат да имаат своја улога, но она што ни е навистина потребно е чудесното дејствување на силата на Божјето слово кое во почетокот создало сè што постои. Да бидеме орудие во Божјите раце за да можеме да ја однесеме радосната вест за Исусовата спасоносна победа и за Неговото скоро доаѓање на „секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14,6).

Искуство на растење

За подобро да го запознеме Исус и подобро да проповедаме за Него, треба да негуваме длабок однос со Него и постојано да растеме во одењето со Господ. Прифаќањето на Исус не е еднократно искуство. Тоа мора да биде искуство што се развива. Како и апостол Павле мораме да бидеме спремни секој ден да умираме за себе (1. Коринтјани 15,31).

Идеата за негување однос со Исус не е нова за нас, но често ни е тешко да ја оствариме затоа што не можеме да го видиме. Секој однос е основан на комуникација. Молитвата го отвара нашето срце и нè воведува во близок однос со Исус. Ѕидовите кои не спречуваат во тоа паѓаат кога му се молиме на Бога да ги сруши. Гордоста, горчината, самозадоволството и материјализмот, Светиот Дух може да ги скрши кога поминуваме време со Исус во молитва.

Голем предизвик е да ја одржиме жива љубовта кон Исус кога толку многу нешта го заокупираат нашето време и внимание во нашиот забрзан начин на живот. Мораме активно да работиме на тоа да одвојуваме време да го слушаме Бога.

Покрај тоа што Бог ни зборува преку делата на провидението и влијанието на Светиот Дух на умот, најјасен начин на кој Бог комуницира со нас е преку Неговото Слово. Кога го проучуваме Божјето Слово треба да се молиме за присуството на Светиот Дух и за одстранување на сè што може да нè одвои од Бога.

На нас адвентистите ни е дарувано прекрасно богатство. Духот на пророштвото е еден од најголемите Божји дарови на неговиот народ на остатокот во последното време. Тоа е, како што кажува и самата Елена Вајт, „помала светлина“ која не води кон „поголема светлина“.2 Проучувајте ги советите на тој Божји гласник. Дозволете да ве приближи кон бескрајната Исусова убавина и да ве поттикне на подлабоко проучување на Неговото Слово.

Вистината каква е во Исуса

Бидејќи живееме во значаен период од земната историја мошне важно е да разбереме дека сите наши учења се насочени кон Исуса.

Настаните на последното време се приближуваат. Исус наскоро ќе се врати и ќе ја изрече конечната казна на сатаната. Крвта на Исус Христос, нашите жртви на крстот и службата на нашиот првосвештеник, Исус Христос, во небесното светилиште има една цел – сите што ќе се покорат исповедајќи ги своите гревови и прифаќајќи го Исус за свој Спасител, можат да бидат оправдани пред Бога и да имаат вечен живот преку Христовата сеопфатна служба. Не треба да се плашиме од судот ако го познаваме Јагнето – ако го познаваме Првосвештеникот и Царот кој скоро ќе дојде.

Царот што доаѓа

Важно е да се разбере редоследот на настаните во блиска иднина. При Исусовото второ доаѓање ќе Го види секое око. Тоа ќе биде остварување на блажената надеж што ја очекуваме и за која верувам дека наскоро ќе се оствари. Веќе гледаме дека сè околу нас се распаѓа. Матеј 24 зборува за знаците на Неговото доаѓање. Треба само да се осврнеме на економските пресврти, политичката нестабилност, болестите што владеат, општественото и моралното пропаѓање за да видиме дека тие знаци се исполнуваат. Веќе постојат екуменски движења кои имаат за цел создавање на обединет верски систем кој ќе се спротивстави на славењето на Бога во седмиот ден, Сабота, и на крајот ќе ја укине верската слобода и ќе наметне друг ден за празнување.

Кога Исус повторно ќе дојде, Неговите нозе нема да ја допрат Земјата, туку ние ќе бидеме грабнати на облаците „за да се сретнеме со Господ во воздухот“ (1. Солуњаните 4,17). Пред Неговото славно доаѓање, сатаната ќе се обиде да ги „измами избраните“, како што читаме во евангелието според Матеј 24,24. Сатаната ќе се обиде да се прикаже себе си како „ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11,14) и да се претстави како Исус. Како ќе го разликуваме ово измамник од вистинскиот Христос? Замислете ја лудата медиумска проследеност на целиот настан која наводно на сите ќе им „докаже“ дека тој „христос“ е вистинскиот. „Сатаната, опкружен со злите ангели, тврдејќи дека е Бог, ќе прави разни чуда за да ги прелаже, ако е можно, и избраните“3. Ние нема да можеме да се потпреме на своите сетила. Ќе мораме да го обновиме својот духовен вид со силата на Светиот Дух. Мора да бидеме во совршен склад со нашиот Спасител, добро да го познаваме Неговиот глас во Светото Писмо за во најмрачниот миг од земната историја да можеме „да живееме преку верата“ (Римјаните 1,17).

Близу до целта

Верувам дека Божјиот сон да се заврши задачата на земјата наскоро ќе се оствари. Сигурен сум дека Бог ќе го излее Светиот Дух без мерка додека се стремиме подобро да го запознаеме Исус. Тој ќе ја објави вистината преку нас, „зашто земјата ќе се исполни со ппразнување за славата Господова онака како што водите го исполнуваат морето“ (Авакум 2,14). Божјата работа на земјата ќе се заврши. Исус ќе дојде како моќен Ослободител. Ќе дојде како Цар над царевите и Господар над господарите своите деца да ги одведе дома.

Тед Вилсон

 

1Елена Вајт, Патот кон Христа, ориг. Стр. 58.

2Елена Вајт, Евангелизам, ориг. Стр. 257.

3Елена Вајт, Counsels for the Church,стр. 39.

Тед Вилсон е претседател на Генералната конференција на Христијанската адвентистичка црква, живее во Мериленд, во САД.

Прашања за размислување и разговор:

  1. Како можам да останам сосредоточен на Исуса во забрзаниот свет заситен со медиуми? Кои практични чекори можам да ги превземам за да Му дозволам да го исполни мојот живот?
  2. Многу слушаме и зборуваме за „вистината“. Како „вистината каква што е во Исус“ (Ефесјаните 4,21) изгледа помеѓу осум часот наутро и пет попладне на твоето работно место?
  3. Пробудувањето е лична задача, но истовремено се однесува и на односите. Која улога ја игра црквената заедница во тој процес?

Главна мисла: Сакаме подобро да го запознаеме Исус за да можеме на другите да им зборуваме за Него.