Текстови

Да го направиме Светото Писмо наша сопственост – Да научиме да ја користиме неговата сила

Животот не се одржува сам од себе. Живите организми зависат од надворешните елементи за да се одржат во живот. Вода, храна, кислород, се само некои од елементите неопходни за живот.

Од библиска гледна точка, само Бог може да го одржи и да го сочува животот во опкружувањето што се распаѓа и претставува постојана закана на смисленото човечко постоење. Животот се одржува преку Божјето Слово. Тоа посебно се однесува на нашиот духовен живот, на кого му е потребна постојана надворешна сила за да опстане.

Бог и Неговото слово

Псалмистот запишал: „Преку словото на Господ беа создадени небесата“ (Псалм 33,6).Создавањето на сè што постои, а посебно на животот настанало со делувањето на силата на Божјите зборови. Човечкиот живот не зависи само од храната „туку од секој збор што излегува од устата Господова“ (5. Мојсеева 8,3).

Врската помеѓу животот и Божјето Слово е многу длабока, неизмерна и постојана. Словото преку кое е создадено сè и истото Слово преку кое се одржува сè што е создадено. Божјата сила ни е откриена во Неговото Слово преку кое ни се обраќа.

Со своето Слово Бог ни се обраќа во одредени ситуации и на Својот народ му ги открива своите планови и волјата за нивниот живот. Неговото слово секогаш за цел го има нашето добро, бидејќи тоа самото по себе е „добро“ (Исаија 39,8). На Синај израелскиот народ го слушнал Божјиот збор со кој Бог им се обратил и им дал „вистински закони, наредби и добри заповеди“ (Неемија 9,13). Словото често се јавува како ветување на кое секогаш можеме да се потпреме и кое го навестува целосното остварување на планот на спасението (Псалм 105,42-45).

Соломон му зборувал на народот за силата на божественото Слово: „Нека е благословен Бог, кој му даде спокојство на Својот народ Израел, како што беше говорел! Не остана неисполнет ниеден збор од сите Негови добри зборови што ги беше изрекол преку својот слуга Мојсеј“ (1. Царевите 8,56). Божјето Слово е верно затоа што Тој ги исполнува своите ветувања: „Зошто словото на Господ е право, и сите Негови дела се извршени во верност“ (Псалм 33,4).Бог дејствува во склад со своето Слово, Тој е чесен Бог.

Исус и Словото

Божјето слово е многу повеќе од звукот што излегува од Божјата уста. Тоа е видливо: „Во почетокот беше Словото, и Слoвото беше во Бога и Словото беше Бог. Тоа во почетокот беше во Бога. Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана“ (Јован 1,1-3). Тоа е истото сигурно, вистинито и силно Божје Слово со кое му се обраќал на својот народ во Стариот завет. Меѓутоа, во Новиот завет се случило нешто славно и неочекувано: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (14 стих).

Во Исус, Словото, ја гледаме Божјата волја за нас и Неговото настојување да ги спаси грешните човечки суштества. Божјето Слово е разбирливо и делотворно, бидејќи Бог ни зборува преку Исус (Јован 14,10). Како отелотворено Божје Слово, Исус е Словото на вистината (види 2. Коринтјаните 6,7), Слово на помирувањето (види 2. Коринтјаните 5,19), и на спасението (види Дела 13,26); Тој е Словото на крстот (види 1. Коринтјаните 1,18). Тој е вистина, и Оној кој во тајната на воплотувањето ги соединил Бог и човекот, и кој на крстот ја покажал спасоносната сила на Божјето Слово. Бог навистина го исполнува она што го кажува. Кога Бог нешто ќе каже, тоа се исполнува. Можеби нема да се случи толку бргу како што ние би сакале, но ќе се случи.

Божјето слово го спроведува во дело она што го објавува и изразува. Псалмистот запишал дека Бог го„испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст“ (Псалм 107,20). Мислејќи на зборовите што излегуваат од неговата уста, Господ кажува: „не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас.“ (Исаија 55,11). Кога Господ кажува нешто, тоа се случува!

Кога бурата на Галилејското езеро го загрозила животот на Неговите ученици, Исус „стана, му заповеда на ветрот и му рече на морето: „Молкни, престани!“ И ветрот стивна и настана голема тишина.“ (Марко 4,39). Тој им заповедал на демоните да ги остават на мир своите жртви и тие излегувале од нив (Марко 1,25). Тој ги исцелувал луѓето изговарајќи зборови (види Матеј 8,8). Но пред сè, Неговиот збор им носи проштевање на грешниците (Матеј 9,1-7). Го дава она што го објавува!

Божјето Слово и јас

Ние сме оние на кои им е упатено Божјето слово. Бог ни се обраќа како Творец и Откупител затоа што треба да го знаеме Неговиот план и Неговата волја. Мораме да излеземе од темнината во светлината на животот кој има смисла.

Божјето слово е извор на вечниот живот (види Јован 5,24; 6,63). Ние мораме да го запознаеме тоа Слово бидејќи, како што Исус ни покажал во својот живот, Божјето слово влијае на секој аспект од нашиот живот. Да се биде послушен на Словото е прашање на живот или смрт. Со самото тоа, Бог сака да го слушнеме: „Јас им се открив на оние, кои не прашуваа за Мене, кои не Ме бараа: „Еве, Ме, еве Ме!“ – му велев на народ, кој не го повикуваше името Мое.“ (Исаија 65,1).

Ние сме повикани да го слушаме Божјето Слово преку кое Бог ни се обраќа во Светото Писмо (види Исаија 66,4). Тоа е динамично слушање со кое оди и исполнување на она што го кажува Словото. Исус рекол: „И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен“ (Матеј 7,24; види 2. Летописи 34,21).

Нашата послушност на Словото покажува дека навистина сме слушнале што Бог ни зборува и дека тоа сме го примениле во својот живот. Исто така, важно е да го читаме Словото под водство на Светиот Дух, бидејќи само воплотеното Божје слово може да не промени (види 2. Коринтјаните 3,15-18).  Треба да го проучуваме, бидејќи тоа сведочи за Оној кој единствено може да ни даде вечен живот (види Јован 5,39). Додека го применуваме Словото мораме да размислуваме за него, да дозволиме мислите да се занимаваат со содржината на Словото и значењето што го има за нас. Можеме да размислуваме за Словото онака како е изразено во заповедите (види Псалм 119,48), сведоштвата (99 стих), и ветувањата (148 стих).

За да можеме да го усвоиме Словото тоа бара од нас да вложиме време. Тоа е неприродно за човечкото срце и бара од нас да се оттргнеме од духовната млакост. Молитвата е неопходна, бидејќи само преку неа можеме да побараме од Господ во нашето срце да стави желба и подготвеност да го слушаме Неговото слово.

Ние треба да се молиме секој пат кога го отвараме Божјето слово. Колку повеќе го читаме, подобро ќе ги разбереме поуките што ни се дадени. Не смееме да се откажеме затоа што не можеме да разбереме сè што се наоѓа во него. Продолжете да читате дозволувајќи упатените пораки да влезат во умот. Така Божјите мисли ќе влијаат на нашиот ум  и ние постепено ќе бидеме променети со силата на Светиот Дух.

Кога слушаме, читаме и размислуваме за Божјето слово, се случува нешто величествено: Христос, Словото, живее преку верата во нашето срце (види Ефесјаните 3,17).

Божјето слово е живо и затоа има сила да нè оживее и нас: „Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4,12). Бидејќи Словото е живо, тоа може во нашиот живот да го оствари она што го кажува. Можеме да имеме доверба во него, бидејќи Оној што ни зборува преку Словото е верен и има сила да го исполни она што го ветил.

Затоа, да му дозволиме на Словото да нè поучува секој ден (види 2. Тимотеј 3,15).

Да му дозволиме да ни даде утеха кога се соочуваме со тешкотии, искушенија и страдања (Псалм 119,161.162). Надежта што ја наоѓаме во неговите страници нека ги исполни нашите срца со радост (Псалм 56,10.11; 2. Коринтјаните 1,20).

Да му дозволиме на Словото на крстот да ги исполни нашите срца и да гори како оган за да нè посвети за служба на Господ и ближните (спореди Еремија 23,29).

Ангел Мануел Родригез

Ангел Мануел Родригез пред заминување во пензија работел како директор на библискиот истражувачки институт, сега живее во Тексас.

 

Прашања за размислување и разговор:

  1. Бог ни зборува преку создавањето. Во кои дела на природата посебно ја препознавате Божјата творечка сила што го одржува животот?
  2. Силата на Божјето слово се покажала во Исусовиот живот и Неговата служба на земјата. Во кои настани од Исусовиот живот гледате како се открила силата на Божјето слово?
  3. Божјата сила, исто така, е прикажана во Неговото слово за откупувањето откриено во секој од нас. Како сте ја искусиле силата на Божјето слово во сопствениот живот?