Срце и почва – Од што сте создадени?

Исусовата приказна за сеачот во евангелието според Лука 8,4-15 зборува за состојбата на нашето срце. Бог сака да го посее семето на Словото во нашето срце, но раѓањето на род зависи од неговата состојба.

Како изгледа едно срце кое е подготвено да го прифати Божјиот глас? Како треба да го негуваме за семето на Божјето слово да расте во него и да пушти корен? Како Божјето слово може да предизвика духовно пробудување во нашиот живот?

Сеачот, семето и почвата

Приказната за сеачот се наоѓа во сите три синоптички евангелија (Матеј 13,1-9,18-23; Марко 4,1-9,13-20; Лука 8,4-8,11-15). Сите верзии ги содржат трите главни елементи: сеачот, семето и почвата.

Сеачот. Сеењето значи да се стави семето во земја. Во библиско време земјоделците го носеле семето во корпи или торби прицврстени околу половината. Земајќи семе во дланката, го фрлале во земјата замавнувајќи со дланката или раката.1

Кога сеачот го фрла семето, тој не зема една семенка за нежно да ја положи во земјата и потоа да продолжи понатаму! Кога сеачите ќе ја одберат почвата каде ќе сеат, тие фрлаат колку е можно повеќе семе, бидејќи знаат дека нема секое семе да донесе род.

Во Светото писмо Бог го гледаме како сеач (види Матеј 13,37). Елена Вајт запишала: „Тој како сеачот во полето дошол да го посее небесното семе на вистината.“2

Семето. Во Светото писмо семето е изедначено со Божјето слово (види Лука 8,11). Како што семето во себе носи живот на едно растение, Божјето слово претставува живот за оние кои го прифаќаат. Како што сеачот го фрла семето благодарение на раката, така се чини дека Бог го сее Своето слово на некои неочекувани места!

Пред многу години, во еден московски театар, миленикот на публиката Александар Ростовзев и се обратил на публиката додека го глумел Исус во богохулната претстава „Исус во смокинг“. Требало да прочита два стиха од Беседата на гората, да ја соблече горната облека и да повика: „подајте ми го мојот смокинг и цилиндар!“

Но додека ги читал зборовите: „Блажени се бедните по дух, зошто нивно е царството небесно. Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат“ (Матеј 5,3.4), почнал да трепери. Наместо да се држи за сценариото, тој продолжил да го чита петтото поглавје на евангелието според Матеј, не забележувајќи го накашлувањето, повиците и удирањето со нозе на другите глумци. На крајот, присекајќи се на стихот што го научил во детството во Руската православна црква, повикал: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое“ (Лука 23,42). Пред да се спушти завесата, Ростовзев го прифатил Исус за свој личен Спасител.3

Бог го фрла Своето слово на некои неочекувани места за да спаси што повеќе од своите тврдоглави деца. Ние често го ограничуваме ширењето на Божјето слово потценувајќи ја неговата сила. Исус дошол да го посее семето на вистината во човечките срца, но и нас нè повикува да го сееме семето на вистината во срцата на луѓето. Сеењето на семето на вистината не е секогаш лесно, како што можеме да видиме во Христовиот живот. Елена Вајт запишала: „Го оставил својот сигурен и мирен дом, се одрекол од славата што ја имал кај Отецот уште пред создавањето на светот, го напуштил своето место на престолот на вселената. Дошол сам, како напатен и искушан човек, да сее со солзи и семето на животот да го залева со својата крв.“4

Можеби и ние сме повикани на страдања, осаменост, солзи, понекогаш и смрт, додека го сееме семето на Божјата вистина. Но нема залудно да сееме. Кој може да ги заборави нашите претходници во христијанската вера: Валденжаните, Џон Виклиф, Јан Хус? Тие, како и мнозина други, го дале својот живот за Христа и Неговото слово. Елена Вајт за нив запишала: „Биле прогонувани до смрт, но нивната крв го залевала посеаното семе и тоа не останало без род.“5

Почва. Потребни се четири елементи за здрава почва: нитроген, вар, фосфорна киселина и калиум карбонат. Кога само еден елемент ќа ја наруши рамнотежата, тоа влијае на животот на растението. Кога растенијата се јаки и здрави, тие имаат способност да се спротивстават на своите непријатели; така нашиот силен и здрав духовен живот има способност да се спротивстави на непријателот.

Во оваа сторија очигледна е активноста на непријателот. На тврдата почва покра патот, каде семето на Божјето слово е изгазено и презрено, сатаната го краде словото од срцата на оние што слушаат. Кога на тврда почва ќе израсне некоја билка која нема длабок корен, сатаната го отстранува Словото од срцето. Кога трњето на грижите, богатството и задоволствата ќе ја истиснат билката, сатаната го загушува Словото во срцето. Обрнете внимание на билките на добрата, плодна почва. Од оваа почва сатаната не може да го земе семето на Божјето слово од срцето! Непријателот е беспомошен! Семето никнало и „донесе стократен плод.“ (Лука 8,8).

Храна за срцето

Можеби како и јас сте се препознале себе во повеќе видови почва! Што можеме да направиме нашето срце да биде силно и здраво и да донесува род? Предложувам три нешта:

  1. Во првиот опис на добрата почва во Лука 8,15 е спомнато дека луѓето го слушнале Словото „во добро и чисто срце“. Молете се за чисто срце и вистински дух. Прочитајте Псалм 51,10-12. Пејте. Молете се. Сите сме згрешиле и сме лишени од Божјата слава (види Римјаните 3,23; 7,14). Поради гревот, дури и нашите добри дела се осквернети со нечисти побуди.
  2. Во вториот опис на добрата почва кажано е дека луѓето го чуваат Словото. За да го спречеме сатаната да го украде, отстрани или задуши Словото во нашиот живот, мораме да го чуваме. За да го сочуваме, неопходни се четири нешта: Ние мораме да го слушаме Словото. Да се минува време со Господ во Неговото слово, слушањето проповед и проучувањето на Божјето слово со верниците се одлични начини да слушнеме што ни кажува Господ. Мораме да го разбереме Божјето слово. Дали одвојуваме време да се фатиме во костец со Словото, да го проучуваме, да побараме помош од некого, ако ни е потребно? Не е секогаш лесно да се разбере Божјето слово, но Бог ни дава ветување дека ќе ни помогне во тоа со својот Свети Дух (види 1. Коринтјаните 2,10-12).

Мораме да го прифатиме Божјето слово. Прифаќањето значи подготвеност да примиме, да поседуваме. Кога ќе разбереме што Бог ни зборува, понекогаш (да бидеме чесни кон себе и другите) не сакаме да го прифатиме тоа! Кога во таквите мигови најпосле сепак го прифаќав Божјето слово во својот живот, мирот што го надвишува секој ум го исполнуваше моето срце (види Филипјаните 4,7).

Мораме да бидеме послушни на Божјето слово. Прифаќањето е едно нешто, а да се покаже послушност во практичниот живот е нешто сосема друго. Без оглед дали се работи за отворена служба на Бога, како што е празнување на Саботата или отфрлање на лоши дела кои се свртени лично кон нас или, пак, кон другите, или се работи за лично предавање на Бога, послушноста секогаш бара активност.

  1. Во третиот опис на добрата почва кажано е дека луѓето „донесуваат плод во трпение“ (Лука 8,15). Колку често се молите: „Господе, колку време е потребно за да станам совршен? Колку време му е потребно на Јован за да се одлучи за Христа?“ Сакаме нашето срце – и срцата на нашите ближни брзо да се воздигнат кон Бога.

Добра почва, добра жетва

Од што е сочинето вашето срце? Дали го цените Божјето слово? Дали сте вкоренети во Неговото слово за да можете да ги победите искушенијата на непријателот? Дали сакате Бог да го смири вашето вознемирено срце? Во каква и да било состојба да се наоѓа вашето срце, Бог сака и може да го засади семето на животот во него.

Молете се на Бога за чисто срце. Слушете, разберете, прифатете и послушајте го Неговото слово. Потпрете се на Него, молејќи го да ви помогне да растете. Тој ќе го стори тоа – дури и на неочекувани места.

1Земено од www.middletownbiblechurch.org/biblecus/biblec6.htm.

2Елена Вајт, Поуки на големиот Учител, ориг. Стр. 33

3Земено од http://www.sermonillustrations.com/a-z/b/bible_power_of.htm. Цитат, J.K. Džonston, Why Christians Sin (Grand Rapids: Discovery House, 1992), стр. 121.

4Елена Вајт,  Поуки на големиот Учител, ориг. стр. 36

5Елена Вајт, Големата борба, ориг. Стр. 78.

Бонита Џојнер Шилдс

Бонита Џојнер Шилдс е уредник и помошник на директорот за учеништво во одделението за саботна школа при Генералната конференција.

 

Прашања за размислување и разговор:

  1. Размислете за вашата моментална состојба. Дали почвата на вашето срце е добра, тврда, карпеста, или обрасната во плевел? Зошто?
  2. Што можете да направите за да ја подобрите почвата на вашето срце за да може Божјето слово полесно да расте на таа почва?
  3. Во контекст на оваа приказна, што значи за вас да се расте до зрелост?