Пробудување – спремни за заминување – Божјето слово и реката Јордан

Исус Навин се нашол пред тешка задача во време на голема несигурност. Пред Израелците се наоѓала надојдената река Јордан и градот Ерихон, голема и јака тврдина на нејзиниот западен брег. На исторчниот брег на реката се наоѓала убавата долина Ситим, обрасната со багремови дрвја каде се наоѓало мноштвото од Божјиот народ.

Замислете си како се чувствувал Исус Навин кога настапило времето да се помине реката Јордан. Мојсеј бил мртов. Умрел во време кога бил најпотребен, на самата граница на Ветената земја! Како да се помине преку надојдената река Јордан? (Исус Навин 3,15)? Како да се освои градот опкружен со силни ѕидини и да се покорат високите луѓе во Ерихон? Искуството и мудроста на Мојсеј биле мошне потребни во тој пресуден миг. Како Исус Навин ќе го поведе народот во Ветената земја? Токму тој народ бил подготвен да се одрече од земјата на своите соништа за мигови на задоволство во баргемовите предели. Во кого Исус Навин можел да има доверба?

Мојсеевата смрт била голема загуба за Израелскиот народ. Сепак, знале дека Бог и понатаму е со нив. „Преку денот над светилиштето сè уште стоел столбот од облак, а преку ноќта столбот од оган, што претставувало доказ дека Бог и понатаму ќе биде нивен водач и помошник доколку ги творат Неговите заповеди“1

Исус Навин ги чекал Божјите упатства. Роден во ропство, четириесет години живеел во Египет и четириесет години му бил десна рака на Мојсеј (4 Мојсеева 11,28). Неговото име било Авсија (4 Мојсеева 13,9), што значи „спасение“ или „ослободување“. Меѓутоа, во текот на службата кај Мојсеј, името му било променето во „Исус“, што значи „Спаси, Јахве!“ или „Јахве спасува“.2 Зборот „Јахве“ укажувало на Господовото име што му било откриено на Мојсеј крај грмушката што горела: „Јас сум оној што Сум“ (2 Мојсеева 3,14). Името Исус Навин на сите им станал жив потсетник дека Бог е тој што го избавува народот. Ниту Мојсеј, ниту Исус Навин, ниту било кој друг човек, туку вечниот Бог е тој што ќе го поведе својот народ преку Јордан во Ветената земја. Подоцна токму тоа име му е дадено на Исус. Според тоа, Исус Навин бил симбол на Исус Христос.

Надеж во Бога

Исус Навин многу пати ја искусил Божјата сила. Бил на планината Синај кога била покриена со блескав облак и со славата на Божјето присуство. Го видел Мојсеј како слегува од планината со плочите на Законот испишани со Божји прст (2 Мојсеева 32,17). Тој се борел против Амаликијците и ја добил битката кога Мојсеј ги држел подигнати своите раце (2 Мојсеева 17,8916). Исус Навин бил меѓу дванаесетте извидници кои Мојсеј ги испратил да ја разгледаат Ветената земја – и еден од двајцата кои верувале дека Бог е доволно силен да им даде победа над џиновските луѓе што живееле во тие предели.

Исус Навин „сигурно имал некои, ако не и повеќе особини кои треба да го красат еден голем генерал – цврстина и нежност, кои ја задобиваат довербата и послушноста на луѓето, одлучност и брзина.“3 Меѓутоа, Исус Навин не се потпрел на своите дарови и способности. Од Мојсеј ја научил најважната лекција: тој потполно зависи од Бога и само во него може да има целосна доверба. „Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај нè одовде“ (2. Мојсеева 33,15). Затоа Исус Навин верно ги чекал Божјите упатства.

И Бог му прозборел. Занимливо, Бог не му дал на Исус Навин стратешки план на борбата, детален опис, карта или распоред на трупите потребни за борба. Му дал неочекувани упатства. Го насочил неговото внимание кон она што ќе му овозможи секогаш Бог да биде во негова близина и на тој начин да има успех. Господ му кажал: „Само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази да го извршиш сето она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во сè што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сè она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во твоите патишта и умно ќе постапуваш.“ (Исус Навин 1,7.8). Успехот на Исус Навин како водач – и на Израелскиот народ како нација – ќе зависи од нивната послушност на Божјиот закон, Неговото слово. Дури тогаш, после овие уводни зборови, Бог му дал на Исус Навин конкретни упатства за нивното понатамошно движење.

Поуки за Ветената земја

Додека светската историја брза кон својот крај, ние како црква стоиме на границата на Ветената земја. Ова понекогаш потполно го забораваме, посебно кога ќе расцвета долината со багреми. Како поединци често со соочуваме со свој Ерихон. Кои поуки можеме да ги извлечеме од оваа сторија и од Божјите упатства упатени до Исус Навин 1,7.8? Кои прашања треба да си ги поставиме?

  1. Прашања за Божјето присуство: Дали го делиме мислењето и увереноста на Исус Навин дека не треба никаде да одиме ако Бог не е со нас? Дали го препознаваме Божјето присуство во Неговото слово?
  2. Прашања за храброста: Дали се однесуваме онака како што Бог сака? Дали ќе ја покажеме потребната храброст да Го следиме и да бидеме верни на Неговото слово без оглед на сè? Дали Израелците изгледале чудно во очите на другите кога вртеле околу Ерихон седум пати? Такава храброст повторно ќе биде потребна на границата на Ветената земја.
  3. Прашања за успехот: Зарем не сакаат сите да бидат успешни? Што ни открива оваа сторија за тајната на успехот? Ние честопати сакаме да бидеме сведоци на непосредно Божје дејствување. Сакаме да ја видиме раздвоена водата на нашата река Јордан и сме изненадени зошто Бог молчи. Но дали се држиме за Божјите упатства што ни се откриени? Или чекаме нешто ново?
  4. Прашања за проучување на Божјето слово: Колку се вдлабочуваме во Божјето слово? Кои методи ги користиме во текот на проучувањето?
  5. Прашања за „сè што е напишано“: Дали верно ќе го следиме она што е запишано во Божјето слово? Ако само делумно ги следиме Божјите упатства, тоа „укажува на почитување само на одделни делови од Законот, но не и на Законодавецот.“4 Дали сме подготвени да бидеме послушни на сè што е откриено во Библијата?

Пробудување и подготвеност за преминување

Книгата Исус Навин зборува за Божјето ветување кое се исполнило во животот на Исус Навин. Бил верен и Бог го возвишил. Тој го повел Божјиот народ преку реката Јордан. Ѕидовите на Ерихон паднале. Хананејците се исполниле со страв. Со Божјето присуство, Ветената земја им припаднала на израелците.

Исус Навин му дозволил на Бога да му биде водач. Не барал за себе никаква слава. Сакал да изгради жртвеник за Бога во срцата и мислите на народот, пренесувајќи го Божјето слово на новите генерации. „Од сè, што Мојсеј му беше заповедал на Исус, немаше ни збор што Исус не го прочита пред целото израелско собрание, пред мажите и жените и децата и придојдените што се најдоа меѓу нив (Исус Навин 8,35). Исус Навин избрал да му служи на Бога сè до смртта. На крајот на својот живот зборувал за Божјата верност и за реалноста и вистинитоста на неговите ветувања. Кажал: „Сè се изврши на вас, ни еден збор не остана неисполнет.“ (Исус Навин 23,14). Бог се потпрел на Исус Навин затоа што Исус Навин се потпрел на Бога.

Сакам да бидам како Исус Навин. Знам дека мојата крајна дестинација е Ветената земја, а не долините од оваа страна на Јордан. Но како да го поминам Јордан? Мојот непријател е лукав и свиреп, а мојата мудрост не е голема.

Божјето присуство ми е ветено во Светото Писмо. Бог сака да живее во мене преку Своето слово. Сака преку него да доживеам пробудување, нови сознанија и промена. Тоа ќе ми овозможи да одам напред и да ја поминам реката Јордан. Подготвен сум да го сторам тоа заедно со Исус, мојот Господ кој спасува.

Галина Стил

 

1Елена Вајт, Патријарси и пророци, ориг. стр. 481

2 Donald H. Madvig, Joshua, The Expositor’s Bible Commentary, sv.3, str. 257.

3 A. Plamer, Introduction to the Historical Books: Joshua to Nehemiah, Joshua, The Pulpit Commentary, sv.3, str.iv

4 Madvig, str.257.

Галина Стил сега работи како асистент за вреднување на програмите и истражувањата во Одделението за архива, статистика и истражувања при Генералната конференција.

Прашања за размислување и разговор:

  1. Кога ја проучувате Библијата? Наутро, навечер или на пладне? Размислете како можете да изградите навика редовно да се храните со Божјето слово.
  2. Исус Навин имал голема вера во Бога – и не се плашел за тоа да им зборува на другите. Како вие на практичен начин можете да ја ширите својата вера?

Главна мисла: Наша дестинација е Ветената земја.