Повик за водство – Кои способности се потребни?

Слушнав приказна  за еден младич кој сакал брзо да го вози својот спортски автомобил по виулестите планински патишта. Еден ден, еден автомобил излетал на непрегледна кривина преоѓајќи на неговата страна од патот. Во последниот миг го избегнале судирот и додека приоѓале еден кон друг, возачот на соседното возило се наведнал над прозорецот и извикнал: „Свиња!“

Младичот побеснел! „Овцо!“, и возвратил викајќи. „Премина на мојата страна на патот,“ а потоа промрморел, „како се осмелува да ме нарече свиња!“ Чувствувал задоволство што бил доволно присебен да не и возврати со навреда.

Потоа свртел на непрегледната кривина – и удрил во свиња што стоела на средината на патот!

Понекогаш очигледните закани се всушност корисни предупредувања. Нашиот Господ набљудувајќи ја иднината секогаш гледа позади кривините. Тој сака да нè предупреди на опасноста и да ни го покаже можниот излез ако ги слушаме Неговите вдахнати зборови. 

На патот на христијаните кои живеат во ова последно време гледам голема „свиња“. Мнозина го следат примерот на нашата култура и го „прават она што тие мислат дека е исправно“ наместо да се свртат кон Божјето слово.  Додека земјата се приближува кон својот последен час Бог има возбудливи и мудри планови за секого од нас. Тој нè повикува да бидеме влијателни водачи, да упатиме повик „излезете од неа (од Вавилон), народе мој“ (Откровение 18,4). Единствена пречка што ни стои на патот е нашиот избор како ќе одговориме на предупреду-вањата.

Примерот на Неемија

Неемија е пример за еден силен водач. Бог сака и ние да бидеме такви.

Неемија за прв пат е спомнат во Библијата како пехарник на персискиот цар Артаксеркс. Иако се наоѓал на влијателна положба во персискиот дворец и бил опкружен со богатство, неговото срце било свртено кон Бога на неговите татковци и на народот на кого му се дадени светите списи.

Предците на Неемија биле заробени кога Вавилонците пред седумдесет години го уништиле Ерусалим. Сега, под управа на персиското царство, Евреите кои биле во ропство добиле дозвола да се вратат во својот дом. Така доживеале исполнување на ветувањето што Бог им го дал на децата на Израел пред многу години (Еремија 29,10).

Меѓутоа, мнозина удобно си живееле во таа страна земја и одлучиле да останат. Да се гради одново било премногу тешко. На Бог му бил потребен водач кој службата и славењето на Бога ќе ги стави пред сите овоземни нешта.

Гласниците носеле лоши вести од Ерусалим: „Остатокот од народот што остана таму во земјата е во голема неволја и срам и ѕидот ерусалимски е срушен и вратата е изгорена со оган“ (Неемија 1,3).

Со скршено срце Неемија се свртел кон два извора на помош: молитвата и Божјето слово. Плачел, постел, ги исповедал своите гревови и гревовите на народот. Го славел Бога затоа што е верен на Своите зборови и црпел охрабрување од Божјите ветувања за милоста и обновувањето ако Неговиот народ се врати кај Него преку  вера и покајание (стихови 5-11).

Насоки преку молитва

Четири месеци Неемија го излевал своето срце пред Господа. После тоа Бог му дал задача да ја предводи изградбата на Ерусалим. Се молел: „Дај му денес среќа на својот слуга и направи да најде милост пред овој човек (царот)“ (11 стих). Потоа чекал.

На ист начин Исус ја открил Божјата волја за неговиот живот. Преку молитва и проучување на Божјето слово стекнал јасно разбирање за својата мисија како наш Спасител. Секој ден ја сознавал Татковата волја, како што правел и Неемија, како што можеме да направиме и ние.

Учениците го поминувале своето време во проучување на Божјето слово и молитва додека чекале на нив да се излее силата на Светиот Дух (види Дела 2). Да го славиме Бога што влијанието на Божјиот дух во нашиот живот ќе ја внесе истата мудрост, разбирање, дарови и ревност за спасување на ближните кај кои Бог нè испраќа.

Лично влијание

Еден ден царот Артаксеркс го забележал растаженото лице на Неемија и го прашал зошто е тажен. Неемија му раскажал на царот за потребите на неговиот народ во Ерусалим. „Што сакаш да ти сторам?“, запрашал царот. Неемија веднаш набројал што му е потребно и му било дадено сето она што го побарал (Неемија 2,2-8).

Неемија не бил градител или архитект. Тој не учел во такви училишта. Сепак, Бог му дал задача и го испратил во Ерусалим како свој избран водач.

Во книгата на Синди Туш, помошникот на директорот на наследството на Елена Вајт, Елена Вајт и водството: Водич за оние што имаат влијание врз другите, пишува: „Ако сте христијанин, вие сте водач! Дел од одговорноста што ја имаме како Исусови следбеници е да го употребиме своето влијание другите да ги доведеме кај Исус. Тоа го правиме на различни начини во склад со нашите духовни дарови. Ако не сте живееле во осамена пештера во последните десет години, тогаш сигурно постојат некои личности во вашиот живот.“1

Водството е всушност влијанието што го имаме на другите луѓе – нашите деца, семејство, пријатели, соработници, соседи. Исус нè повикува да бидеме како Неемија, подготвени секој ден во молитва да се сретнеме со Бога и Неговото слово и на тој начин да бидеме оспособени за улогата на водач. Тој ги подготвува луѓето за небото и сака да го искористи нашето влијание да ги поведе кон пробудување на вистинската побожност.2

Пат кон успехот

Примерот на Неемија дава поуки за Божјиот народ дека покрај многу молитви потребно е мудро планирање и напорна работа. Неемија го разбрал Божјето слово дадено на Зоровавел: „Не со сила не со снага, а со Мојот дух вели Господ Саваот“ (Захарија 4,6). Тој од искуство знаел дека луѓето на молитвата се верници подготвени за акција и дека внимателното разгледување и добро промислените планови се важни за успехот на духовните напори што ги вложуваме за нашиот Господ.

Кога Неемија стигнал во Ерусалим, го обиколил градот за да ја процени состојбата. Срцето му се исполнило со тага гледајќи го пустошот околу себе. Сè изгледало мрачно. Меѓутоа, тој ги придобил срцата на луѓето кога им раскажал како Бог одговорил на неговите молитви и како Божјето провидение го довел во Ерусалим. Осведочениот народ одговорил: „Да станеме и да градиме“ (Неемија 2,18).

Имало жестоко противење: исмевање, физички напади, обесхрабрувања, компромиси, сплетки и предавства. Подбивачите ги исмевале работниците тврдејќи дека Бог ги оставил. Но Неемија на секој напад одговарал со Божјето слово (19 и 20 стих).

Под водство на Неемија ѕидовите повторно биле изградени за  само 52 дена (Неемија 6,15). Дури и непријателите на Божјиот народ виделе дека Господ е со нив (16 стих).

Неемија го упатува народот на Божјето слово

Тулите и малтерот не можеле да му дадат сигурност на народот. Неемија знаел дека единствената вистинска сигурност за жителите на Ерусалим лежи во обновата на нивното срце. Го собрал народот за заедно да читаат од Божјето слово што со години не било правено. 

Кога се потсетиле на Божјите опомени, заплакале (Неемија 8,1.8.9) и „се обврзаа со заклетва и проклетство дека ќе постапуваат по Божјиот закон“ (Неемија 10,29). Неемија ги потсетил на прекрасните Божји дела на проштавање и милост и додал: „Радоста Господова е ваша сила“ (Неемија 8,10).

Потоа Неемија се вратил во персискиот дворец. Кога после одредено време повторно отишол во Ерусалим дознал дека народот се вратил на своите стари гревови. Како водач избран од Бога не се поколебал пред големата задача да изврши голема реформа неопходна за Божјите благослови и понатаму да почиваат над народот.

Неемија се зафатил со решавање на проблемите, како што е мешањето на непосветените и неверниците на недозволен начин (Неемија 13,23-28), недавањето десеток и дарови (стихови 7-13), непочитување на Господовата сабота (стихови 15-22). Знаел дека реформите, колку и да изгледаат строги, ќе донесат благослов. Божјите предупредувања и опомени се секогаш за наше сегашно и вечно добро.

Прифаќање на Божјиот повик

Ние живееме на самиот раб на вечноста. Сериозни и застрашувачки денови се закануваат на нашата сигурност. Колку ли плачат ангелите гледајќи ја млакоста во Лаодикејската црква – народ кој не е свесен за своите потреби и за опасностите на ова последно време.

„Сатаната најмногу се плаши кога Божјиот народ ги отстранува сите пречки од својот пат, така да Господ може да го излее Светиот Дух на изнемоштената црква. Кога сè би било онака како што посакува сатаната, тогаш никогаш не би дошло до пробудување на црквата, ниту мало ниту поголемо, сè до крајот на времето.“3

Бог го повикува секого од нас да стане Негов водач, да се моли да го проучува Светото писмо со другите, да биде како Неемија и да раскажува што сторил Бог во неговиот живот, да шири влијание каде и да се наоѓа.

Шетајќи еден ден по улиците, еден човек бил запрен од ревен млад христијанин кој ставил некоја литература во неговите раце. Не сакајќи да биде непријатен, безволно го зел трактатот и го ставил во својот џеб.

Подоцна, кога стигнал во својата куќа, ја почувствувал во џебот изгужваната хартија, ја извадил и ја фрлил во каминот. Меѓутоа, направил грешка кога го набљудувал тоа парче хартија како гори. Пред да се претвори во прав, последната реченица го привлекла неговото внимание: „Но словото Господово останува засекогаш“ (1. Петрово 1,25).

Верувајќи дека Бог му прозборувал со љубов, му го предал својот живот на Исус пред да помине ноќта.

Преобразувачката сила на Исус која ја создала вселената се наоѓа во Неговото пишано слово. Тој ветува дека Неговото слово „не се враќа… празно, туку го исполнува она за што сум го испратил“ (Исаија 55,11).

Нашиот Бог сака водачи кои храбро ќе го изнесуваат Неговото слово. Исус доаѓа, а ние знаеме дека на Христовото доаѓање ќе му претходи пробудавање на црквата, пробудување во правец на молитвата, читање на Божјето слово и потполна посветеност на Исус Христос. По целиот свет има сè повеќе знаци за излевањето на силата на Светиот Дух. Во какво значајно време живееме!

Пред нас е избор дали ќе бидеме водачи за Исус или не. Да го отвориме своето срце за нашиот Спасител, да ги признаеме своите гревови, да ја прифатиме Неговата сила што чисти, и да го прашаме која е Неговата волја за нашиот живот. Тој ќе нè доведе таму каде треба да бидеме.

Џери Пејџ

1Синди Туш, Ellen White on Leadership: Guidanceor Those Who Influence Others, стр. 7.

2Види Елена Вајт, Selected Messages, книга 1, стр. 121.

3Исто, стр. 124.

Џери Пејџ е секретар за проповедничка служба при Генералната конференција на Христијанската адвентистичка црква.

 

Прашања за размислување и разговор

  1. Што значи да се биде водач? Дали под тоа се подразбира висока позиција во црквата?
  2. Некои луѓе сметаат дека се „повикани“ да бидат слебеници, а не водачи и дека немаат посебни дарови за таа служба. Што би им кажале на тие личности?
  3. Една од „тајните на успехот“ на Неемија била неговата способност да чека Бог да одговори на неговите молитви во вистинско време. Дали и вие сте развиле такво ниво на трпение и доверба во Бога?