Богатството на Божјето слово – Дали сте ја искусиле силата на Божјето слово?

Мнозина од нас ја имаат искусено силата и богатството на Божјето слово. Ние можеме да потврдиме дека „словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици“ (Евреите 4,12). Божјето слово има сила да не доведе кај Исус, нашиот Спасител, да го промени и обрати нашиот живот да биде сличен на Христовиот и да ни даде нови и свежи мисли. Во текот на вековите имало поединци кои се потпреле на оживувачката сила на Божјето слово. Еден од нив бил Даниел.

Верен ученик

Тоа се случило во шестиот век пред новата ера. Божјиот народ ја изгубил својата земја, Ерусалим, храмот и можноста да одржува богослуженија. Морале да живеат во туѓа земја меѓу народи кои обожавале други богови.

Таква била и судбината на Даниел.

Остарел работејќи во дворецот на вавилонските цареви, вршејќи позитивно влијание во царскиот дворец со своето постојано и верно сведоштво за вистинскиот Бог. Дури и после седумдест години ропство не ги прифатил небиблиските начела на културата во која живеел. Тој продолжил да се грижи за Божјето дело и за иднината на својот народ.

Во Даниел 9 го среќаваме во времето на владеењето на Медо-Персиското царство кое го покорило Вавилонското царство. Во првиот и вториот стих читаме: „Во првата година на неговото царување (на царот Дариј), јас, Даниел, го разбрав според книгите бројот на годините според словото што му го беше кажал Господ на Еремија, дека седумдесет години ќе се извршат над опустошениот Ерусалим.“

Даниел сигурно имал пристап до различните библиски свитоци, меѓу кои била и книгата на пророкот Еремија. Тие свитоци биле вдахнато Божје слово (Данило 9,2). Во стиховите 11-13 Даниел го спомнува „Мојсеевиот закон“ и „зборовите што ги кажа за нас“, за што читаме во 5. Мојсеева 28 и 29, каде се зборува за благословите и проклетството. Даниел трудољубиво ги проучувал овие свети списи.

Даниел разбрал дека пророштвото на Еремија треба да се исполни и Јуда да се врати во Ветената земја. Читањето и проучувањето на Писмото му овозможило да ја дознае Божјата волја, да го сврти своето внимание на она што го кажал Бог и да се потпре на Божјите пророштва. Тој ги сфатил знаците на своето време. Видел дека судбината на Божјиот народ наскоро ќе се промени. Во исто време, оние што го познавале, во него препознале човек чиј живот е исполнет со Светиот Дух. (Даниел 4,8.9.18; 5,11.12.14; 6,3).

Даниел се моли

Проучувањето на Светото писмо нè води кон подобро разбирање на Божјиот план за човекот и води кон молитва. Во Даниел 9,3-19 Даниел го излева своето срце пред Бога жалејќи длабоко што Божјиот народ тргнал во бунт против Бога. Тој ја согледува Божјата правда во извршувањето на претскажаното проклетство. Сепак, тој се потпира на Божјата љубов и милост (стихови 4.18) и бара проштавање. Молитвата се завршува со молба Бог да го обнови уништениот храм во Ерусалим. Даниел се моли за нов почеток и обнова.

Овде можеме да забележиме неверојатен редослед на настаните: Даниел го проучува Светото писмо; тоа го води кон подобро разбирање; но сè уште е збунет (види Даниел 8,27), и тогаш се свртува кон молитва. Тоа е примерот што треба да го следиме. Решението на нашите проблеми е во Божјето слово и молитвата. Без оглед дали сакаме да започнеме нов духовен живот, да го развиваме својот однос со Исус, подобро да го запознаеме Бога, да го разбереме Божјиот план за нас и целото човештво, или да дознаеме нешто за иднината, проучувањето на Светото писмо и молитвата се од голема помош.

Додека Даниел уште се моли, Бог одговара на молитвата и го испраќа Гаврило (Даниел 9,20.21), кој му кажува дека е „сакан човек“ (23 стих).

Бог одговара на молитвите на својот народ. Можеби нема да испрати ангел или да ни се јави во сон, но Тој го насочува нашиот поглед кон Него, своето дејствување, користи групи на луѓе за да допре до нас, ни дава мир и ни дава сигурност.

Даниел на крајот стекнува подлабоко разбирање (22 стих). Гаврило му зборува за период од 70 седмици, односно 490 години. На крајот од тоа време ќе дојде Месија да „му се стави печат на гревот и избришат беззаконијата, за да биде доведена вечната правда, за да им се стави печат на виденијата и пророците и да биде помазан Светиот на светиите“ (24. стих). На Даниел не само што му биле откриени дотогаш непознатите аспекти на планот на спасението, туку му било укажано на Месија, на Неговата служба и Неговата смрт. Даниел примил „нова светлина“. Но таа произлегла и била во склад со светлината што им била дадена на пророците пред него. Оваа светлина не се однесувала само на временските периоди и идните настани – таа се однесувала на Христа.

Нова светлина

Пробудувањето на сериозно библиско проучување ќе води кон подлабоко разбирање на Светото писмо и на самиот Бог. Кога со молитва ја проучуваме Библијата, ќе примиме нова светлина.

Што е тоа нова светлина? Често се поврзува со откривање на библиските вистини кои порано не биле забележани. На пример, првите адвентисти го откриле учењето за светилиштето и поуките за здравјето. Новата светлина може да се однесува и на подобро толкување на некој библиски текст. Меѓутоа, новата светлина не е корисна само за црквата. Таа има и лична димензија. Личноста што го проучува Светото писмо стекнува нови лични сознанија. Тоа поттикнува, облагородува и збогатува.1

Зошто Бог ни дава нова светлина? Со подобро разбирање на минатото, сегашноста и иднината учиме подлабоко да го цениме планот на спасението. Се радуваме кога гледаме како Бог дејствува за да го уништи гревот, страдањата и смртта и да не одведе дома. Најмногу од сè, новото разбирање ни помага да го сакаме Бога, подобро да го запознаеме и да имаме жива заедница со Него.

Искреност

Вистинската нова светлина треба да ја разликуваме од т.н. нова светлина на ересите, лажните учења. Тоа го правиме проверувајќи во Светото Писмо. Учењето на Светиот Дух не се менува и затоа новата светлина нема да противречи на учењата на Светото писмо. Проверка може да вршиме и со група искрени верници. На лично ниво проучувањата треба да бидат поопсежни. Не треба да имаме високо мислење за себе. Да му дозволиме на Светото писмо да остане „мерило на карактерот, проверка на искуствата, авторитативен толкувач на сите учења и верен запис на Божјите дела во историјата.

Искустово на Даниел нè учи дека големи нешта ќе се случат ако искрено го проучуваме Светото писмо и ако го бараме Бога во молитва. Ќе стекнеме нови сознанија, понекогаш на пошироко ниво, понекогаш на лично. Додека сме отворени за влијанието на новата светлина, не смееме да и дозволиме на културата да ги одредува нашите убедувања. Секое учење и мислење што ќе дојде до нас треба да го проверуваме со Светото писмо, и ако се покаже дека нешто е точно, тоа треба да го прифатиме.

Бог е подготвен да нè оживее, да го промени и да го збогати нашиот живот. Подготвен е да живее со нас, и во нас, за да можеме да растеме во љубовта и верата, во службата и истрајноста (Откровение 2,19). „Кога срцето ќе биде доведено во склад со Божјето слово, нов живот ќе се појави во вас, нова светлина ќе засвети над секој збор и словото ќе стане Божји глас во вашата душа.“1

Екехарт Милерз

1Елена Вајт, Воспитување, ориг. стр. 80.

Екехарт Милер работи како заменик директор на библискиот истражувачки институт.

 

Прашања за размислување и разговор

  1. Даниел темелно и со молитва го проучувал Светото писмо. Проучувањето на кои текстови лично ви помогнало?
  2. Новата светлина ни помага подобро да го разбереме Писмото и неговите учења. Како тоа може да ни помогне да се соочиме со болките и неволјите во животот? Како може да ни ја покаже Божјата љубов?

 

Главна мисла: Бог е подготвен духовно да нè оживее, да го промени и збогати нашиот живот.