Пеење песни од Светото писмо – Пеењето песни од Светото писмо го истерува сатанатa

Пред три илјади години Светиот Дух го вдахнал псалмистот да напише една песна. Во центарот на таа бибилиска песна се наоѓа Божјето слово. Можеби ќе препознаете некои делови од тој Псалм: „Заради словото Твое оживеј ме.“ „Објавувањето на Твоите зборови просветлува.“ „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја.“ „Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред тебе.“

Дали знаете кој Псалм е во прашање? Така е! Псалм 119 (стихови 154, 130, 105 и 11). Ве повикувам да ја прочитате оваа вдахната библиска песна. Пораката е јасна. Бог ни го открива Своето слово што носи светлина и обновувачка сила во нашиот живот.

Повеќе од зборови

Исус ја прифатил таа вдахната библиска песна и остатокот на Светото писмо не само како корисна збирка на верски идеи или приказни за Бога. Светото писмо било, и сè уште е вдахнато Божје слово. Кога сатаната го искушувал Исус во пустината, Исус му одговорил на сатаната цитирајќи го Светото писмо. Му рекол: „Напишано е – , Човек не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4,4; цитирано од 5. Мојсеева 8,3).

Како ги примаме зборовите кои излегуваат од Божјата уста? Преку усмените и писмените сведоштва на Божјите пророци. Апостол Петар, вдахнат со Светиот Дух, ги кажал овие зборови: „А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што нему му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца. Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух“ (2. Петрово 1,19-21). Кога Господ го повикал Еремија во пророчка служба, Еремија одговорил: „О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад“ (Еремија 1,6) Но Господ му кажа на Еремија: „Не вели: – млад сум; – зашто до сите до кои ќе те испратам ќе одиш и сè што ќе ти заповедам ќе кажеш“ (7 стих). Тогаш Господ ги допрел усните на младиот пророк и рекол: „Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја“ (9 стих).

Божјето слово е одбрана

Божјето слово е одбрана против непријателот. Кога Исус отишол во пустината после крштевањето, тоа време на молитва и осаменост за сатаната било прилика да го нападне. На секое искушение на сатаната Исус одговорил со Божјето слово. Како го правел тоа? Дали под својата облека имал некој скриен свиток? Не. Исус верувал дека Светото писмо е Божје слово, па го затворил во своето срце. Одвоил време да го запамети и усвои. Кога непријателот го нападнал, Исус знаел како да се одбрани. Тој го употребил „духовниот меч, кое е Божјето слово“ (Ефесјаните 6,17).

Грчката именка преведена како „слово“ во Матеј 4,4 и Ефесјаните 6,17 е rhema и укажува на посебно слово или изјава. Кога сатаната го започнал нападот, Исус не ја подигнал Библијата или библискиот свиток како некоја амајлија и не повторувал: „Библија, Библија, Библија.“ Не. Исус одговорил на нападите на сатаната со одредени зборови од Писмото.

Зошто Светото писмо претставува одбрана од непријателот? Затоа што сатаната лаже и измамува, а Божјето слово е вистина. Кога сатаната ви кажува: „Ти си грешник. Ти си губитник. Откажи се, ќе бидеш осуден“, Божјето слово ти укажува на Исус и ти ја открива вистината: „Ако ги признеме своите гревови, верен е и праведен да ни ги прости гревовите и да не очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1,9). Вистината на Божјето слово ги растерува лагите на сатаната.

Кога сатаната се обидува да ве застраши, Божјето слово ви укажува на Исуса кој ви ја зборува вистината: „Не плаши се! Јас сум Првиот и Последниот и Живиот. Бев мртов, и ете, и жив сум за сите векови и ги имам клучевите од адот и смртта“ (Откровение 1,17.18).

Кога сатаната се обидува да ви стави овоземни товари, Божјето слово укажува на Исус кој ви ја кажува вистината: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28).

Три практични совети

Бог сака да ја искусиш обновувачката сила на Неговото слово во својот живот. Еве три практични начини како да го исполните срцето со Божјето слово: 1) исполнетост – секој ден читајте ја Библијата исполнувајќи го на таков начин својот ум со Божјето слово. Бидете сигурни дека Светиот Дух ќе ви помогне да се сетите на словото кога тоа ќе ви биде потребно (Јован 14,26). 2) картички за учење на библиски стихови – изберете некој дел од Светото Писмо и запишете го на картички. Носете ги картичките со себе и често повторувајте ги запишаните стихови за да го сокриете Божјето слово во срцето свое (види Псалм 119,11). 3) библиски песни – учете песни од Светото писмо или напишете ги сами. Исус со помош на библиски песни го сокривал Божјето слово во своето срце.1 Додека пеете библиски песни за време на богослужението или во текот на секојдневните активности, Божјето слово ќе се втисне во вашиот ум. Тогаш поделете го Божјето слово со своите ближни.

Пред неколку години на еден пастор му е упатен повик да оди и да се моли за Божји благослов над еден дом. На една жена со име Гленда неодамна  и умрел сопругот, а празноверието на нејзината култура учело дека духот на нејзиниот мртов сопруг ќе дојде во куќата четириесет дена по неговата смрт. Една седмица после смртта таа слушнала некои звуци во делот на куќата каде умрел нејзиниот маж. Гленда била образована жена, но не знаела како да се соочи со оваа натприродна појава. Кога пасторот се подготвувал да појде кај Гленда на посета, бил поттикнат да и однесе CD со духовни песни. Ја охрабрил Гленда да ги слуша дома овие песни и така да го затвори Божјето слово во своето срце. Следното утро Гленда возбудено кажала преку телефонот: „Звуците исчезнаа!“ Духот што ја вознемирувал Гленда е истеран од нејзината куќа со силата на Божјето слово. Гленда ја доживела обновувачката сила на Божјето слово и нејзиниот живот се променил.

Заклучок

Божјето слово и понатаму е одбрана од непријателот. Сега ни е потребна неговата сила повеќе од било кога порано. „Зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време“ (Откровение 12,12). Одвојте време за проучување на Божјето слово. Одвојте време да го затвоите словото во своето срце. Молете се заедно со псалмистот: „Заради словото Твое оживеј ме“ (Псалм 119,154), и секој ден искусете ја обновувачката сила на словото.

Дерек Морис

1Елена Вајт, Копнежот на вековите, ориг. стр. 73.

Дерек Морис е уредник на списанието Ministry, меѓународно списание за свештеници.

Прашања за размислување и разговор

  1. Зошто Божјето слово го замолкнува сатаната?
  2. Дали е навистина возможно да се биде исполнет со Светото писмо?
  3. Како учењето на библиски стихови напамет може да нè сочува од гревот?

Главна мисла: Исус со помош на библиски песни го сокривал Божјето слово во срцето.