Текстови

Пробудување и мисија – Наша лична и заедничка одговорност

Ние имаме света вест која треба да ја однесеме на светот. Вестите на трите ангели не е измислена човечка теорија или нагаѓање на човечката фантазија, туку свечена вистина дадена од Бога за последното време. Тоа е последната опомена упатена до душите што гинат.

…Божјите заповеди и сведоштвото на Исус треба да го привлечат вниманието на светот. Веста за доаѓањето на Спасителот мора да се објави. Сликите за Судот мора да бидат доловени пред умовите на непосветените луѓе, срцата мора да бидат воздигнати за да ја сфатат сериозноста на последните часови од времето на милоста и пробата, за да се подготват да го сретнат Бога.

Светлината што го осветлила вашиот пат не ви е дадена само вие да се радувате на неа, за подобро да го разберете Светото писмо и појасно да го согледате животот, туку и да станете светлоносци и да го однесете фаќелот на вистината на мрачните патишта на вашите ближни. Треба да бидеме Исусови помошници. Треба да го следиме примерот што ни го оставил во својот секојдневен овоземен живот. Тој не водел лагоден живот посветен на себе. Тој се трудел вложувајќи постојани, сесрдни, сериозни напори за спасението на изгубеното човештво… Кажал: „Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина“ (Марко 10,45).

Исусовиот пример на мисионска работа

Кога имал само дванаесет години, Божјиот Син се нашол меѓу учените рабини вршејќи ја својата служба. Кога го прашале зошто по празникот останал во Ерусалим, одговорил: „Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она што е на Мојот Отец?“ (Лука 2,49). Тоа била најголема цел во Неговиот живот. Сè друго било споредно. Негова храна и питие биле да ја изврши Божјата волја и да ја заврши Неговата работа. Себичните интереси не биле дел од Неговата работа. Љубовта кон Бога и кон луѓето го бара целото срце и не остава место за себичност во животот. Исус изјавил: „Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; зашто настапува ноќ кога не ќе може никој да работи“ (Јован 9,4)…

Пред нас е голема задача. Работата што го привлекува вниманието и го става во движење целото небо е доделена на Неговата црква. Исус кажал: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16,15). Работејќи во Божјето дело се среќаваме со истите тешкотии со кои се сраќавал и Исус и кои реформаторите на сите времиња морале да ги совладаат. Ние мораме сите свои сили да ги ставиме на Христова страна и да одиме напред со цврста доверба во Бога.

Клучот на пробудувањето

Задача на Христовите апостоли била да ги научат мажите и жените да ја шират радосната вест за распнатиот и воскреснат Спасител. Секоја душа што го прифатила Евангелието чувствувала дека нејзина света обврска кон Господ Исус е да ги учи другите на патот на спасението. Ова е духот кој треба да не поткрене, бидејќи по тоа прашање владее голема рамнодушност во нашите цркви и тоа е причината зошто во нашиот христијански живот нема поголема духовност и сила. Ако тргнете на работа онака како што сака Христос да работат неговите ученици, и на луѓето им ја приближите вистината, ќе чувствувате потреба за подлабоко искуство и поголемо знаење за божествените нешта, ќе бидете гладни и жедни за правда. Ќе се молите на Бога, вашата вера ќе биде засилена, а вашата душа напоена на изворот на спасението. Соочувањето со противењата и искушенијата ќе ве приближи до Библијата и молитвата и тогаш ќе тргнете напред заедно со Бога на луѓето да им го отварате Светото писмо. Ќе растете во милоста и познавањето на вистината, вашето искуство ќе биде богато и исполнето со сладок мирис…

Тргнете на работа, браќа. Нема големите состаноци, собири или сабори да ја придобијат Божјата наклоност. Најскромните напори на несебичната љубов ќе бидат крунисани со Неговите благослови и голема награда. Работете колку е тоа во ваша моќ и Бог ќе ги зголеми вашите способности. Ниедна црква не треба да мисли дека е премногу мала за да го шири своето влијание и да се вклучи во големото дело за ова време. Никој нека не се повлекува затоа што има други кои можат да ги употребат своите дарови во Божјето дело. Извршете го својот дел. Бог никого нема да го ослободи од неговата задача. Исус секому му дал своја работа (Марко 13,34), и секој ќе прими награда „според делата негови“ (Откровение 22,12). На секого ќе му биде судено според она „што го извршил во телото“ (2. Коринтјаните 5,10), и секој „ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14,12)…

Прифатете ја работата секогаш и секаде. Посветете се на онаа работа што ви е најблиска, колку и да е скромна и незабележлива. Работете на Божја слава и на благослов на ближните. Отстранете го погледот од своето јас со сериозна намера и молитви проникнати со вера да работите за Оној што умрел за вие да можете да живеете. Одете кај своите соседи, зближете се со нив за вашата несебична љубов и грижа за нив да ги загрее нивните срца. Сочувствувајте со нив, молете се за нив, правете им добро кога за тоа ќе се укаже прилика, собирајте се и отварајте го Божјето слово. Стражарете како оние кои мораат да дадат извештај за душите на луѓето и искористете ги предностите што Бог ви ги дава да работите со Него во неговото лозје. Не занемарувајте го разговорот со ближните и да им правите добро колку што е тоа во ваша моќ, за „на каков и да било начин да спасам некои од нив“ (1. Коринтјаните 9,22)…

Пробудувањето започнува на лично ниво

Кога некои цркви ќе доживеат пробудување тоа е затоа што некоја личност сесрдно го барала Божјиот благослов. Таа е гладна и жедна за Бога, го бара со вера и според верата добива. Таа ревно тргнува на работа целосно потпирајќи се на Господа. Останатите се поттикнати да бараат исти благослови и освежување ги исполнува срцата на луѓето. Големиот налог нема да биде занемарен. Поголеми планови ќе се остварат во одредено време, но со лични, индивидуални напори и заинтересираност за пријателите и соседите ќе се постигне многу повеќе отколку што мислиме…

Оние што имале најголеми успеси во придобивањето на душите се мажи и жени кои не се гордееле со своите способности, туку кои работеле во понизност и со вера. Божјата сила им помогнала во нивните напори во обраќањето на срцата на луѓето. Исус го извршувал тоа дело.

Тој не го чекал мноштвото. Најголемите вистини им се доверени на поединци. Жената Самарјанка на изворот ги слушнала прекрасните зборови: „А кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4,14).

Разговорот со понизната Самарјанка не бил залуден. Зборовите кои потекле од устата на божествениот Учител го раздвижиле срцето на слушателката. Таа со радост ги прифатила. Ја почувствувала силата на Неговиот свет карактер и небесното влијание на Неговите вистинити зборови. Нејзиното срце било исполнето со совршена доверба. Заборавајќи зошто дошла на изворот, побрзала да ја објави Неговата слава на своите сограѓани. Мнозина ја оставиле својата работа и отишле да се сретнат со странецот на Јакововиот извор. Го опсипале со прашања и со голема желба ги прифатиле објаснувањата на она што не го разбирале. Нивната збунетост почнала да исчезнува. Биле како луѓе кои во мрак следеле малечок зрак на светлина сè додека не излегле на дневна светлина. Резултатот од Исусовата работа, додека уморен и гладен седел кај изворот, бил обилно благословен. Една душа околу која се трудел станала орудие. Таа ги досегнала другите и ги довела кај Спасителот на светот.

Пробудувањето ја поттикнува мисионската работа – а мисионската работа пробудувањето

Ова е единствениот начин на кој Божјето дело напредува на земјата. Нека свети вашата светлина и другите ќе бидат вдахнати со неа.

…Мрзливоста и религијата не одат заедно. Причината за нашиот слаб духовен живот и искуство е неактивноста во Божјето дело. Мускулите на телото стануваат слаби и бескорисни ако не вежбаат, а така е и со духовниот живот. Ако сакате да бидете силни морате да ги вежбате своите сили. Вежбајте ја верата во Бога испитувајќи ги Неговите ветувања додека го земате својот крст и го подигате својот товар. Ставете го својот јарем на Христа и испитајте ги Неговите зборови: „И ќе најдете мир за душите свои“ (Матеј 11,29). Отворете го Светото писмо пред некој кој е во темнина и нема да се жалите на уморот и незаинтересираноста за вистината. Вашето срце ќе биде пробудено преку грижата за ближните и исполнето со радост преку доказите на верата. Ќе знаете дека „кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен“ (Изреки 11,25). Со жива вера барајте ги Божјите ветувања…

Има премногу скриени и закопани дарови… Кога Исус заминал на небото, на секого му дал задача, и „немам што да работам“ е неоправдан изговор. „Немам што да работам“ е причина за расправии меѓу браќата, бидејќи сатаната ги исполнува мислите на неработниците со своите планови. Вашето незапослено срце и ум му овозможуваат да сее семе на сомнежи и скептицизам. Оние што не работат ништо се занимаваат со оговарање, обвинувања, клеветење и предизвикување неприлики. Безделничењето доведува до лажно сведочење меѓу браќата и до раздори во Христовата црква. Исус кажува: „Кој не собира со Мене, тој растура“ (Матеј 12,30).

Божјиот закон е фрлен под нозете, крвта на заветот е презрена, можеме ли тогаш да ги прекрстиме рацете и да кажеме дека немаме што да работиме? Да станеме! Борбата сè уште трае. Вистината и заблудата се приближуваат кон својот последен судир. Да застанеме под знамето испрскано со крвта на Принцот Емануел, и да се бориме во добрата борба на верата, да ја освоиме вечната слава, бидејќи вистината ќе триумфира, а ние можеме да бидеме повеќе од победници преку Оној што нè сака. Времето на пробата се приближува кон својот крај. Со сегашното дело влегуваме во вечниот живот каде ќе го славиме нашиот небесен Татко и стануваме орудие во Неговите раце преку кое ќе се спасуваат душите за кои Христос умрел.

Елена Вајт

Ова е дел од статијата која прв пат била објавена во Advent Review and Sabbah Herald, 13. март 1888 година. Адвентистите веруваат дека Елена Вајт (1827-1915) имала библиски дар на пророштво во текот на повеќе од седумдесет години од нејзината јавна служба.

Прашања за размислување и разговор

  1. На кој начин се поврзани пробудувањето и мисионската работа? Наместо да се занимаваме со пробудување, зошто да не се сосредоточиме на ширењето на евангелието и да „го завршиме делото“?
  2. Прочитајте ја сторијата за жената Самарјанка на изворот во Јован 4. На кој начин Исус допрел до нејзиното срце? Можеме ли и ние да го примениме тоа во нашата мисионска работа?
  3. Ние често сметаме дека нашиот придонес во мисионската работа е слаб и безначаен. Што мислите, што би ни кажал Исус кога така се чувствуваме? Што лежи во центарот на мисионската работа?

Главна мисла: Нека свети вашата светлина и другите ќе бидат вдахнати со неа.